Пред македонските граѓани е вториот круг од претседателските избори, заедно со парламентарните, но впечатокот што се добива токму меѓу обичните луѓе е дека сите сакаат државата да тргне напред, кој и да формира влада, да направи тим од најспособните и најчесните луѓе, кои ќе работат во интерес на сите граѓани. Неприродните принципи што водат кон создавање бинационална држава, кон „етнизација на највисокиот демократски чин – гласањето“, кои ги маргинализираат сите други граѓани во државата, едноставно веќе треба да се отфрлат! Зошто?
Принципот на изборното коалицирање по етничката формула „победник со победник“ е основа за дисоцијација на унитарноста на државата
Функционалната држава сама по себе е ремек-дело, исто како што и овој автопортрет на Ван Гог претставува вонвременско ремек-дело. Дури и да има недостатоци, и тие го прават делото да е единствено и уникатно ремек-дело. Така е и со државата. Како што и автопортретот на Гог всушност е нагрден со отстранување на пазлите каде што била несовршеноста и делото со тој чин е – нагрдено, така и државата: ја нагрдуваат со отстранување или вметнување делови што воопшто не одговараат со карактерот на Македонија. Физички се ампутираат нејзини системски делови со експерименти со кои (некој) однадвор, во спрега со (некој) одвнатре, смета дека ќе ја подобри?! Државата и носителите на државноста треба да се носат со недостатоците на постоењето на создаденото ремек-дело на македонскиот народ и сите што живеат во неа. Таа развојно на својот пат треба да ги поправа недостатоците, а не да дозволува да се прават експерименти или да се измислува нешто што тотално го разнебитува ремек-делото на нејзиното постоење. Имаме доволно историја зад себе, за јасно да ја видиме иднината, заедно со сите наши несовршености…
По првиот круг од претседателските избори, а во пресрет на вториот круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори, неофицијално далеку од очите на јавноста веќе се прават некакви комбинаторики и планови околу составот на идната влада.
Она што им е веќе кристално јасно на сите политички чинители во државата, со исклучок на Демократската унија за интеграција (ДУИ), тоа е дека концептот „победник со победник“ повеќе не важи, не дека веќе еднаш се направи преседан токму од страна на интегративците, туку дека „во живо и домашната и меѓународната јавност следат дека тоа е принцип на бинационална, а не на унитарна држава“ и дека продолжување на таквиот принцип значи само продлабочување на поделбите по етничка линија, забрзано движење на нашето мултиетничко општество кон бинационално општество и на крајот трансформација во бинационална држава со реформи на Уставот и државните институции. А тоа воопшто не е рецептот за стабилна и развојна држава со стратегиски стремежи за интеграција во ЕУ.
Сега, кога веќе еднаш се направи преседан на наметнатиот принцип „коалиција победник со победник“, тој што го направил преседанот нема никаков кредибилитет да бара почитување на нешто што самиот го прекршил затоа што во одреден момент тоа му одговарало нему.
Имено, интегративците во јануари 2017 година, и покрај изборната победа на тогашната владејачка ВМРО-ДПМНЕ, ги прекинаа преговорите со победничката партија и решија да формираат малцинска влада со СДСМ, партијата што ги загуби изборите. На тој начин беше прекршен таканаречениот мајски договор, постигнат зад кулоарите меѓу поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и актуелниот претседател на ДУИ Али Ахмети, што беше еден вид џентлменски принцип по кој се составуваше секоја нова влада.
Принцип востановен под закана
На сето тоа кумуваше одлуката на Груевски во 2006 година, понесен од големата изборна победа, да наметне влада врз нормални здраворазумни принципи што се применуваат во целиот демократски свет, победникот на изборите сам да си го составува владиниот состав. Таквата негова одлука не наиде на одобрување од воинственото крило на поранешната ОНА, по конфликтот трансформирана во политичка партија ДУИ, која излезена во добра кондиција од конфликтот во 2001 година, дополнително поддржана од меѓународниот фактор, се закани дека ќе ја дестабилизира државата доколку не биде дел од власта. Атмосферата во општеството, како и некои помали инциденти, сигнализираа дека тие се решени во својата намера да одат докрај, така што во мај 2007 година беше постигнат договор за почитување на принципот победникот во македонскиот да составува влада со победникот во албанскиот политички блок. Од тој момент почна да функционира концепт на два победника, во македонскиот и во албанскиот политички кампус. Тогаш ДУИ се врати во власта и непрекинато ја практикува две децении, со кратка апстиненција од 2006 до 2008 година, додека се крчкаше новиот „ултимативен принцип“.
Иако за никогаш необелоденетиот мајски договор имаше многу забелешки, почнувајќи од тоа дека е скроен исклучиво според желбите на ДУИ, со оглед на силата што таа партија ја демонстрираше на политичката сцена меѓу албанскиот електорат и поради заканите за дестабилизација на државата, па преку инсталираниот дуализмот во институциите, сето тоа дополнето со етнизацијата на изборниот процес, сепак премолчено се толерираше затоа што странците инсистираа на тоа. Таквиот концепт најпрво ја направи владата нефункционална, односно ја претвори во берза за постојани политички пазарења меѓу коалициските партнери, која наместо да работи на заеднички реформски програми важни за државата и за граѓаните, но и за евроинтеграциите, функционираше како рогови во вреќа, секој воден од сопствените теснопартиски интереси. Во такви услови многу полесно се протурка агендата што и натаму има за цел од Македонија, наместо унитарна, да направи бинационална држава.
За мир во куќа, овој концепт се почитуваше до почетокот на 2017 година, без оглед што е спротивен на Уставот и ја загрозува унитарноста на државата. ДУИ прва го прекрши затоа што почувствуваа дека може да приграби уште повеќе од колачот во власта и целосно го искористи тоа.
