Неколку години протестите се заштитен знак на ССМ како начин на изразување на работничкото незадоволство од продолжувањето на негативните практики поврзани со овој општествен домен, карактеристично за изминатиот период. Претседателот вели дека тоа е така затоа што нивните социјални партнери, особено претставниците на законодавната и извршната власт, немаат слух за проблемите на работниците, вработените, граѓаните и дека протестите се израз на широкото социјално незадоволство, насочени кон поттикнување на социјалните партнери да ги препознаат и решат пропустите, излегувајќи во пресрет на работничките интереси
РАЗГОВОР СО СЛОБОДАН ТРЕНДАФИЛОВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ССМ
И овој Меѓународен ден на трудот, Први мај, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави масовен протест поради тоа што, како што велат, денес работниците во Македонија се соочуваат со сѐ поголем притисок за својата егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. По тој повод, „Нова Македонија“ направи разговор со претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, отворајќи ги главните прашања за овој проблем – состојбата на работничките права во државава, приоритетните барања за остварување и заштита на работничките права, колку тие права се пречка за развој на бизнисот и севкупната економија, можностите работниците да придонесуваат во полн капацитет за раст на националното БДП и развој на општеството, како и за тоа каква стратегија е потребна за да се направи една здрава синергија меѓу социјалните партнери во насока на издигнување на работниот и животниот стандард.
– Сведоци сме на зголемено прекршување на работничките права, новиот закон за работните односи, кој би значел усогласување на националните трудовоправни односи со европското законодавство и меѓународните трудови стандарди, веќе шест години не е донесен, а последнава година и воопшто не се работеше на него, односно не беа одржани расправи за надминување на разликите во креирањето на законот помеѓу социјалните партнери.
Во текот на изминатата година во ССМ се евидентирани 10.534 обраќања за повреда на правата од работен однос, во врска со кои синдикалните претставници и правните застапници на ССМ обезбедија бесплатна правна помош за заштита на работничките права – објаснува претседателот Трендафилов.
Неколку години протестите се заштитен знак на ССМ како начин на изразување на работничкото незадоволство од продолжувањето на негативните практики поврзани со овој општествен домен, карактеристично за изминатиот период. Претседателот вели дека тоа е така затоа што нивните социјални партнери, особено претставниците на законодавната и извршната власт, немаат слух за проблемите на работниците, вработените, граѓаните и дека протестите се израз на широкото социјално незадоволство, насочени кон поттикнување на социјалните партнери да ги препознаат и решат пропустите, излегувајќи во пресрет на работничките интереси.
– Додека платите на работниците се зголемуваат минорно, со забавено темпо и несоодветно на инфлацијата и зголемените трошоци на живот, или воопшто не се зголемуваат, функционерите си обезбедија пораст на платите од енормни и незаслужени 78 отсто. Велиме дека наградувањето на носителите на власта е незаслужено затоа што економија е во стагнација, нема соодветни домашни и странски инвестиции, ниту соодветни економско-финансиски мерки и програми за надминување на ваквата пасивна и безизлезна економска состојба – додава Трендафилов.
Оттаму тој посочува дека приоритетни барања за остварување и заштита на работничките права што ССМ ги истакнува по повод одбележувањето на 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, се:
– Градење системско решение и обезбедување континуиран пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор врз основа на егзистенцијалните потреби на работниците и нивните семејства и реалната состојба на економските и пазарните параметри, економскиот развој, инфлацијата, трошоците на живот и цените на основните животни продукти.
– Минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите сто дена на новата влада како гаранција за заштита на најранливата категорија на населението, како и за спречување на одливот на работната сила во државите од регионот.
– Исплата на трошоци за храна на сите вработени во висина од 20 отсто од просечната плата.
– Исплата на трошоци за превоз на сите вработени во висина на реалните трошоци за доаѓање и враќање од работа.
– Ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година и преферирање на работата на неопределено време како одраз на егзистенцијалната сигурност на работниците.
– Право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа.
– Намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела, а со тоа ќе се создадат можности за похумана работна средина и повеќе време за одмор на работниците.
– Укинување на 72-часовната работна недела за работа на стратегиските проекти.
– Зголемено породилно отсуство, поголеми родителски права и поголеми права и флексибилност за усогласување на семејните услови и потреби на работниците со потребите на работниот процес.
– Целосно почитување на правата од работен однос, со посебен акцент на лицата што работат на онлајн платформи, кои ги има сѐ повеќе, а се надвор од системот на грижа и социјална сигурност.
– Здрави и безбедни услови за работа во согласност со новите актуелни техники и технологии применети на работните места.
– Целосно информирање и консултирање со работниците и синдикатите во компаниите за сите прашања поврзани со економско социјалната положба на работниците.
– Унапредување на синдикалното организирање и колективно договарање и јакнење на социјалниот дијалог на сите нивоа.
– Враќање на работничкиот дом на ССМ на работниците.
Претседателот на ССМ појаснува дека овие барања се елементарни, законски и се во целост во согласност со меѓународните трудови стандарди, а исто така се целосно заслужени како резултат на трудот, посветеноста и продуктивноста на работниците во процесот на работата.
Според него, работниците бараат достоинствен живот за себе и своите семејства, тие се неопходен дел од процесот на создавањето на капиталот во компаниите и важен дел на општествените и економските односи во државата.
– Работниците како создавачи на добивката и профитот го бараат својот дел од создадените вредности, дел што ќе им овозможи достоинствена и сигурна егзистенција. Грижата за работниците и нивните семејства е појдовна основа за просперитет на развиените европски и светски економии, тој пат треба да го следиме без отстапување, нема поважен ресурс во економијата и општеството од човечкиот потенцијал. Егзистенцијално обезбедени работници, кои ги уживаат сите работнички права, се неоспорен потенцијал за развој на бизнисот и економијата и за создавање добивка – вели Трендафилов.
Како што додава тој, остварувањето, заштитата и унапредувањето на работничките права се можни само преку активен социјален дијалог и креирање партнерски однос помеѓу социјалните партнери Владата, работодавците и синдикатот.
– Во последните 30 години балансот помеѓу интересите на Владата, работодавците и работниците е нарушен, потребен е активен социјален дијалог да се утврдат приоритетите, да се изградат меѓусебните односи на доверба со почитување, отчетност и одговорност за целосна реализација на договорените активности.
На идната влада ѝ порачуваме дека партнерски треба да ги градиме меѓусебните односи со активно учество на синдикатите во креирањето на националните стратегии и политики и доследно почитување на работничките и граѓанските права, во спротивно ќе продолжи трендот на штрајкови и протести како единствен облик на синдикална борба за работничките права и интереси – потенцира Трендафилов.
Како што додава тој, ССМ постојано укажува дека реакциите на креаторите на политиките не се системски и не се резултат на активно учество и придонес на социјалните партнери и сите заинтересирани страни, туку се парцијални и бавни и тие дополнително ги усложнуваат состојбите на висока инфлација, економска и енергетска криза.
– Сето тоа доведува до сѐ поголема недоверба во правниот систем и функционирањето на правната држава, што резултира со незадоволство кај граѓаните и создавање клима на несигурност и недоверба, иако државата е таа што треба да ги гарантира правниот поредок, правдата и правичноста за сите без дискриминација – укажува Трендафилов.