Во сенка на украинската војна, под радарот на светската јавност помина веста дека дошло до случајно лансирање крстосувачка ракета од територијата на една нуклеарно вооружена држава – Индија, кон територијата на друга нуклеарно вооружена држава – Пакистан. Проектилот упатен од индиска територија леташе со брзина од речиси 3.000 километри на час, но Пакистан не реагираше избрзано и не го активира својот нуклеарен противодговор кон Индија…
Додека светот стравува од нуклеарна ескалација на војната во Украина
На 9 март, за време на рутинското одржување и контрола на индискиот ракетен систем „Брахмос“ дојде до случајно лансирање на еден од проектилите, кој преку индиска територија премина на територијата на Пакистан и во близината на градот Миан Чан, оддалечен нешто повеќе од 100 километри од западната пакистанско-индиска граница, и го погоди хотелот „Бакшу Макан“, за среќа без човечки жртви.
Со оглед на тоа што светското внимание, со право, е насочено кон Украина, овој настан не го доби заслуженото внимание. Меѓутоа, инцидентот е навистина сериозен, затоа што укажува на една сè поголема опасност – современите оружја, кои секојдневно стануваат сè поавтономни, честопати поради технички причини успеваат да ѝ избегаат на човечката контрола, или, пак, поради својата сложеност предизвикуваат грешки што се резултат на човечки фактор и може да доведат до катастрофални последици.
Не е толку лесно да се донесе одлука за уривање нешто за кое не се знае што е
Во овој случај, пакистанската страна ја забележала ракетата што навлегла на нејзината територија, но немала ниту време ниту, пак, можност да провери за што станува збор и да ја сруши пред да се урне.
Позитивното во овој инцидент е што Пакистан, откако на своите радарски системи го забележал доаѓањето на проектилот упатен од индиска територија, кој летал со брзина од речиси 3.000 километри на час, не реагираше избрзано и, мислејќи дека станува збор за нуклеарен напад, го активира својот нуклеарен одговор кон Индија. Имено, го стави во состојба на готовност целиот свој противвоздушен систем, кој остана активен во текот на целата наредна недела.
На 9 март, пакистанските воздухопловни сили забележале екстремно брз летачки објект на оддалеченост од 104 километри во индиска територија, во близината на Сирс, во индиската држава Харјана. Според директорот за односи со јавност на пакистанските воздухопловни сили, вицемаршалот Тарик Зи, објектот летал во насока на југозапад, со брзина помеѓу 2,5 и 3 маха. Откако прелетал 70-80 километри, во 18.45 часот објектот нагло свртел кон северозапад и ја преминал индиско-пакистанската граница. Според пакистански извори, летачкиот објект потоа продолжил по истата траекторија, сè додека не се урнал во близината на пакистанскиот град Миан Чан. Пакистански воени претставници изјавија дека, од летот со вкупно траење од 6 минути и 46 секунди, објектот лансиран од индиска територија над територијата на Пакистан летал 3 минути и 46 секунди, а пред да падне поминал 124 километри во рамките на пакистанскиот воздушен простор. Пакистанските воени сили тврдат дека нивните радарски системи навреме го детектирале објектот, но дека немало доволно време со сигурност да се утврди неговиот идентитет. Тие тврдат и дека имаат средства за негово уривање, но дека постоел преголем ризик. Не е толку лесно да се донесе одлука за уривање нешто за кое не знаете што е, дали е вооружено или не и дали неговото уривање би предизвикало поголема штета од неговото самостојно паѓање.
Во првите моменти по настанот, пакистанските и индиските извори не излегоа со јавна потврда околу тоа за каков вид проектил станува збор и дали има боева глава.
Меѓутоа, на конференцијата за печат, одржана на 10 март, пакистанските воени претставници изјавија дека засега може да заклучат дека станува збор за суперсоничен проектил лансиран од тлото на Индија и дека дејствувал како ракетите од видот земја – земја. Сепак, набргу потоа беа изнесени и нови службени податоци, од кои јасно се гледа дека се работи за индиска крстосувачка ракета од типот „брахмос“, развиена во меѓусебната соработка на индиската и руската воена индустрија.
Индија веднаш призна дека случајно лансирала ракета „брахмос“
„Брахмос“ е суперсонична крстосувачка ракета, односно проектил, бидејќи користи т.н. млазен мотор на набој, или рамџет, кој е развиен од страна на индиската воена индустрија во соработка со Русија. Таа може да биде лансирана од копнени, поморски или воздушни платформи и се движи со максимална брзина од речиси 3 маха.
