Зголемување од 10 отсто на паричната маса наменета за покачување на платите во здравството е договорено со анекс на Колективниот договор за здравствена дејност на средбата меѓу Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар – Скопје и Владата. Порастот на платите ќе почне да се применува од ноември, за што работна група со претставници од Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурување ќе работи на усогласување на анексот.
На прес-конференцијата по средбата, на која присуствуваа претседателите на двата синдиката и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, беше изразено задоволство од постигнатиот договор. Од Синдикатот на Клиничкиот центар – Скопје нагласија дека по долги преговори е постигнат договор што значително ќе го подобри финансискиот статус на сите вработени во здравствените установи и признавање на нивната посветеност, труд и професионализам. Премиерот Мицкоски го оцени потпишувањето на анексот на Колективниот договор како важен историски момент, при што најави дека и во наредните години ќе продолжи трендот на покачување на платите на здравствените работници. Н.М.