Потенцијалот на воениот конфликт на Блискиот Исток и рефлексиите кон Европа, Балканот и Македонија

Како што ескалацијата на воениот судир во Газа се распламтува и се шири во другите делови на Блискиот Исток, далеку од Израел, Либан и Сирија, сè повеќе е извесно дека последиците од таквите состојби за Европа, Балканот, вклучувајќи и за Македонија, ќе бидат позабележливи и подлабоки.

Триесетдневно подолго патување од и кон Европа, за цени на
снабдување – многу повисоки од досегашните

Глобално опсервирано, не може, а да не се заклучи дека е загрозена блискоисточната клучна маршрута на светскиот коридор исток – запад. Загрозени се добро воспоставените трговски патишта и поморски патишта што се протегаат низ тој регион, поврзувајќи ја Азија со Европа и обратно. Како пример што ја потврдува констатацијата е тоа што значителен број светски бродски компании веќе престанаа да пловат низ Суецкиот Канал и транспортот кон Европа го пренасочат кон многу подолга стара маршрута преку јужна Африка, т.е. ’Рт на Добрата Надеж. А таа маршрута го продолжува патот, од и до Европа, за околу 30 дена, во споредба со маршрутата преку египетскиот Суецки Канал на север и теснецот Баб ел Мандеб на југ од Црвено Море. Дури 12 отсто од глобалната трговија се одвива преку Суецкиот Канал. Колку состојбата стана сериозна сведочи и веста од пред неколку дена дека дури и танкерите со ЛНГ на водечкиот светски производител на течен природен гас – Катар, престанале да пловат на тој простор.

Многу замешателства на Блискиот Исток ги заматуваат перспективите на европскиот континент

Дека светлата перспектива на Европа ќе затемнува наредниот период се погрижија и други блискоисточни центри на моќ, различни интереси од повеќе држави.
На пример, Иран пред неколку дена побара од Вашингтон на ниво на министри за надворешни работи веднаш да ги прекине нападите врз Јемен, предупредувајќи дека дејствата на Хутите се поврзани исклучиво со израелската војна против Палестинците во Газа. (Техеран напиша дека „нападите на Хутите ќе завршат истиот момент кога Израел ќе ги прекине своите напади“). Покрај тоа, официјален Техеран започна и дополнителна ескалација. Така, Иран пред неколку дена првпат го нападна ирачки Курдистан со крстосувачки ракети, поточно штабот на израелското разузнавање до американскиот конзулат во административниот центар на тој регион – градот Ербил. Но Иран не застана тука, па истовремено со новата балистичка ракета со среден дострел (МРБМ) „хајбер шекан“ погоди објект во сириската провинција Идлиб. Според воените експерти, очигледно со тој чин „Техеран му испрати порака на Израел дека лесно може да нишани на соседна територија со оглед на тоа дека Сирија и Израел се соседни земји“. Неодамна, Иран, исто така, изврши воздушен напад на цели во пограничниот град Панџгур во Балучистан. Ова формално ги разниша односите меѓу Техеран и Исламабад (Пакистан), затоа што вториот реагираше бурно тврдејќи дека Иран го нарушил воздушниот простор на Пакистан.

И Пакистан и Турција ѕвечкаат со оружје, што дополнително фрла
масло на оган на веќе потпалениот „Блиски Исток“

Уште две држави на Блискиот Исток со свои активности од неодамна ја компликуваат веќе доволно компликуваната состојба на Блискиот Исток. Тоа уште повеќе ја зајакнува констатацијата дека, доколку целосно се прекине блискоисточниот коридор кон Европа (за снабдување, трговија, економски врски и проток), државите на Стариот Континент (Европа), а особено ЕУ, ќе се најдат во голема неволја.
Треба да се спомене и Турција, која продолжува со нападите врз ирачки Курдистан во потрага по членови на забранетата Курдистанска работничка партија. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, пред неколку дена силно порача во јавноста дека нема намера да се откаже од тие воени кампањи.
Така, на Блискиот Исток, очигледно сите си почнаа да го чистат она што го сметаат за свој двор. Секако, земјите што имаат воени сили за ова, а меѓу нив, освен Израел, секако се Турција, Иран и Пакистан. Проблемот ќе биде ако засебните воени кампањи во еден момент станат една голема, која ќе направи блискоисточниот мост кон и од Европа да биде прекинат. А тоа ќе има несносливи последици за Европа, Балканот, вклучувајќи и за нашата земја.

Во состојба на долг судир во Украина, за ЕУ прогресивно ќе расте зависноста од Блискиот Исток

Откако ЕУ го суспендираше увозот на руски гас преку гасоводи, а и се откажува од руската нафта (освен онаа од нафтоводот што снабдува одредени земји од источната ЕУ што зависат од руската нафта), ЕУ во голема мера сѐ повеќе и повеќе ќе зависи од снабдувањето со гас и нафта од Блискиот Исток. Снабдувањето со фосилни горива од Блискиот Исток кон западните земји е сѐ подинамична, а поморската маршрута преку Црвено Море преку Суец што беше најекономична во однос на трошоците и времето на транспорт на карго е сѐ поризична!

Вашингтон се обидува да ја санира поткинатата алка на глобалниот синџир на снабдување

Јеменските Хути му соопштија на Вашингтон дека направил голема грешка со неодамнешниот напад врз нив. Тие продолжија да напаѓаат не само комерцијални туку и американски воени бродови. Но потоа следуваа секојдневни американско-британски напади врз цели на Хутите на јеменска територија. Хутите нема да се откажат бидејќи им е јасно дека Американците нема да извршат копнен напад врз Јемен (имено, 70 отсто од таа територија е планински релјеф, идеален за герилска војна, погодна за Хутите, а непогодна за воена интервенција на западните сили). Во овој контекст, воените експерти истакнуваат дека Хутите имаат дури и „шаховска“ предност пред Вашингтон, а тоа се огледа во речиси сигурната претпоставка дека малку е веројатно дека САД ќе испратат стотици илјади американски војници во новата крајно неизвесна војна на Блискиот Исток во изборна година. П.Р.


Што побргу ефикасно мировно посредување е во интерес и на Балканот и на нашата држава!

За спречување на продлабочена и подолготрајна криза за државите од европскиот континент, а и за Балканот, неопходно е за Блискиот Исток што побргу меѓународните организации, па и некои од големите сили да преземат што порешителни чекори за мировни преговори! Тоа е во интерес на светскиот мир и просперитет!
Во овој контекст, на пример, за споменување е дека Кина повторно презема конкретна иницијатива. Имено, не сакајќи да чека ситуацијата меѓу Иран (кој стана член на БРИКС од Нова година) и Пакистан (кој е член на Шангајската организација за соработка (СЦО) како Иран) да излезе од контрола, Пекинг им понуди на двете земји да посредува во решението. Слично како што го направи тоа минатата година со источните дипломатски вештини за време на нормализацијата на саудиско-иранските односи. Пекинг многу добро знае дека нова војна на Блискиот Исток не е во ничиј интерес, ниту на Кина ниту на клучните блискоисточни земји, кои постигнаа силен економски раст и развој во услови на долгогодишен релативен мир и стабилност. Веројатно тоа многу добро му е познато и на Вашингтон. Затоа, токму од САД како светска велесила се очекува да преземат или барем да се надоврзат на мировните иницијативи, затоа што, сепак, зафатите преземени од нејзина страна имаат одлучувачки „импакт“ на многу чинители и засегнати страни што можат да придонесат за деескалација на состојбите и да доведат до траен мир и почеток на нов пат кон просперитет и благосостојба.