Фото: Фејсбук/Совет на Европа

Комитетот на министрите на Советот на Европа (КМ на СЕ) во одлуката од март изрази „сериозна загриженост за неспроведувањето на групата пресуди од страна на Софија“ и одолжувањето 18 години

Комитетот на министрите на Советот на Европа, жали што, и покрај мерките усвоени од бугарските власти помеѓу 2018 и 2023 година и усвојувањето на Привремената резолуција CM/ResDH(2020)197 и последователните одлуки, повеќе од 17 години по првата конечна пресуда во оваа група, продолжуваат редовно да се одбиваат за регистрација македонските здруженија.
Затоа уште еднаш ја изразија својата сериозна загриженост дека, иако властите неодамна презедоа одредени чекори, тие сè уште не ги презеле решителните чекори што комитетот ги бараше во своите претходни одлуки за да се осигури дека сите нови апликации за регистрација на асоцијации апликанти или слични здруженија ќе бидат испитани во целосна согласност со обврската за заштита на правото на слобода на здружување според членот 11 од конвенцијата. КМ на СЕ притоа ги повикува властите да ги удвојат своите напори за брзо постигнување видлив напредок во извршувањето на овие пресуди со преземање такви решителни чекори за да се решат недостатоците во функционирањето на сегашниот механизам за регистрација, во согласност со Привремената резолуција CM/ResDH(2020)197 и последователните одлуки.
Во овој контекст, Комитетот на министрите на Советот на Европа жали што властите на Бугарија сè уште немаат презентирано информации за пораките на високо ниво до јавноста во врска со извршувањето на овие пресуди, како што беше предложено во претходните одлуки, и ги повикува повторно да размислат за таква мерка. КМ на СЕ го повторува својот повик за поголеми напори за издигање на свеста во однос на процената на целите на асоцијациите апликанти и други слични здруженија, со цел да се објасни дека овие пресуди не создаваат обврска да се признае група лица како малцинство, но потребна е регистрација на здруженија со слични цели, доколку ги исполнуваат формалните барања, кои се пропорционални, предвидливи и доследно применети, во согласност со принципите на конвенцијата.
Властите во Бугарија да дадат информации за сите горенаведени прашања пред 15 јуни 2024 година и да продолжат со разгледувањето на овие случаи на состанок (закажан за септември). Во отсуство на опиплив напредок или календар за усвојување убедливи дополнителни мерки, КМ предвидува, при нивното следно испитување на овие случаи, да преземе дополнителни мерки насочени кон зајакнување на нивниот политички дијалог и соработка со бугарските власти за да се осигури дека Бугарија целосно, ефективно и навремено ги извршува предметните пресуди.

Кои се новите мерки што Комитетот на министрите може да ги преземе против Бугарија
Рака на срце, Комитетот на министрите нема многу алатки за притисок врз Бугарија, освен новата Декларацијата од Рејкјавик од последниот самит на Советот на Европа, во која шефовите на држави и влади го повикаа Комитетот на министрите да продолжи со својата работа за подобрување на достапните алатки во надзорот на извршувањето на пресудите со јасни и предвидливи постепени чекори во случај на неизвршување или постојано одбивање да се извршат правосилните пресуди на судот, на соодветен и флексибилен начин, кој ги зема предвид специфичностите на секој случај.
Но за издвојување е што членот 46 од Европската конвенцијата за човекови права има „обврзувачка сила и извршување на пресудите“!
Со други зборови, кога се забележува постојан недостиг од напредок од страна на тужената држава, комитетот може да ги преземе потребните мерки за извршување, да воспостави практика на усвојување предвидлива во низа од привремени резолуции, кои на крајот би можеле, во исклучителни околности, да доведат до усвојување привремена резолуција според членот 46 став 4 од конвенцијата.
Но досега за Бугарија беа донесени низа одлуки и резолуции и ништо не напредна на патот за извршување на пресудите за Македонците.
Најсуштествен дел на предложените мерки е барањето Комитетот на министрите да прибегне кон усвојување на две привремени резолуции за предупредување – за да се поттикне тужената држава да влезе во засилен дијалог на високо ниво со комитетот во дефинирана временска рамка. Уште повеќе, доколку се дојде до состојба на усвојување на втора резолуција за предупредување, тоа би значело дека случајот покажува ризик од одбивање да се извршат пресудите на Судот во Стразбур од, во случајов, Бугарија. Тогаш, комитетот ќе треба да размисли за преземање понатамошни дејства, вклучувајќи – како последно средство, во најсериозните и исклучителни случаи – почнување на постапката според членот 46 став 4 од Европската конвенција за човекови права поради одбивање да се преземат наложените соодветни мерки во дефинираната временска рамка.
Оваа одредба од конвенцијата го овластува Комитетот на министрите, во случаите кога одредена држава „одбива да се придржува до конечната пресуда за случајот во која е странка“, врз основа на одлука донесена со мнозинство гласови од две третини од претставниците на државите во комитетот, „да упати до судот прашање дали таа држава не ја исполнила својата обврска од став 1“, поточно да ги почитува и изврши конечните пресуди на Судот во Стразбур во секој од случаите во кои таа била странка. Ако судот утврди повреда на таквата обврска на државата, случајот повторно се упатува до Комитетот на министрите, кој ќе може да разгледува различни мерки што треба да се преземат, вклучувајќи и привремено замрзнување на правото на глас на претставникот на државата што одбива да ги извршува пресудите на судот. Мерка што во последниве триесет години не е спроведена, освен исклучувањето или заминувањето на Русија од Советот на Европа.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур


Што може Македонија да стори?

Македонија е полноправна членка во Советот на Европа, за разлика од Европската Унија каде што чекаме со години во (прет)чекалницата. Таа може преку својот глас во Стразбур да настапи поофанзивно.
Да изврши притисок во Комитетот на министрите врз Бугарија и принципиелно да се заложи за извршување на пресудите од нашиот источен сосед. Расправите во Комитетот на министрите се зад затворени врати, сигурно дека некои од претставниците имаат говорено во полза на извршувањето на пресудите.
На пример, запознаен сум дека некои земји членки на Советот на Европа настапуваат уште поостро кон Бугарија во однос на нејзините обврски преземени со конвенција!
Зошто тогаш и Македонија не би го направила тоа?!
Бугарија не се двоумеше да застане како дел од тужителите против Македонија во случајот „Радко против Македонија“, додека Македонија никогаш не се најде во тужбените барања против Бугарија пред Судот во Стразбур.
Што би се случило ако Македонија поднесе тужба пред Европскиот суд за човекови права против Бугарија за неисполнување на пресудите што истиот суд ги донесе во полза на Македонците? Дали Бугарија тогаш ќе рече дека Македонија не води добрососедска политика? Сигурно дека ќе го каже тоа. Но тоа ќе го сврти и вниманието во ЕУ и кај земјите членки на Советот на Европа дека оваа земја не ги почитува основните одредби на Европската конвенција за човекови права – обврската за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права и на некој начин и ние да извршиме притисок врз Софија.

Т.Г.