До истекот на првото полугодие, учениците во средните училишта мора да ги одработат часовите што ги изгубија со евакуациите поради лажните дојави за бомби. Министерство за образование и наука (МОН) им даде слободен избор на училиштата сами да ја направат организацијата. Од информациите добиени во повеќе училишта за тоа како ќе ги надоместат загубените часови, директорите нѐ информираа дека некаде одат порано на настава или остануваат подоцна, а се користи и опцијата онлајн час
Загубените наставни часови во училиштата поради дојавите за подметнати бомби ќе бидат надоместени
Во средните училишта неколку недели имаше лажни дојави за поставени бомби. Заканата се појавуваше во среда, четврток и во петок, во една смена на училишта, по што следуваше евакуација и проверка на училиштата од антитерористичката единица на Министерството за внатрешни работи.
– Во согласност со позитивните правни прописи, училиштата имаат должност да најдат начин и до крајот на првото полугодие да ги надоместат пропуштените часови – изјавија од МОН.
Силвана Кржовска, директорка на гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Скопје, објаснува дека сите биле под стрес. Иако тоа се случуваше во период на тримесечје, таа вели дека тоа не влијаело на успехот, се одржале родителските, а при оценувањето се земал предвид поминатиот материјал.
– Имаме рок до 31 декември да се одработат испуштените часови. Се случуваше на пример да имаат три часа, а потоа да мора да си одат дома поради евакуација. Сега се прави план да не се форсираат учениците, а да се надомести испуштеното. Така, се одржува претчас или, пак, ако класот нема редовен седми час, се додава. Правиме сѐ да биде постепено и нема реакции ни од учениците, кои навреме добиваат информација, ни од наставниците – вели Кржовска.
Митко Димовски, директор на гимназијата „Орце Николов“, вели дека веќе се надоместуваат испуштените часови, а отвориле и можност за онлајн час.
– Имаме распоред. Гледаме да не ги тераме учениците да не доаѓаат пред часови, па се користат термини за дополнителна настава. Ако наставникот има празен час, учениците можат ја користиме и таа опција. Има можност и за онлајн час. Веќе ги надоместуваме часовите. Нема реакции оти никој не е виновен за тоа што се случи. Малку е тешко ама тоа е тоа – вели Димовски.
Инаку, досега не е откриено кој ги праќа мејловите со лажните дојави.
Наскоро ќе има резултати од истрагата за лажните најави за бомби, кои создаваат немир во јавноста веќе подолго време и кои започнаа со автобусите на ЈСП, а продолжија со средните училишта, најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Анализите за причините се во повеќе правци, рече тој, од геостратегиски, преку политички до економски, односно водени од бизнис-интереси.
Според Спасовски, со оглед на фактот што целта на ваквите хибридни напади е да се предизвикаат вознемиреност, недоверба во институциите, страв и паника, не смее да се шпекулира, туку треба да се почека да се добијат сите информации, со потврдени факти и докази. Во однос на наодите од истрагата, тој објасни дека станува збор најчесто за ви-пи-ен адреси, а кога ќе се завршат сите проверки и ќе се утврдат фактите, ќе бидат идентификувани и сторителите, но ќе бидат објавени и мерките што ќе се преземат против нив. Со ви-пи-ен адресите личните податоци се криптирани и се менува сопствената ај-пи адреса, така што дигиталната приватност е подобро заштитена и е можно анонимно сурфање на интернет.
– Во истрагата соработувавме со сите наши партнери, со Интерпол, со Европол, сите механизми што помагаат во истражниот процес. Сигурно е дека постои мотив, а на крајот ќе видиме и кој точно бил мотивот – посочи Спасовски.
Н.Б.З.