Фото: „Нова Македонија“

Се разбира дека САД, како што изјави официјално портпаролот на Стејт департментот, „остануваат посветени на Договорот од Преспа“ и очекуваат Македонија „да го одржи овој дух и јавниот дискурс да остане базиран на факти и вкоренет во посветеноста на иднината на Северна Македонија во ЕУ“, бидејќи нашиот стратегиски партнер САД токму низ една таква геостратегиска призма го гледа нашиот пат кон побрза интеграција во атлантските и европските структури, со добра намера. Тој пат САД го гледаат јасно и ни го покажуваат како насока за достигнување на западните демократски стандарди. Но, од друга страна, нашиот стратегиски партнер многу добро знае колку Македонија и македонскиот народ жртвуваа за „духот на Преспанскиот договор“ и дека тој дух има и своја друга, темна страна на карактерот. Тој искажа асиметричност и неправедност за Македонија, демонстрира преседан што е спротивен на легалитетот и авторитетот на меѓународното право… Токму „духот на Преспанскиот договор“ за грчката страна беше асиметрично добар, а за втората страна духот беше зол, со нелегитимно, нелегално и насилно деноминирање на Македонија и на македонскиот народ. САД и Македонија многу добро знаат дека и без Преспанскиот договор кај нас е „вкоренета посветеноста на иднината на Македонија во ЕУ“…

Медиумите од Грција, првата страна потписничка на Преспанскиот договор, со предупредувачки тон пишуваат дека Атина одблизу ги следи политичките изјави поврзани со овој билатерален договор на учесниците во претстојните претседателски и парламентарни избори во Македонија. Во фокусот на интересот на официјална Атина за македонските избори е пред сѐ употребата на името Македонија.
Иако Грција нема ратификувано ниту еден меморандум од сите (само) три што се поврзани со спроведувањето на Преспанскиот договор, наспроти спроведувањето на сите апсурдни и асиметрични обврски што ѝ беа наметнати на Македонија со истиот договор, официјална Атина не се воздржува да се повикува на овој документ и во однос на „контролата“ на вокабуларот во внатрешниот јавен дискурс во македонскиот предизборен амбиент. Дури и грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис доцнењето на ратификацијата на трите меморандуми за Преспанската спогодба го „оправдува“ дека не е поради внатрешните политички околности во Грција, туку поради „односите што се развиваат по Договорот од Преспа“. Герапетритис нагласува и дека тоа е меѓународен договор што не може еднострано да се смени и ги обврзува сите влади, но веројатно мислејќи како што ѝ одговара на Грција. Тој вели дека „ќе има напредок кога политичките околности ќе го дозволат тоа“ и ова, како што посочи, не се однесува на „внатрешните политички услови“ во Грција.

Стејт департментот на САД апелира на „духот на Преспанскиот договор“

Во контекст на грчката интервенција за употребата на именката „Македонија“, во македонската изборна кампања, без географската одредница во името на државата, наметната според Преспанскиот договор, беше вклучен и Стејт департментот на САД. Како одговор на новинарски прашања, од Стејт департментот рекле дека „САД очекуваат Северна Македонија да го одржи духот на Договорот од Преспа, а јавниот дискурс да биде базиран на факти“.
– Исто како што САД остануваат посветени на Договорот од Преспа, ние очекуваме Северна Македонија да го одржи овој дух и јавниот дискурс да остане базиран на факти и вкоренет во посветеноста на иднината на Северна Македонија во ЕУ – одговорил портпаролот на Стејт департментот на прашањето дали САД се загрижени за можно поткопување на Договорот од Преспа.
И покрај повикувањето на извршната наредба на актуелниот американски претседател Џо Бајден, во 2021 година, со која се предвиде замрзнување на имот и забрана за влез во САД на лица што работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор, сепак, на нашиот стратегиски партнер од Вашингтон му е повеќе од јасно дека „духот на Преспанскиот договор“ има двоен карактер, во зависност од тоа што го ослободува од „ламбата“: Грците гледаат на него како семоќен маг за остварување на нивните мегаломански интереси, САД гледаат на него како на моќна алатка за побрза интеграција на Македонија во европските и атлантските текови, се разбира со одредени жртви за Македонија, кои е неопходно да се положат на патот кон интеграциите. А како гледаше македонска страна при ослободување на „духот од преспанската ламба“?!
Очигледно, низ две диоптрии. Првата е диоптријата на оние што ја потпишаа, а втората диоптрија беше (и сѐ уште) е онаа на македонските интелектуалци и голем дел од граѓаните.

