Сигналите однадвор се дека ДУИ во опозиција може најефикасно да ги преиспита сите индикатори на криминал и кршења на законите од своите членови и функционери / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од Европскиот фронт порачаа дека владеењето на новата влада нема да биде ни стабилно ни мирно владеење. Дали ова е сериозна закана или само блеф за домашна употреба и покривање на изборно заработените тешки загуби? Ако ја читаме изјавата на поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, тогаш е јасно дека ДУИ е подготвен по 22 години на власт да замине во опозиција

Европскиот фронт на Ахмети се заканува, блефира или бара сламка за спас дома и надвор

Уште пред да се спроведат парламентарните избори ДУИ предупреди – ако имаме еден глас повеќе од коалицијата Вреди ние сме победници и влегуваме во новата влада, а ако имаме помалку гласови ќе одиме во опозиција. Дека беше нарушена позитивната изборна атмосфера со таквата изјава, која е набиена со политички калкулации, беше јасно, но беше јасно и дека победничката коалиција беше решена да го испрати ДУИ во опозиција.
– Изборите не се шведска маса – беше пораката до ДУИ и на нивниот некогашен коалициски партнер.
Потоа следуваат изборите, поништување на гласањето во неколку изборни единици, па прегласување, жалби и конечно коалицијата Европски фронт во јавноста излезе со Декларација за етнички изборен легитимитет. Што сака ДУИ да постигне со ваквите маневри? Има ли политичка и правна основа нивната декларација, која е најавено дека ќе се дистрибуира и во Брисел, Вашингтон…?

Нови вербални закани од Европскиот фронт и повикување на Милошевиќ

Начинот на кој се прави новиот состав на Владата остава кај Албанците огорчено чувство на понижување, изјави во интервју за Телма Аријанит Хоџа, од Европскиот фронт, претседател на Европската демократска партија.
– Ова нема да биде ни стабилно ни мирно владеење – категоричен е Хоџа.
Како и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претходно, така и Хоџа повтори дека никој не може да го спори правото на Европскиот фронт дека е легитимен претставник на Албанци, Турци, Роми и други етнички заедници во државата. Според него, Европскиот фронт предводен од ДУИ е апсолутен победник во одредени региони во државата.
– Знаете какво е чувството на Албанците, кој да ги претставува, како во Југославија, во времето на Милошевиќ, кога се избираа кои Албанци се добри за системот. И ако вам ви изгледа претерано, ова се зборува меѓу граѓаните Албанци. Вреди прифати вазалска политика, потчинета политика. Што ќе им се дава од ВМРО–ДПМНЕ тие ќе го прават тоа – рече Хоџа.
Според него, сето тоа води кон рушење на балансите за градење меѓуетничка доверба. А клучната точка на која се крши сега ДУИ и целиот негов фронт е перцепцијата дека новиот претседател на Собранието, Африм Гаши, не бил избран според волјата на гласачите Албанци, туку врз основа на волјата на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски, бидејќи тој го нема легитимитетот на мнозинството.
Од коалицијата Вреди не мислат така и причината за постизборните маневри на ДУИ ги гледаат во барањето заштита од „корупцијата и акумулацијата на богатството што го направија во текот на годините“.

