Во пресрет на состанокот на претседателот на САД, Џо Бајден, со шефицата на Европската Унија, Урсула фон дер Лејен, кој треба да се реализира в петок, во Вашингтон, во западните медиуми протече информацијата дека САД пред средбата ѝ понудиле на ЕУ два пакета ставови за разгледување.
Едниот пакет би можел да биде насловен „предупредувања за Кина“ и се однесува на американски ставови што „Брисел од свое име би ги испратил како предупредувања до Пекинг“. Вториот пакет содржи „ветувања на САД за ЕУ“, поточно пакетот би можел да биде насловен „ветувања“ од Вашингтон до Брисел дека „ЕУ ќе добие модели за смирување на трговските спорови со САД“ доколку Брисел се синхронизира со Вашингтон во однос на заземањето заеднички ставови, односно мерки и активности кон Кина

Во пресрет на состанокот в петок меѓу претседателот на САД, Џо Бајден, и шефицата на Европската Унија, Урсула фон дер Лејен

Во пресрет на состанокот на претседателот на САД, Џо Бајден, со шефицата на Европската Унија, Урсула фон дер Лејен, кој треба да се реализира в петок, во Вашингтон, во западните медиуми протече информацијата дека САД пред средбата ѝ понудиле на ЕУ два пакета ставови за разгледување.
Едниот пакет би можел да биде насловен „предупредувања за Кина“ и се однесува на американски ставови што „Брисел од свое име би ги испратил како предупредувања до Пекинг“.
Вториот пакет содржи „ветувања на САД за ЕУ“, поточно пакетот би можел да биде насловен „ветувања“ од Вашингтон до Брисел дека „ЕУ ќе добие модели за смирување на трговските спорови со САД“ доколку Брисел се синхронизира со Вашингтон во однос на заземањето заеднички ставови, односно мерки и активности кон Кина.

Предупредувања и ветувања

На страната на „предупредувањето“, американската влада споделува разузнавачки информации со Европа каде што сугерира дека „Кина размислува да ја вооружи Русија во нејзината војна против Украина“. Некои европски лидери – како германскиот канцелар Олаф Шолц – издадоа строги предупредувања до Кина да не го прави тоа, додека други – вклучувајќи ја и Фон дер Лејен – беа повнимателни за пренесување на тврдењата на САД.
На страната на „ветувањата“, американските власти ги уверуваат Европејците дека „европските компании ќе добијат пристап до некои даночни олеснувања и субвенции од историскиот закон за климата во САД усвоен минатата година“.
Како што стојат работите засега, во пресрет на состанокот на претседателот на САД, Џо Бајден, со шефицата на Европската Унија, Урсула фон дер Лејен, одговорот не ЕУ е двовалентен. Имено, нема консензуален став од Брисел, а повеќе европски земји се двоумат да се повлечат од профитабилниот кинески пазар (не само Германија, која има силни трговски врски со Кина).
Ваквите натегања ги открија долготрајните поделби меѓу Соединетите Американски Држави и европските земји за тоа како да бидат третирани, како што самите велат, „растечката економска моќ и воената моќ на Кина“?
– Европејците веќе доживеаја длабока економска траума поради отсекувањето на Русија. Тие не можат да замислат да ја отсечат и Кина – рече Хедер Конли, поранешна претставничка на Стејт департментот, која ги надгледуваше европските и евроазиските прашања во администрацијата на Џорџ В. Буш.
Но како што се зголемува притисокот на САД врз Европа и разузнавачките информации во врска со Кина стануваат сѐ пофреквентни и пообемни, во смисла на тоа дека содржат индикатори преку кои САД ѝ сигнализира на Европа дека Кина ѝ е претстојна опасност, постојат сигнали дека американската кампања може да даде плод. На пример, Германија соопшти дека разгледува дали треба да продолжи да користи опрема од кинеските „Хуавеи“ и ЗТЕ; понатаму, Холандија изминатата недела соопшти дека ќе ја блокира продажбата на напредни печатачи со чипови во Кина.
Поранешната претставничка на Стејт департментот, Конли, тврди дека добивањето повеќе од Европа бара преиспитување на приоритетите на политиката на САД.
– Ова е моментот кога САД треба да создадат алтернатива додека работиме на зајакнување на Европа и нашите сојузници во Азија – рече Конли, која сега е претседател на Германскиот Маршалов фонд на САД. Таа тврди дека тоа значи дизајнирање законодавство за технологија, критични минерали и синџири на снабдување што ги има на ум потребите на сојузниците – нешто што не го направи неодамнешното законодавство на САД, со акцент на американската индустрија.

Брисел се надева дека ќе добие преференцијален статус од САД

Европските претставници се надеваат дека ќе постигнат напредок кон обезбедување договор за пристап на ЕУ до програмата за субвенции направени во Америка, создадена со Законот за намалување на инфлацијата (ИРА). Двете страни сега имаат специјално ослободување што ќе им даде на компаниите од ЕУ ист пристап до стимулациите што САД им ги нудат на партнерите за слободна трговија како Канада и Мексико. Конечниот договор не се очекува оваа недела, сепак, со какви било промени можеби ќе треба претседателска извршна наредба, имајќи предвид дека во Вашингтон нема апетит за повторно отворање на гореспоменатиот закон ИРА.
Во замена, ЕУ ја промовира идејата за „клуб“ за критични суровини – „група земји со истомисленици што ќе се здружат за да се борат против доминацијата на Кина на терен“.
Во Европа особено има недостиг од сурови минерали како што се литиум и кобалт – клучни материјали што се компоненти во сè, од автомобилски батерии до соларни панели. Фон дер Лејен силно се фокусираше на идејата за време на посетата на Канада во вторникот, сугерирајќи дека Канада може да ѝ ги понуди на Европа многу потребните ресурси.
– Кина произведува 98 отсто од резервите на ретки земји во Европа. Европа треба да ја отстрани оваа зависност – рече Фон дер Лејен, а официјален претставник на ЕУ потврди дека ова е заедничка цел со САД.

