Фото: Архива

ДУИ бара институциите во државата веднаш да започнат сеопфатна истрага за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за сите можни тврдења и информации што произлегуваат од одлуката на американскиот Стејт департментот за негово ставање на „црна листа“ на САД поради „значителна корупција“, изјави денеска министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.

Тој информираше дека партијата ја прифатила одлуката на Мерко по неговата вчерашна средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за замрзнување на неговото членство во Централното претседателство и Генералниот совет на партијата додека трае истрагата против него, а во исто време партијата ги прекинува и сите внатрепартиски изборни активностите во Струга додека не се создадат нови околности.

– ДУИ ги повикува сите државни институции, во соработка со меѓународната заедница, да започна истрага за сите политички партии, од претседателите, до најниските ешалони на одлучување, бидејќи само на тој начин ќе можеме да се бориме против корупцијата и злоупотреба на темата во партиските препукнувања – рече портпаролот на ДУИ.

Според него, идниот статус на Мерко во партијата, ќе зависи од исходот на истрагата што ќе се води против него.

Османи нагласи дека ДУИ ги охрабрува САД да продолжат со ваквите активности за борба против корупцијата, бидејќи смета дека на тој начин им помагаат на државата и на општеството.

– САД се наш најголем стратешки партнер и сојузник, ние во ДУИ не само што ги почитуваме нивните ставови туку и ги смета за добронамерни. Такви биле од секогаш. Секој успех на оваа држава, носи печат и на САД – истакна Османи.

Тој истакна дека ДУИ има јасни ставови по однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата и во однос на начинот на кој работат носителите на јавни и партиски функции во ДУИ и тие се претворени во формални одлуки на партијата, како што се одлуките за задолжителен ветинг на секој носител на јавна функција и за итна институционална верификација на сите изразени сомневања за носители на јавни и партиски функции.

Стејт департментот во вторникот го прогласи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за „персона нон грата“ за влез во САД, поради, како што беше наведено во соопштението, негова вмешаност во значителна корупција.

– За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во правосудните и другите јавни процеси, на тој начин нанесувајќи штета на довербата на јавноста во демократските институции и претставници. Денешната акција испраќа порака дека САД стојат заедно со Северна Македонија за зајакнување на стабилноста преку зацврстување на демократските институции и решавање на слабостите во владеењето на правото – се наведува во писмената изјава на портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Во соопштението се наведува дека оваа одлука ја „реафирмира посветеноста на САД во борбата против корупцијата, којашто наштетува на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“.

Во одлуката на Стејт департментот се посочува дека забраната за влез во САД се однесува и на сопругата и трите полнолетни деца на Мерко.


Против Мерко има шест активни предмети согласно евиденцијата на ЈО

За струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој од неодамна е на „црната листа“ на САД во евиденцијата на Јавното обвинителство (ЈО) има вкупно шест активни предмети покренати против него. Согласно евиденцијата на Јавното обвинителство, активни се предметите: КО бр. 107/23 , КО бр. 117/23, КО бр. 121/23, КО бр.208/15, КО бр. 15/22, и РО 55/19.

– Јавното обвинителство исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на ова лице врз постапките. Од тие причини, Обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана – велат од ЈО.

​Предметот КО бр. 107/23 е заведен по кривична пријава поднесена од повеќе Здруженија на граѓани, за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ.

-Пријавата е поднесена на 26.04.2023 година, постапува ОЈО Струга и презема дејствија за проверка на наводите, соопшти ЈО.

Предметот КО бр. 117/23 езаведен во ОЈО Струга против него и уште две други лица за кривични дела по член 353 и член 353-в од КЗ, а по кој има испитани лица и редовно се постапува.

Предметот КО бр. 121/23 е примен во ОЈО Струга на 19.05.2023 година и по него се проучува пријавата и предистражната постапка е на почеток.

Предметот КО бр.208/15 отворен е по пријава од УФП за кривично дело по чл.353 ст.1,2. и 5 против него и други три лица.

– Обвинителот што постапува во предметот издал Наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител се уште го чека постапувањето по Наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година – прецизираат од ЈО.

Предметот КО бр. 15/22 е отворен во ОЈОГОКК​ по кривична пријава од група адвокати против три лица, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги, предметот е во предистрага и се постапува по него. 6.​

Предметот РО 55/19 е отврен по анонимна кривична пријава за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Измама против него и повеќе други лица, поврзано со експропријација на земјиште во Струга.

– По слични наводи постапувало и ОЈО Струга и ОЈОГОКК, по што двата предмети се споени, обезбеден е судскиот предмет и дел од списите кои се наведуваат во пријавата. Се наоѓа во фаза на предистражна постапка – велат од ЈО.

Исто така, додаваат, во текот на изминатите години против лицето се водени и повеќе други постапки по поднесени пријави од различни субјекти и институции.