И наместо вербална поддршка – со декларации и кажување понекоја реченица на македонски јазик од европските претставници и „неканети“ гости, потребни се дела, а не зборови, т.е. потребна е вистинска поддршка. А тоа е толку лесно и едноставно – почитување на правилата за зачленување што самите си ги имаат донесено! И крајно време е да воспостават инструмент за спречување на негирањето на природното право за самоизјаснување, што е основна европска вредност, зашто вакви блокирања допрва ќе им се множат. Европските демократи треба само да ја усогласат преговарачката рамка за Македонија со копенхашките правила и ништо повеќе. Наместо тоа, тие ни кажуваат прикаски за мали деца
Навредливиот и понижувачки однос на ЕУ-бирократите кон Mакедонија продолжува, а се засилуваат уцените од самопрогласените „демократи“ на меѓународната заедница, кои спротивно на сите правила за членство во ЕУ, прво ги внесоа безумните бугарски барања во преговарачката рамка, а сега нѐ замајуваат со носење декларации за почит и признавање на македонскиот идентитет.
Замислете, една голема држава, членка на ЕУ, со декларација ни ги признава нашиот јазик, култура, идентитет!?! И не беше доволно тоа што сите 27 земји прифатија бугарските глупави барања и уцени да бидат услов за почнување на нашите преговори со ЕУ, сега една од најмоќните земји на ЕУ се однесува, нека ми прости, исто така глупаво како Бугарија. Зашто, ако нашите политичари на власт не знаат, или се прават дека не знаат дека народите не се признаваат со декларација, тоа не значи дека и македонскиот народ не знае. Уште повеќе, една земја како Германија не може да не го знае тоа и дека ако можат да ги замајуваат македонските политичари, тоа не може им помине кај Македонците.
А за нивната искреност зборува изјавата на специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, дадена истиот ден кога беше изгласана декларацијата: дека Германија ќе се придржува до преговарачката рамка и до вториот француски предлог (што всушност е првиот) и дека ќе била против ново отворање на преговарачката рамка. И сега што? Чуму ваква декларација и каква корист од таквиот чин, освен мачкање очи.
Од ова произлегува дека ние не знаеме кои сме и што сме и дека сите други подобро го знаат тоа – и во позитивна (Германциве) и во негативна смисла (бугарскиот став). Но наместо нам, подобро тоа да ѝ го кажат на нивната членка Бугарија, која ги гази сите меѓународни прописи и правила. А, пак, ако навистина нѐ почитуваат, тогаш зошто ни поставуваат дополнителни услови за членство во ЕУ спротивно на воспоставените копенхашки правила?
Жалосно е што словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар во тој „филм“ го внесе и братскиот словенечки народ. Имено, новопечената Европејка од Словенија, при неодамнешната посета на Македонија, со невидена леснотија го спореди техничкото менување на Уставот на Словенија (усогласување со европското законодавство) со суштинските уставни измени што се бараат од Македонија (внесување малцинство што не ги признава ниту македонскиот народ и неговата историја, а ниту македонскиот јазик), две не само неспоредливи работи туку различни како ден и ноќ.
Единствени што се спротивставија на бугарските будалаштини беа Чешка и Словачка, зашто и тие беа засегнати, кога Бугарија ги прогласи за бугарски сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј, но и тие застанаа кога видоа како се однесуваат нашите однародени политичари.
Имено, старословенскиот т.е. старомакедонскиот јазик од околината на Солун што е во основа на словенската писменост создадена од светите браќа Кирил и Методиј е непроценливиот македонски придонес во културната ризница на светот, признаен од славистичката наука во целиот свет, освен од бугарската. За жал, првиот пишан словенски јазик, поради политичките околности, беше кодифициран последен, но тоа не значи дека е новосоздаден и измислен, како што најголемиот број бугарски лингвисти и историчари бесрамно тврдат, да не речам лажат.
И наместо вербална поддршка – со декларации и кажување понекоја реченица на македонски јазик од европските претставници и „неканети“ гости, потребни се дела, а не зборови, т.е. потребна е вистинска поддршка. А тоа е толку лесно и едноставно – почитување на правилата за зачленување што самите си ги имаат воспоставено! И крајно време е да воспостават алатка за спречување на негирањето на природното право за самоизјаснување, што е основна европска вредност, зашто вакви блокирања допрва ќе им се множат.
Европските демократи треба само да ја усогласат преговарачката рамка за Македонија со копенхашките правила и ништо повеќе. Наместо тоа, тие ни кажуваат прикаски за мали деца: дека тие (Бугарите) биле внатре, а ние надвор, со што јасно кажуваат дека ЕУ потклекна пред бугарските безумни барања и дека всушност се откажува од својата основна вредност. Наместо декларации за македонскиот јазик, историја итн., ЕУ треба преку своите органи да донесе декларација за осуда на бугарското однесување, а не да ја уценува земјава со внесување на бугарското малцинство. Но наместо тоа, Германија во донесената декларација само апелира Бугарија да се воздржи од натамошни блокади.
А, пак, Германија или која и да е друга голема земја на ЕУ, да сакаа, многу лесно ќе го спречеа бугарското нецивилизирано однесување. Арно ама тоа во минатото не им одеше во прилог. Но кога со војната во Украина воспоставените односи се сменија, ЕУ се сети на т.н. Западен Балкан! Но, сега им е тешко да се повлечат и да си го погазат напишаното и изгласаното. За волја на вистината, треба да се каже дека вината во прв ред е кај нашите однародени и поткупливи политичари кои ја отворија Пандорината кутија. Арно ама ЕУ, којашто се прикажува како цивилизирана, демократска и уште каква ли не, требаше да ги истегне за уши политичарите од двете „варварски“ земји и по кратка постапка да ја затвори Пандорината кутија, полна со сите несреќи и лошотии на светот.
Да заклучиме: донесената декларација не помага за решавање на создадениот проблем, нема никакво обврзувачко дејство, со ниеден збор не се заложува за уште една европска вредност, а тоа е заштита на правата на малцинствата, во случајов на македонското во Бугарија, за чие непочитување Европскиот суд има донесено повеќе од дузина пресуди, но, од друга страна нас, нѐ условува со внесување на бугарското во Уставот.
Повеќе од јасно е дека ваквиот однос на меѓународната заедница во прв ред се должи на нејзината нечиста совест и неспремноста да ја признае грешката направена во минатото со поделбата на Македонија. Сега пак со одмакедончување на македонскиот народ сака да покаже дека во минатото постапиле правилно и македонското прашање, во голема мера создадено од нив, засекогаш да го избрише и тргне од дневен ред. И заради зачувување на мирот во ЕУ-куќата, се притиска послабиот.
А за тоа најдоа одличен партнер во нашите поткупливи, себични, неуки, некадарни, та затоа сервилни и во сѐ нај, нај, „најодлични“ и згора на тоа самобендисани политичари, кои со секој потег ја урнисуваат македонската држава. Но она што, за среќа, не можат да го поништат и уништат, тоа е жилавиот и нескршлив македонски дух. Овој народ опстоил и во потешки времиња, кога го ништеле многу посилни и поумни државници од нашиве црпнати политичари коишто глумат дека се државници.
Автор: Наде Проева