Еднаш не важи, па сега важи?! Наместо принципиелност, постојано политикантство!
Политичката перфидност на ДУИ оди до таа мера што сега, свесни дека општествените трендови се во насока на промени, повторно почнуваат да зборуваат за принципот „победник со победник“, како никогаш да не го напуштиле и како седум години едноставно да доживеаја колективна политичка амнезија дека токму тие коалицираа со поразениот на изборите.
Нервозата во нивните редови може да се насети и поради фидбекот што го добиваат од нивните сограѓани, кои повеќе не сакаат да бидат потхранувани со лажен национализам, туку бараат реални резултати во економијата, во борбата со криминалот и корупцијата, бидејќи и тие, исто како и нивните сограѓани Македонци, живеат лошо.
Некои од аналитичарите сметаат дека ДУИ сега повторно инсистира на принципот победник со победник затоа што станува свесна дека по 20 години владеење би можела да ја загуби власта.
– Тој концепт „победник со победник“ премолчено го наметна меѓународната заедница само колку да му угоди на ДУИ, кој беше нејзин слеп послушник од 2001 година наваму. Да беше доблесна, меѓународната заедница немаше да им дозволи на интегративците под закана со сила да влезат во владата во 2008 година, откако претходно се направи влада со ДПА. Таа влада беше направена по сите познати принципи на создавање влади во нормални демократски држави, оној што ќе победи на изборите, тој го составува тимот. Со наметнатиот концепт „победник со победник“, всушност во Македонија се наметна еден вид паралелизам. Произлегува дека кога говориме за коалицирање на победник со победник, тогаш логично е да се заклучи дека постојат два изборни процеса, на едните избори победила една партија, на другите друга и тие сега мора да коалицираат, без оглед дали се идеолошки целосно различни, без оглед на изборните програми. Тоа е најдобриот рецепт на создавање нефункционални влади, кои сета енергија ќе ја трошат на балансирање на внатрешните односи во владата наместо на спроведување реални реформски агенди. И тоа се потврди. Наместо изградба на патишта, подобро здравство и образование, помалку корупција и криминал, побрзо членство во ЕУ и во НАТО, бевме сведоци на процес на етнизација на институциите. Почна полнењето со етнички квоти на сметка на квалитетот на луѓето, а тоа доведе до целосен колапс на системот, кој предизвика масовно иселување од државава, кое не запира, туку уште повеќе се засилува – велат соговорниците.
Во унитарна држава на избори победува само една партија (или една изборна коалиција)
Според нив, сите партии треба да станат свесни дека ваквите принципи и концепти повеќе не важат и дека до израз треба да дојдат коалициските капацитети.
– За ДУИ концептот „победник со победник“ почна да важи сега, кога нивниот владин коалициски партнер (што е многу различно од изборен коалициски партнер) бележи слаби резултати и кога се свесни дека треба да му се вратат на партнерот што претходно го изневериле. На 8 мај ќе има парламентарни избори, нека се натпреваруваат сите политички субјекти преку еден демократски процес, онака како што го демонстрираа тоа на првиот круг од претседателските избори, па тој што ќе победи треба да ја има сета слобода да одбере со кого ќе составува влада. Македонија е унитарна држава, нема двојни избори, туку учествуваат сите заедно, така што нема никаква логика да се прогласуваат двојни победници. Во спортски натпревар, едниот победува, другиот е губитник (и за политичкиот натпревар е исто). Може да има двајца победници единствено ако на соседниот стадион се игра друг натпревар со други тимови. Но македонските избори се заеднички, сите учествуваат, а еден победува. Тоа што кај нас сите се прогласуваат за победници по изборите, тоа е одраз на политичката култура, на која уште многу треба да се работи – посочуваат аналитичарите.
Тие уште додаваат дека сите политичари во земјава, помалку или повеќе, веќе јавно се изјаснија дека овој принцип не важи.
– Тоа го кажаа и сите политичари од албанскиот политички кампус во земјава, со исклучок на ДУИ, кои сега зборуваат за овој принцип како никогаш да не бил прекршен. На албанските опозициски партии во земјава им одговара напуштањето на овој принцип бидејќи тие ја гледаат својата шанса за влез во владата, која досега ја немаа поради мајоризацијата врз политичките текови што ја воспостави ДУИ. Затоа се и оние воинствени говори на плоштадот „Македонија“ во Скопје, повиците УЧК, УЧК, сето тоа одраз на нервоза. Редно е сите политички субјекти да се свртат кон програми важни за граѓаните, и тоа за сите граѓани, а не да говорат само за својата етничка заедница – констатираат соговорниците.
Отфрлање на деструктивните принципи
Пред македонските граѓани е вториот круг од претседателските избори, заедно со парламентарните, но впечатокот што се добива токму меѓу обичните луѓе е дека сите сакаат државата да тргне напред, кој и да формира влада, да направи тим од најспособните и најчесните луѓе, кои ќе работат во интерес на сите граѓани.
Неприродните принципи што водат кон создавање бинационална држава, кон етнизација на највисокиот демократски чин, гласањето, кои ги маргинализираат сите други граѓани во државата, едноставно треба да се отфрлат.
За тоа, како за ретко што во државата, има широк политички консензус, со исклучок на оние што власта ја перципираат само како можност за остварување лична бенефиција. За сите други нема никаков проблем победникот да го состави тимот што ќе ја поведе државата напред, а во исто време и граѓаните ќе почнат да ги чувствуваат придобивките од добрите политики. Тоа е принципот кон кој треба да се придржуваат сите во иднина.