Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Примената на Законот за помилување, со сите негови доградби и надградби, во изминативе години предизвика голем број контроверзни ситуации, кои често завршуваа со политички, па дури и со институционални кризи. Притоа, вниманието на јавноста секогаш се насочуваше кон тој што, во конкретниот момент, беше на позицијата шеф на државата и кому со Уставот му е определено правото да дава помилувања. Но ако се оствари најавата на новоименуваниот министер за правда Никола Тупанчевски, наскоро би требало да има нов закон за помилување, во кој „нема да има простор за погрешно толкување или со некоја одредба да му се даде преголема екстензија на претседателот, односно на министерот за правда или на другите субјекти“

ДОЛГО ОЧЕКУВАЊЕ НОВ ЗАКОН ЗА ПОМИЛУВАЊЕ

Чести, избрзани, необмислени и со дневнополитички и секакви други потреби беа обременети мотивите за измени и дополнувања на законите во нашето позитивно право. Јавноста беше сведок дека во процедурата на донесувањето закони во сите фази се одеше дотаму што речиси секоја постапка и иницијатива можеше да се релативизира и, по потреба, да се стави во негативен контекст, а потоа и да се оспорува не само од страна на пошироката јавност туку и од страна на експертите од дадената област, правосудните органи и други органи на власта, па дури и од страна на надлежните меѓународни институции.

Помилување, амнестија, аболиција… нејаснотии што доведуваат до недоверба кон институтот „државна милост“

Еден од таквите акти е Законот за помилување, со сите негови доградби и надградби и чија примена во изминативе години предизвика голем број контроверзни ситуации, кои често завршуваа со политички, па дури и со институционални кризи. Притоа, вниманието на јавноста секогаш се насочуваше кон тој што, во дадениот момент, беше на позицијата шеф на државата и кому со Уставот му е определено правото да дава помилувања. Тоа, сепак, треба да се разликува од амнестијата, која ја дава Собранието, како две форми на таканаречениот акт на милост што ги дава државата.
Но оваа двојност, како и користењето на изразот аболиција, која не е дел од овдешното законодавство, е само една од помалите нејаснотии што резултира со, најблаго речено, општото чувство на недоверба кон институтот помилување. Можеби затоа некои соговорници сметаат дека кон крајот на минатата година, за првпат по подолгиот период, од сѐ уште недоволно разјаснети причини, не беше применет од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски. Но ако се оствари најавата на новоименуваниот министер за правда Никола Тупанчевски, наскоро би требало да има нов закон за помилување, со кој поединечно определените сторители се ослободуваат од натамошно издржување или им се намалува затворската казна. Во новиот закон, како што рече министерот, „нема да има простор за погрешно толкување или со некоја одредба да му се даде преголема екстензија на претседателот, односно на министерот за правда или на другите субјекти“.
– Факт е дека треба да се менуваат работите. Стојам на тоа дека тоа не може да се направи прекуноќ или некои состојби што траеле со декади би можеле да се решат за месец и еден ден, колку што сум на позицијата. Верувам дека ќе имам малку повеќе можности, разбирање и соработка со сите други институции, чија задача е да стигнеме до она што се нарекува правда – изјави министерот Тупанчевски, посочувајќи го притоа и Законот за помилување.

Министерот за правда констатира дека досега со помилувањето се направиле одредени злоупотреби