Постојат неколку верзии на проектилите „брахмос“, меѓу кои е и онаа со најкраток дострел под 300 километри, но на 20 јануари годинава индиското министерство за одбрана соопшти дека вовело во оператива нова верзија на „брахмос“, која располага со дострел поголем од 500 километри. Официјални американски извори ја класифицираат „брахмос“ во групата на конвенционални оружја, иако индиските медиуми често нагласуваат дека оваа ракета може да носи нуклеарна боева глава.
Индија веднаш призна дека случајно лансирала ракета „брахмос“ и поведе истрага за настанот. На почетокот, официјални индиски извори излегоа со тврдење дека дошло до техничка грешка, но набргу ја променија приказната и објавија дека причина за случајното лансирање е човечка грешка, започнувајќи истрага против најмалку четири одговорни службени лица. Ова најверојатно е направено поради очекуваниот извоз на ракетите „брахмос“ во други држави. Така, на 28 јануари годинава, Индија и Филипините потпишаа договор за купопродажба на „брахмос“, вреден 375 милиони долари, што во овој момент претставува најголем извозен договор за Индија.
Дополнителниот извоз на овие ракети и во други земји ќе биде од клучно значење за амбициозните цели на Индија што се однесува на извозот на оружје и воена опрема до 2025 година, а секој негативен публицитет поврзан со можен технички дефект кај „брахмос“ би можел да ги загрози тие цели. Оттука, без разлика дали се зборува вистината или не, најелегантно решение е овој инцидент да му се припише на човечки фактор.
„Брахмос“ не летала случајно во правец на Пакистан?!
Во системот на ракетата биле внесени податоци за програмираниот дел од летот, кој, во случај на воен судир, очигледно би бил насочен кон Пакистан. Сепак, за среќа, податоци за крајната дестинација не биле внесени. Наедно, среќа е и што во проектилот не бил вграден модул со боева глава.
Факт е дека светот е преполн со најразлични видови оружје за секаква намена, кои секојдневно стануваат сè посложени, а често се наоѓаат и на работ на безбеден и ефикасен технолошки спектар. Во своето дејствување, откако човекот ќе му ја одреди целта, оружјето – особено ракетните системи – во сè поголема мера станува автономно и независно од човечкиот фактор. Оттука, тоа е подложно, како и сите производи на високата технологија, да се однесува каприциозно поради своите алгоритми, додека, од друга страна, расте и можноста за грешки на персоналот кому ова оружје му се предава на користење.
Така, во летото 2016 година, екипажот на тајванската ракетна корвета „џин чианг“ (ПГГ – 610), за време на слетувањето во матичната база Зуојинг на југозападниот брег на Тајван, ненамерно лансирал противбродски проектил од типот „ксиунг фенг III“. Случајно испуканата ракета, која во завршната фаза од летот ја детектира својата цел и се насочува кон неа, прелетала речиси 80 километри во Тајванскиот Теснец.
Откако радарската глава регистрирала тајвански рибарски брод, проектилот се пренасочил кон него. На погодениот брод, кој едвај се одржал на површината, загинале капетанот и поголем број членови на посадата.
Тајванскиот случај укажува на опасноста од автономното дејствување на современите системи за оружје, затоа што во мигот на инцидентот не било вршено никакво боево гаѓање, ниту пак лансираната ракета била насочена кон одредено подрачје или цел. Таа едноставно тргнала во сосема случајна насока и летала сè додека не пронашла цел врз која се насочила.
Светот веќе бил сведок на прескапи грешки
Во случајот со несаканото лансирање на индиската ракета „брахмос“ во правец на Пакистан им се посвети особено внимание на реакцијата на пакистанската противвоздушна одбрана и на процената дали таа можела и требало да го сруши непознатиот летачки објект што со огромна брзина влетал во пакистанскиот воздушен простор. Сосема е сигурно дека пакистанската противвоздушна одбрана го регистрирала и дека немало доволно време да се утврди за што станува збор, најмногу поради брзината на објектот – поголема од онаа на борбените авиони што би требало да извршат идентификација, дури и во случај тие веќе да биле во воздух. Останува прашањето дали во оваа конкретна ситуација Пакистанците воопшто биле способни да ја срушат крстосувачката ракета што доаѓала во нивен правец.
Освен тоа, пакистанските воени претставници нагласија дека во време на мир и без прогласена непосредна воена закана, а во отсуство на проверка, не може да се руши секој неидентификуван летачки објект. На пример, во моменти на напнати односи со САД, Иранците во јануари 2020 година реагираа избрзано и не сакајќи со проектилот „бук“ срушија украински патнички авион. Ја признаа грешката и им исплатија отштета на семејствата на загинатите патници, но тоа не може да ги врати загубените човечки животи, кои беа последица на непромислената и избрзана реакција на иранската противвоздушна одбрана.
Од анализата на Марио Стефанов за „Геополитика њуз“