Администрацијата на Бајден верува дека Европејците се многу поблиску до гледиштето на САД сега отколку порано

Висок функционер од Стејт департментот истакна дека прифаќањето построг пристап кон Кина од Европејците било во фокусот на администрацијата на Бајден од нејзиниот почеток и дека администрацијата верува дека Европејците се многу поблиску до гледиштето на САД сега отколку порано.
– Европејците се со нас. Работиме на ова заедно токму затоа што сега ја имаме оваа конвергенција што претходно ја немавме – рече официјалниот претставник.
Но сѐ уште лебдат сомнежи дека чекорот што ќе го направи Европа би можел да биде далеку од она што го сака администрацијата на Бајден во однос на економската изолација на Кина.
– САД се обложуваат на тоа дека Европа навистина ќе се засили и материјално ќе придонесе во соочувањето со Кина. Сепак, лидерите на најголемите европски економии отворено кажуваат дека не се заинтересирани за раздвојување и значајни санкции кон Кина во случај на конфликт. Значи, ако администрацијата на Бајден мисли дека нивната политика за Европа функционира во светло на кинескиот предизвик, има огромни исклучоци, односно несогласување со таквиот став – вели Елбриџ Колби, поранешен функционер во Министерството за одбрана, кој се залагаше за поискусна политика на САД кон Кина.

ЕУ сака да „отфрли ризик“, но не и да се „раздвои“ од Кина

Фон дер Лејен уште во јануари на Светскиот економски форум во Давос рече дека ЕУ сака да „отфрли ризик“, но не и да се „раздвои“ од Кина. Но постојат знаци дека политиката на ЕУ кон Кина се зацврстува. Претставниците на ЕУ во последните неколку недели сигнализираа дека блокот е подготвен да ја санкционира Кина доколку Пекинг ја премине нивната црвена линија и ѝ обезбеди оружје на Русија.
Американските дипломати од Лондон до Виена и до Берлин споделија разузнавачки информации поврзани со Кина со нивните европски колеги за да се обидат да ги убедат дека Пекинг размислува да испрати оружје и да заземе построг економски и политички став кон земјата. Новите разузнавачки информации од САД за ЕУ укажуваат на тоа дека „Кина размислува да испрати беспилотни летала, муниција и друго мало оружје во Москва во обид да помогне во нејзините напори во Украина“. Разузнавачките податоци на САД, исто така, откриваат дека Русија останува без одредени оружја и муниција и станува сè поочајна за странска помош. Москва во последниве месеци посредуваше во договори со Иран и Северна Кореја за да помогне во поддршката на операциите на бојното поле. Американските власти се загрижени дека Пекинг би можел да биде следен.
Можно е американските функционери да споделуваат различно ниво на разузнавање со различни земји или институции. Земја како Британија, која е членка на разузнавачката алијанса, на пример, најверојатно ќе има поголем пристап од другите што не се во тој клуб.
Фон дер Лејен изминативе денови предизвика мала конфузија велејќи дека Соединетите Американски Држави досега не понудиле „никаков доказ“ за сомнителните размислувања на Кина. Но портпаролот на Фон дер Лејен неделава истакна дека таа зборува за телото што таа го води – Европската комисија. На неделна прес-конференција со Фон дер Лејен, германскиот канцелар Шолц, пак, изјави дека Кина понудила гаранции дека нема да испраќа оружје во Русија.
Во пресрет на состанокот на претседателот на САД, Џо Бајден, со шефицата на Европската Унија, Урсула фон дер Лејен, кој треба да се реализира в петок, во Вашингтон, многу прашања засега остануваат отворени. Р.Н.М.


Заедничка флота на нуклеарни подморници на САД, Британија и Австралија

На средбата на највисоко ниво во Сан Диего, Калифорнија, САД, Велика Британија и Австралија ги објавија деталите од својот план за создавање флота на нуклеарни подморници, за да се спротивстават на влијанието на Кина во Индопацифичкиот Регион. По средбата на американскиот претседател Џо Бајден со британскиот и австралискиот премиер Риши Сунак и Ентони Албаниз, меѓу другото, беше соопштено дека врз основа на безбедносниот пакт АУКУС, САД ќе ѝ дадат најмалку три нуклеарни подморници на Австралија.
Трите сојузници исто така заедно ќе креираат нова флота со помош на најсовремената технологија, што вклучува и реактори на „Ролс-ројс“.
На најавите за ваквата информација реагираше Кина, при што беше кажано дека овој поморски пакт ги повредува мирот и стабилноста.
Но Џо Бајден возврати дека целта на договорот е да се зајакне мирот во регионот и дека подморниците ќе бидат на нуклеарен погон, а не нуклеарно вооружени.
– Овој договор нема да ја загрози посветеноста на Австралија да биде земја без нуклеарно оружје – кажа Џо Бајден.
За Австралија, ова е значајно надградување на нејзините воени способности. Таа ќе биде само втора држава, по Велика Британија, која ќе ја добие елитната американска технологија на нуклеарен погон. Со овие подморници, Австралија првпат ќе биде способна да изведува напади со долг дострел против непријатели.
Според договорот, од 2027-та САД и Велика Британија ќе стационираат мал број нуклеарни подморници во Перт, пред Австралија да купи три подморници од моделот „вирџинија“, со можност за уште две. Потоа ќе се дизајнира и изгради сосема нова нуклеарна подморница за британската и австралиската морнарица. Р.Н.М.