Наташа Котлар-Трајкова: Духот на Преспанскиот договор е негација на
македонскиот национален дух и духот на македонската државност

– Словото на Преспанската спогодба (2018) за промена на името на македонската држава во „Република Северна Македонија“ е резултат на нелегални и нелегитимни политички постави од странски и домашни фактори! Актуелната власт ја погази граѓанската волја за непромена на името, беа донесени (не)уставни амандмани, доживеавме кршење на човековите права, видовме политичка и лична дрскост. Република Македонија институционално беше нападната, на нејзината територија сега има власт што само се претставува од името на државата „Република Северна Македонија“. Но, македонската држава е резултат на антифашистичката борба на македонскиот народ и на другите народности, кои не се плашеа да му се спротивстават на фашизмот, кој зачекори минатиот век и направи пустош во светската цивилизација – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова.
Игнорирањето на резултатите од референдумот во 2018 година, односно неговото бојкотирање од страна на значително мнозинство на македонските граѓани, беше јасна порака до меѓународната заедница дека Преспанскиот договор ќе ја има судбината во Македонија на „нешто накриво насадено“, што нема да биде прифатено, всушност е неприфатливо за македонското национално себепрепознавање. Во манирот на нарацијата на американскиот Стејт департмент – духот на Преспанскиот договор е негација на македонскиот национален дух и духот на македонската државност граден на вредностите на Крушевскиот манифест и Манифестот на АСНОМ. Овие историски документи, темели на македонската државност, во себе ги содржат вредностите на современата цивилизација. Преспанскиот договор изнуди потиснување на тие вредности, бришење на нивните симболи вградени во македонскиот национален дух, откажување од македонските сонародници надвор од границите на државата, отвори простор за нови уцени спрема Македонија, иако спротивни на меѓународното право и универзалните човекови права…
– Донесените решенија од Првото заседание на АСНОМ (2.81944) влегуваат во македонската историја како позитивен и препознатлив национален настан. Во преамбулата на претходниот Устав на Р Македонија, одлуките на АСНОМ изнесуваат содржина од историски карактер, затоа што на заседанието со тие решенија се поставени темелите на оваа држава. Деведесетте делегати на Првото заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година, избрани од сите краеви на етногеографска Македонија, од сите социјални слоеви, вери и националности, усвоиле 9 историски одлуки, од кои повеќето се со државотворно значење за Македонија. Такви се: 1. Решението за утврдувањето на АСНОМ за врховно, законодавно и извршно тело и највисок орган на државната власт на Македонија; 2. Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во Македонија; 3. Решението за прогласување на 2 август за државен празник (национален празник) на Македонија и 4. Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните на Демократска Македонија. Овие решенија претставуваат државотворни акти со политичко и историско значење. Комплексната содржина на споменатите решенија своевремено е преточена како програмска определба во Манифестот на Првото заседание на АСНОМ, во кој е впечатлива „суверената волја“ на македонскиот народ за фактичко и правно создавање на една негова државна индивидуалност, во чинот на НОБ и народниот фронт на сите антифашистички и демократски чинители, како Македонците од пиринскиот и егејскиот дел, Албанците, Турците, Власите и др. Притоа, овој документ има прокламирачки карактер. Оваа формулација „одлуките на АСНОМ“ (односно, Манифестот) има суштински (содржински) карактер – наведува професорката Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја на Македонија, потенцирајќи ја вистинската вкоренетост на демократијата кај македонскиот народ и слободарскиот дух и стремеж.