Зеќирија Ибраими: Некои во опозиција, некои во „Идризово“

Пратеникот од Вреди (Влен), Зеќирија Ибраими, на тврдењата на Хоџа и Европскиот фронт дека Албанците се омаловажуваат, вели дека нема никакви аргументи за такво нешто.
Тој потенцира дека од ДУИ немаат какви било аргументи кој дел од Охридскиот договор се прекршува и со што е прекршен легитимитетот на Албанците. Според него, станува збор за „солзи за власт“, бидејќи по 22 години власт не можат да се замислат себеси во опозиција“, вели Ибраими.
– Албанците сега имаат претседател на Собранието, Албанците ќе бидат претставени во Владата како и секогаш, што уште треба да направиме за да докажеме дека сме партнери и совладетели и никој не се омаловажува, туку напротив се почитува – вели Ибраими.
Пратеникот, говорејќи за коалицијата предводена од ДУИ, додава и дека тие веќе се подготвуваат за опозиција, а некои и за затворот „Идризово“.
Дека ДУИ се подготвува за одење во опозиција индиректно потврди и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој се сретнал со поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета.
– Посебно задоволство е да ве поздравам оваа вечер од Тирана со лидерот на историската партија на Албанците во С. Македонија, Демократската партија, г. Мендух Тачи.
Ја делиме истата оцена дека да се биде во опозиција е многу голема мисија – објави Мета на Фејсбук.
Дали лидерите на Европскиот фронт едно зборуваат дома, а друго надвор? Според изјавата на Тачи тоа се потврдува, зашто само неколку дена пред да оди за Тирана по објавувањето на декларацијата, изјави: „Пораката што денеска ја добиваат од нас со овој многу важен документ е немате каде, со нас треба да разговарате за иднината на Македонија, а не со вашите слуги што ги имате таму. Не сакам да одам понатаму и да зборувам за понижувачката понуда што им ја давате. Понижувачката понуда е обид за понижување на албанската нација“.

Аднан Ќахил: Ако некој смета дека ДУИ е центарот на светот, мислам дека
дебело греши

И професорот Аднан Ќахил ја истакнува силата на бројките, потсетувајќи дека ние сме парламентарна демократија.
– Уставот вели дека тој што има 61 мандат тој формира влада. Значи, има правила на игра, а да се потсетиме дека тие правила еднаш ДУИ ги прекрши. Ако некој смета дека ДУИ е центарот на светот, мислам дека греши. Сѐ се менува, едни доаѓаат на власт други заминуваат. Дали ДУИ сега е во право? Јас мислам дека времето ќе биде најдобриот тест за тоа – вели професорот Ќахил.
Дали ДУИ мирно ќе замине во опозиција? Да ги повториме зборовите на Ќахил – времето ќе го каже тоа. Нема да чекаме многу долго за да видиме каква улога е подготвен Ахмети да преземе.
А на прашањето до еден аналитичар (патем споменато дека тој е Албанец и инсистираше да остане анонимен) „дали за идните акции ќе решава таканареченото ’воено крило‘ во ДУИ“, тој вели дека такво нешто веќе и како да не постои, затоа што многу од командантите на ОНА заминале во други партии, а некои и не живеат на овие простори. На индиректен начин со оваа процена тој исклучува некаква воена опција како начин на решавање на политичките прашања, кои ги истакнаа и пред домашната и пред странската јавност ДУИ и Европскиот фронт.
Единствена опција што се турка и од клучните и носечки претставници од меѓународната заедница, а која има заеднички пресек со старите кадровски структури на ДУИ, е дека како и за Косово така и за Македонија во најскоро време ќе се извадат случаите на „македонските хашки случаи“ и ќе се побара задоволување на правдата, при што соодветно ќе се процесира сиот материјал (архивирана граѓа) каде што индициите и основаните сомненија за извршени кривични дела (воени злосторства) ќе бидат изведени и третирани пред меѓународни кривичноправни институции.


Министрите од ДУИ почнале ги пакуваат куферите

Без разлика на реториката и на предупредувачките пораки содржани во декларацијата на Европскиот фронт за етничкиот легитимитет на гласовите, ДУИ како клучен стожер на власта во заминување се подготвува да оди во опозиција, велат за „Нова Македонија“ доброупатени извори. Според нив, неколку министри веќе подготвиле план за активности во кои се предвидени и проштални средби, односно серија активности пред напуштање на министерските фотелји.
Истите извори велат дека декларацијата на ДУИ е примена на знаење, но и дека по нејзината анализа од неколку западни центри е добиена порака дека топката треба да се спушти и да се живее со новата реалност.

Христо Ивановски