Дел од овдешната јавност со право си го поставува прашањето зошто има такви ставови од страна на министерот Османи, кога должност на МНР е да ги штити домашните, државните, односно националните интереси. Според соговорниците со кои се консултиравме, никако не треба да се остава впечаток на незнаење и калкулантство или да се остава впечаток дека институцијата и првиот нејзин човек се под постојан стрес „за да не се навредат или налутат соседите или големите сојузници“. Од друга страна, се чувствува дека токму таа институција, наместо принципиелно, со друг критериум постапува на домашната сцена, реагирајќи експресно и со сета жестина на осуда кон македонските граѓани
Зошто македонското МНР е остро кон домашните, а немо кон странските провокации
Експресно и енергично реагираше македонското министерство за надворешни работи на однесувањето на дел од македонските навивачки групи за време на одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, но истовремено истото МНР со молк ги проследува сите слични провокации што изминатите години доаѓаат од бугарска, па и од грчка страна.
– За овој настан, Министерството за надворешни работи официјално ја извести Република Бугарија дека надлежните институции на С. Македонија веќе ги презедоа сите потребни чекори и постапки со цел откривање на сторителите на овој немил инцидент, преку кој се прави обид да се фрли сенка на обележувањето на Гоце Делчев, на неговиот гроб, но и на угледот на нашата држава и на делегациите од Бугарија, кои учествуваа на овој свечен чин на чествување на оваа голема историска личност, значајна за сите нас – се наведува во реакцијата на МНР.
Конзистентност во спроведување на политиките, а не двојни критериуми
И додека македонската дипломатија побрза да се оправда пред Софија дека веднаш ќе ги открие оние што ги отстрануваа лентите од венците што беа положени од страна на бугарските официјални претставници пред гробот на Делчев, недозволиво е, според дипломатите со кои се консултиравме, истата таа дипломатија да молчи или млако да реагира, кога од Бугарија се негираат Македонците, нивниот јазик и култура, а државата се означува како „коминтерновска творба“. Дел од овдешната јавност со право си го поставува прашањето зошто има такви ставови од страна на министерот Османи, кога должноста на првиот човек на МНР и на самата институција е, меѓу другото, да ги штити домашните, државните, односно националните интереси од надворешните влијанија. Според соговорниците со кои се консултиравме, никако не треба да се остава впечаток на незнаење и калкулантство или да се биде под постојан стрес, од страна на врвот на нашето МНР, „за да не се навредат или налутат соседите или големите сојузници“. (!?)
Од многу елементи, според хроничарите, произлегува дека „од МНР се покажуваат мускули само врз македонските граѓани“, односно, се раководи по изреката „дома камшик, надвор памук“.
Се разбира дека реакцијата на МНР во однос на непримерното однесување на дел од навивачите на годишнината од раѓањето на Делчев е сосем во ред, но не е во ред со иста енергија и жестина да не се реагира кога на гробот на најголемиот македонски револуционер беше развиорено бугарското знаме, очигледен чин на провокација и непочитување на земјата домаќин, што беше мотив за подоцнежната реакција на македонските навивачи.
МНР сега ќе демонстрира правна држава врз македонските граѓани, со што уште повеќе ризикува непотребно да се подгрева некаков анимозитет кон оваа институција во која граѓаните треба да имаат доверба, особено како чувар на националните интереси. Малку како од небрежност, за тоа како да придонесува и актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој дури звучи и неуко, кога пред извесно време повеќето свои чудни изјави ги обедини со најава од свој личен впечаток, дека македонско-бугарскиот спор може да се реши за два-три месеца, несвесен дека станува збор за длабок идентитетски вековен проблем. Колку и да изјавува дека се солидаризира со Македонците, што и да значи тоа, Османи сепак како да не може вистински да ги почувствува духот на македонската држава и македонизмот во себе и да се бори за него, туку сака само побрзо да затвори еден отворен проблем, на начин што ќе остави несогледливи последици врз македонскиот идентитет. Но соговорниците аналитичари, професори и дипломати регистрираат уште една појава за која и јавноста сѐ повеќе обрнува внимание. Имено, од друга страна, министерот Османи демонстрираше одлично чувство кога станува збор за албанските национални интереси, па заедно со вицепремиерот Груби одеше да ја мотивира албанската дијаспора да се попише на пописот, во Шпанија лобираше за признавање на Косово, а се солидаризираше со Приштина секогаш кога косовските власти немаше да бидат прифатени на некоја меѓународна конференција, со што одеше спротивно на македонските државни интереси и позиции.
МНР има дипломатски „алатки“, но тие треба принципиелно да се активираат
Познавачите на дипломатските состојби сметаат дека последната реакција на македонското МНР е класична дипломатска алатка, но забележуваат што македонската дипломатија не реагира со истата алатка кога нешто слично се случува во соседните земји.
– Тоа е вообичаена пракса кога ќе се случи нешто ако сакаш да не брануваш многу и секако се осудува таков чин. Не може кој било да прави што сака во државата. Но исти такви реакции нашето МНР треба да побара и од Бугарија. Ќе потсетам на еден поодамнешен настан, кога македонски граѓани беа тепани на гробот на Јане Сандански во Бугарија, полицијата не го спречи тоа, а бугарската тогашна администрација не реагираше и не ги одбрани странските, односно македонските државјани – вели Љупчо Арсовски, прв македонски амбасадор и дипломат од кариера.
Негово мислење е дека македонското МНР не реагира на начин како што треба кога станува збор за одбрана на националните чувства и интереси.
– Ако се знае дека бугарскиот премиер пред доаѓањето во Скопје имаше изјава за бугарската национална телевизија во која наведе дека остануваат на нивната досегашна позиција кон Македонија, тогаш и македонското МНР требаше да најде некаков изговор да ја одложи посетата за некое време. Така се одговара дипломатски на непримерните изјави, но кај нас нема таква работа – појаснува Арсовски.
Според него, министерот за надворешни работи останува нем на повеќето провокации за да не ги влоши дополнително односите меѓу двете земји.
– Министерот не сака да ги наруши односите со Бугарија, а всушност сè повеќе се заглавува. Со молчењето, Бугарите примаат порака дека ние сме подготвени за попуштање и нови отстапки затоа што ни е страв од Бугарија – констатира Арсовски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски оди подалеку, споредувајќи го индиферентниот однос на македонското МНР кон провокациите однадвор со вазалство.
– Рака на срце, многу е очигледно дека министерот и Министерството за надворешни работи повеќе се грижат дали некоја делегација на Косово била примена на некоја конференција или одбиена и дали и тие да бојкотираат, отколку да се борат за македонските ставови. Дополнително, не можеме да очекуваме ништо од некој за кого во блиското минато, за жал, има низа показатели дека не ја чувствува Македонија како сопствена држава – категоричен е Пекевски.
Тој смета дека токму „чувството за нечувствувањето на државата како своја“ е главна причина за односот на МНР кон провокациите што доаѓаат однадвор.
– Затоа имаме такви ставови и такви реакции, односно нереакции – заклучува Пекевски.