Дискурсот на нашиот стратегиски партнер САД

Се разбира дека САД, како што изјави официјално портпаролот на Стејт департментот „остануваат посветени на Договорот од Преспа“ и очекуваат Македонија „да го одржи овој дух и јавниот дискурс да остане базиран на факти и вкоренет во посветеноста на иднината на Северна Македонија во ЕУ“, бидејќи нашиот стратегиски партнер САД токму низ една таква геостратегиска призма го гледа нашиот пат кон побрза интеграција во атлантските и европските структури, со добра намера!
Тој пат САД го гледаат јасно и ни го покажуваат како насока за достигнување на западните демократски стандарди. Но, од друга страна, нашиот стратегиски партнер многу добро го знае и чувството на македонскиот народ за принесувањето жртва на олтарот за „духот на Преспанскиот договор“. Вашингтон точно знае и дека тој дух има и своја друга, темна страна на карактерот. Тој дух искажа асиметричност и неправедност за Македонија, демонстрира преседан што е спротивен на легалитетот и авторитетот на меѓународното право… Токму „духот на Преспанскиот договор“ за грчката страна беше асиметрично добар, а за втората страна духот беше зол, со нелегитимно, нелегално и насилно деноминирање на Македонија и на македонскиот народ.
Меѓутоа САД и Македонија многу добро знаат дека и без тој Преспански договор кај нас е, како што истакнуваат, „вкоренета посветеноста на иднината на Македонија во ЕУ“…


Американска и британска делегација поддршка на АСНОМ, при создавањето на македонската држава

Наспроти денешните апели за посветеност на Договорот од Преспа, целосно асиметричен на меѓународното право и Универзалната декларација за човекови права при ООН, навистина треба да се потсети и македонската, но и меѓународната јавност на антифашистичкото сојузништво во Втората светска војна, при создавањето на македонската држава, и на формалноправната поддршка на Вашингтон.
Имено, на Првото заседание на АСНОМ, кога се донесени државотворните одлуки за Македонија, биле присутни, сведочеле и го поддржале создавањето на македонската држава сојузничките делегации на САД и на Велика Британија. За обележување е фактот дека од сојузниците, од одредени причини, на Првото заседание на АСНОМ не била присутна руската делегација, односно на тогашен СССР. Манифестот на АСНОМ за Македонија во голема мера ја има истата вредност како Декларацијата за независност на САД. Двата документа ја имаат вредноста на државотворни акти, иако во различен историски период, на различни континенти, но со кои се создадени држави што својата независност ја извојувале верувајќи пред сѐ во слободата на човекот и народите, како и правдата и правото. Затоа поддршката на Преспанскиот договор, кој ги деградира овие вредности, изгледа неконзистентно за секоја нација што својот национален дух го создавала во борба за слобода, правда и еднакви можности на луѓето. Преспанскиот договор со својата асиметричност е неправеден за Македонија, но неговото постоење е неправедно, па дури и срамно за авторитетот и моќта на меѓународното право. Ако веќе се „држиме до фактите“, според препораката на Стејт департментот, Преспанскиот договор им е нелегитимно, нелегално и насилно наметнат на Македонија и на македонскиот народ. Колку и да се инсистира на некаков „дух на Преспанскиот договор“, тоа никако не е „добар дух“ во меѓународните односи. Но, можеби нашиот стратегиски партнер има „геостратегиски дурбин“ кој гледа подалеку и дека во интерес на македонскиот народ и држава и, се разбира, заеднички интерес, Преспанскиот договор го гледа само како една преодна фаза и прерипување на некои пречки што во одреден (актуелен) историски момент се чинат како несовладливи. А сето тоа како маневар да се достигне вистинската цел: конечно и целосно почитување на меѓународното право, почитување на јус когенс (перемпторното) право и развивање на демократијата, колективните и индивидуалните права во насока на општиот просперитет и благосостојба. Ј.П.