Констатирајќи дека „многу досегашни корекции во законите се правени инстант и на дневна основа“, тој најави сосема нов закон за помилување.
– Пред да станам министер, јас ја водев работната група при Министерството за правда, која требаше да подготви нов закон за помилување затоа што во неколку наврати имаше обиди да се примени законот и ние бевме очевидци дека со помилувањето се направени одредени злоупотреби. Имаше одредени отстапувања во она што значи есенција на институтот помилување. Токму затоа, се разбира со експертите од различни сфери и луѓето што го применуваат, ги воспоставивме детерминантите, маргините, за да не се остави простор, вакуум, што ќе овозможи законот да биде погрешно толкуван или некоја одредба да му даде преголема екстензија на претседателот, односно министерот или на другите субјекти – објасни тој.
Во очекување на конкретниот предлог што би требало да произлезе од Министерството за правда, експертите, па дури и уставните судии ги оспоруваа одделните решенија во законот, а со последиците на една од нив, во моментов, се занимава и Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Сето тоа, веројатно, ќе биде земено предвид при креирањето на новиот закон, а во меѓувреме, експертите како една од „црните точки“ во Законот ја посочуваат недоволно прецизираната надлежност, односно одговорност на тој што ги дава помилувањата.
– Самата идеја дека предлозите за помилувања треба да ги достави Министерството за правда и за нив да се изјаснува некаква комисија, а дури потоа да решава претседателот на државата е спорна, бидејќи Уставот како надлежен и одговорен го посочува токму претседателот. Ако со Уставот му е дадено правото на претседателот, внесувањето на некој друг орган е упад во надлежноста – смета професорот од Правниот факултет, Гордан Калајџиев.
Нешто слично констатираа и од Уставниот суд при едно од разгледувањата на согласноста на законот со Уставот.
– Нужно се поставува прашањето дали со одредбите што се содржани во него се повредува темелната вредност на уставниот поредок, а тоа е поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, еднаквоста на граѓаните и уставното право за давање помилување на претседателот на РМ и неговата уставна поставеност – констатираа тогаш во судот.

Поради институтот „државна милост“ поранешни државни функционери ја тужат државата пред Судот за човекови права во Стразбур

За наводните штети што ги претрпеле поради помилувањата и нивните повлекувања од страна на поранешниот шеф на државата, Ѓорге Иванов, неколку поранешни државни функционери ја тужат државата пред Судот за човекови права во Стразбур.
Но ништо помалку контроверзна не е и последната ситуација во која непосредно пред Нова година, заменик-министерот за правда Агим Нухиу, на Фејсбук објави дека Министерството за правда ја повлекло листата за помилување затвореници што традиционално се спроведуваше за Нова година.
– Ја информираме пошироката јавност дека иницијативите за помилување поведени од управите на затворите се повлечени од страна на Министерството за правда! За каузата на правдата ние секогаш ќе дејствуваме! – наведе Нухиу во објавата, на која ѝ претходеа повеќе објави во медиумите, според кои, новогодишната листа за помилувања, која требаше да ја потпише претседателот Стево Пендаровски, содржи и имиња на лица што никако не смееле да се најдат на неа.
Тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ прво се обиде да ја смири ситуацијата со најава дека списокот ќе се прочистува и се огради од одговорноста.
– Списокот што го доставуваат затворите треба да помине низ неколку филтри пред да биде потпишан од претседателот Стево Пендаровски. Министерот за правда не дава никакви помилувања. Ова се специфични помилувања по повод Нова година и листите за делумно скратување на казната ја прават директорите на затворите и се проследува на разгледување. Мислам дека дел од спорните имиња нема ни да се најдат на листите – рече тогаш Маричиќ.
Но веднаш потоа, Маричиќ ја затвори темата.
– По консултација со Управата за извршување на санкциите, Министерството за правда одлучи оваа година да не проследи предлог за новогодишни групни помилувања, односно листата целосно се поништува – објасни тој.
Инаку, во согласност со Законот за помилување, постапката за евентуално помилување на осудени лица од страна на претседателот започнува со поднесување молба за помилување до судот што ја донел првостепената судска одлука. Молбата заедно со потребната документација, судот ја доставува до Министерството за правда, кое ја препраќа до претседателот.
Комисијата за помилување на редовни седници поединечно ја разгледува секоја пристигната молба за помилување и со мнозинство гласови од присутните членови утврдува мислење, односно предлог што го доставува до претседателот, кој носи конечна одлука. Одлуките на претседателот се јавни и се објавуваат во „Службен весник“. Д.М.М.