Бугарија изведува политички егзибиции како да избегне седнување на заедничка маса со Македонија
Нешто повеќе од половина месец траеше неизвесноста дали ќе дојде до официјална средба меѓу македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова и нејзиниот бугарски колега Румен Радев на претстојниот НАТО-самит во Хаг, во обид да се изнајде решение за надминување на бугарската блокада за македонските евроинтеграции.
Се чини дека официјална Софија смисли како да избегне средба на претседателско ниво, особено имајќи го предвид фактот дека Македонија на оваа маса е рамноправен партнер и дека бугарската страна би морала да ги објасни вистинските причини зошто ја загрозува европската иднина на соседната земја и нејзин НАТО-сојузник.
Во изјава за ТВ 24, бугарската влада потврди дека донела одлука на НАТО-самитот во Хаг да оди премиерот Росен Желјазков, со што паѓаат во вода надежите дека може да се направи некаков исчекор во изнаоѓањето решение за деблокада на евроинтеграциите на земјава.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека потегот на официјална Софија да го испрати премиерот наместо претседателот, претставува необична политичка егзибиција и сигнал за посебен начин на функционирање на бугарската политичка сцена.
– Таму гледаме една егзибиција, можеби е таков начинот на функционирање на бугарската политичка сцена, во Вашингтон, на самитот, присутен беше премиерот. Логично е да ротираат претседателот и премиерот. Затоа годинава е претседателот таму. И логично беше од страна на Бугарија да го испратат претседателот. Тие го испратија премиерот – вели Мицкоски.
Според него, ваквите потези отвораат простор за иницијативи на високо политичко ниво, но и потреба од македонска проактивност во справување со длабоко вкоренетите регионални политики и стратегии.
– Ако има иницијатива, на ниво на премиер со претседател сметам дека треба да го прифатиме. Убеден сум дека тоа ќе биде став и на претседателката. Мора да бидеме проактивни и да покажеме дека не е тоа она што се зборува, дека не се проблемот стотината граѓани што за себе велат дека бугарскиот им е мајчин јазик, туку има поголем проблем. Политика што е стара децении, стратегии што внимателно се создавале – објасни македонскиот премиер.
Познавачите на состојбите гледаат најмалку две придобивки што Бугарија сака да ги оствари со ваквата дипломатска гимнастика.
– Прво, не сакаат да го испратат Радев на НАТО-самитот имајќи ги предвид неговите ставови околу војната во Украина, потоа последните негови обиди за блокирање на воведувањето на еврото со најавите за референдум, така што официјална Софија не сака да испраќа на важен самит на НАТО човек што отворено искажува проруски ставови. Второ, со тоа што Радев нема да биде таму, се спречува евентуална средба на македонската претседателка со нејзиниот бугарски колега бидејќи на НАТО-теренот сме рамноправни, а Бугарија ќе мора малку подетално да ги објасни причините зошто упорно блокира нејзин воен сојузник и зошто ја загрозува безбедноста во регионот оставајќи отворен простор за некои други влијанија. Бугарија знае дека нема издржани аргументи, па вака е полесно, Радев ќе остане дома, а Желјазков веројатно нема да најде време за средба со македонската претседателка. Како и да е, добро е што македонската страна е упорна и проактивна во намерите за средби и разговори, што јасно кажува кој посакува решение, а кој не – заклучуваат познавачите. С.Т.