Според мислењето на Заедничкиот центар за компетентност на воздушната моќ (ЗЦКВМ) со седиште во Германија, како составен дел од безбедносните сили на НАТО, „воените радарски системи за воздушна одбрана најчесто не се дизајнирани да детектираат беспилотни летала“. Оттаму нагласуваат дека „постои одреден сегмент од воздушниот простор што не е под контрола на цивилните власти ниту на воените воздухопловни сили“. Ваквите констатации од компетентни и релевантни институции ги подгреваат сомневањата на граѓаните дека постојат соодветни ефикасни одбранбени системи за противвоздушна одбрана на државите, како и за заштита на населението
По зачестените инциденти со беспилотните летала
Во изминатиов период, јавноста во балканските држави посведочи на неколку инциденти со беспилотни летала, пошироко познати под називот дронови. Како резултат на воениот конфликт во Украина, беспилотно летало од руско производство се урна во загрепската населба Јарун, кога беа оштетени 40 автомобили. Понатаму, во округот Бистрица-Насауд во Романија, на 60 километри од границата со Украина, беше пронајдено урнато беспилотно летало. Последниот инцидент се случи во нашето соседство, во Косово, јужно од Косовска Митровица, кога извидувачки дрон од израелско производство, „при рутинска контрола“, а поради дефект, се урна во двор на приватен имот. Зачестените инциденти со беспилотните летала предизвикаа внимание во јавноста. Кај дел од неа и отворени прашања и загриженост. Но дали постои реална основа за загриженост на граѓаните, опасност заради загрозување на имотот или животите на луѓето? Од друга страна, дали, пак, државите треба да стравуваат од евентуални напади на ваквите софистицирани направи, кои се управувани далечински и чии атаки тешко може да бидат откриени од одбранбените противвоздушни сили на државите? Дали дроновите претставуваат новиот тренд на воздушни напади или агресија во современото војување на државите? Се провлекуваат ли дроновите со својата траекторија на движење „под и надвор од радарските контроли“ и остануваат ли незабележани од електронските одбранбени системи на државите, сѐ до извршувањетo на својата напаѓачка цел?
Што точно е беспилотно летало?
Како што кажува и самиот назив на овие направи, беспилотните летала немаат човечки пилот и се управуваат од далечински терминал. Беспилотните летала, попознати и како дронови, беа развиени во последните децении на 20 век, првенствено за воени мисии. Во текот на 21 век, дроновите станаа составен дел на повеќе армии низ светот. Со развојот на контролните технологии и опаѓањето на финансиските трошоци, беспилотните летала започнаа да се употребуваат за невоени дејства. Денес дроновите имаат многу поширока примена. Тие се користат за испорака на производи, инфраструктурни контроли, фотографирање од воздух, во земјоделството, безбедноста и надзорот, трки со беспилотни летала. Истражувањата и зачестените инциденти покажаа дека одредени криминални организации ги користат беспилотните летала за шверц на нелегални производи и наркотици.
Употреба на дроновите во Македонија
Во Македонија беспилотните летала имаат широка примена во повеќе области. Познато е дека имаат зачестена практична примена за катастарските потреби. Но тие сѐ повеќе се користат и од страна на македонските безбедносни служби, како што е полицијата или безбедносно-разузнавачките служби. На пример, Агенцијата за национална безбедност (АНБ) може да ги користи дроновите за операции поврзани со следење и сузбивање терористички групи или паравоени групации. Таков беше примерот при користење на дроновите со случувањата во кумановско Диво Насеље. Македонската униформирана полиција дроновите ги користи за надгледување објекти од особено значење за мониторирање на границите.
Се разбира дека дроновите се користат и за цивилна употреба, и тоа со поширока палета, од професионални фотографски и видеоснимања до забави и натпреварувања. Но постојат одредени услови под кои може да лета беспилотен дрон во македонскиот воздушен простор. Операторот мора да задоволува соодветни пропишани овластувања, летачката операција да ја врши во согласност со важечките уредби, беспилотното летало треба да биде регистрирано, пилотот да поседува соодветна дозвола, пилотот да биде обучен од овластен центар за обука итн. Сите беспилотни летала треба да бидат запишани во Евиденцијата на воздухоплови, а дроновите од класа 5 се запишуваат во Регистарот на воздухоплови и се обележуваат со регистарска ознака.
Која е реалната опасност од беспилотните летала
Најголема опасност претставуваат беспилотните летала што се користат на бојното поле, најчесто за надзор, но и за разузнавање и уништување зададени (непријателски) цели и сл. Овие дронови се во можност да носат боева муниција, како што се проектили или бомби, за неутрализирање на зададените цели. Но сѐ повеќе сведочиме дека во текот на воената примена на беспилотните летала се случуваат инциденти во кои може да дојде до несакани последици за цивилното население. Во 2009 година, „Гардијан“ информира дека при акција на израелски беспилотен дрон во областа Газа, за жал, беа убиени и 48 палестински цивили, вклучувајќи и две мали деца. Сличен инцидент се случи во 2013 година, при акција преземена од американските сили во главниот град на Јемен, кога беа убиени повеќемина членови на една фамилија во текот на свадба. Разурнувачката моќ на дроновите беше посведочена во последната војна помеѓу Азербејџан и Ерменија, кога азербејџанските вооружени сили успешно ги применија против ерменската армија.
Во изминатиов период во медиумите и на социјалните мрежи се појавија повеќе видеа на кои може да се види како украинската армија користи дронови од турско производство против руската армија. Извештаите од воениот конфликт во Украина покажуваат дека и двете страни во судирот користат беспилотни летала за разни цели и, всушност, инцидентите во Хрватска и во Романија се поврзани со украинската војна.
Дроновите летаат на мала височина, надвор од традиционалната радарска контрола
Експертите посочуваат дека беспилотните мини дронови летаат на мала височина, на само стотици метри од земјата, и тие најчесто дејствуваат надвор од традиционалната радарска контрола што се користи за следење на комерцијалните авиони. Според Заедничкиот центар за компетентност на воздушната моќ со седиште во Германија, како составен дел од безбедносните сили на НАТО, воените радарски системи за воздушна одбрана најчесто не се дизајнирани да детектираат беспилотни летала. Од Заедничкиот центар нагласуваат дека „постои одреден сегмент од воздушниот простор што не е под контрола на цивилните власти, ниту на воените воздухопловни сили“.
Заедничкиот центар за компетентност на воздушната моќ посочува дека постои итна потреба од соодветна технологија против беспилотните летала. Многу компании започнаа интензивни програми за истражување и развој за обезбедување ефективни решенија. Постојат неколку начини за неутрализирање на беспилотните летала, како што се откривањето и идентификувањето на радиосигналите, со што би се прекинала контролата над дронот.
Мајкл Блејдс, директор за истражување од компанијата „Фрост-Саливам“, вели дека технологијата против беспилотните летала е премногу нова, но работите се промениле и денес бизнисот со антидронови вреди помеѓу 500 милиони и милијарда долари во овој момент. Бидејќи технологијата што е насочена против беспилотните летала е релативно нова и скапа, особени тешкотии при детектирањето и неутрализирањето на дроновите ќе имаат малите и сиромашни држави што ги немаат потребните финансиски средства.