Државната комисија за спречување на корупцијата денеска на 23-та седница, меѓудругото расправаше и постапуваше по повеќе предмети во врска со изборниот процес за претстојните локални избори.
Членот на ДКСК Сервет Демири ја образложи пријавата со наводи за сомневање за прекршување на изборниот процес против Партијата на пензионерите во Пробиштип, во која се наведува дека ја држи во заблуда јавноста дека настапува со независна листа на кандидати за членови на Совет на општината. ДКСК одлучи дека нема основи за постапување и оти за ова е надлежна Државната изборна комисија, односно дека ДИК прави оценка на начинот и постапката за поднесување и утврдување на кандидатските листи.
Членовите на ДКСК расправаа и за пријава за сомневање за незаконско постапување во изборниот процес и изборната кампања од страна на директор на основно училиште, кој според пријавата преку мобилна апликација врши притисок врз вработени со цел нивно присуство на партиски настани, како и закани до вработените кои се со договор на дело, дека договорите нема да бидат продолжени доколку не присустуваат на партиските настани. ДКСК пријавата веќе ја достивало до надлежната комисија за следење на нерегуларностите во текот на изборите до Јавното обвинителство на РСМ.
Заменик-претседателката Цвета Ристова образложи случај од познат подносител со наводи за сомневање за прекршување на Изборниот законик од страна на раководствто на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методи“, дека во изборен процес Факултетот донел одлука за утврдување потреба од вработување на 12 асистенти. Според пријавата се изразува сомневање дека е сторено прекршување на Изборниот законик и обид за партиски вработувања на кандидати фаворизирани од страна на одредени политички партии. ДКСК доставила барање до Фалуктетот за доставување на документација за наводите во пријавата, при што е утврдено дека на седница на Деканската управа на 30 септември е донесен заклучок да се одложи точката за утврдување на потребата за нов наставен кадар и истата да е одложена до крајот на ноември, односно почетокот на декемри. Ристова нагласи дека имајќи предвид дека точката е тргната од дневен ред и дека не е почната постапка за вработување нови лица нема потврда за прекршување на Изборниот законик, поради што членовите на ДКСК гласаа за прекин на предметот.
Членовите на ДКСК меѓудругото расправаа и за пријава за законски прекршувања на изборниот процес и на Унизверзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, односно дека по распишување на избори деканот го свикал Научно – наставниот совет и бил извршен избор на тројца продекани.
Софија Спасова Медарска, членка на ДКСК, образложи дека по разледувањето на пријавата ДКСК констарирала дека истата не укажува на постапување спротивно на забраните содржани во Изборниот законик бидејќи не станува збор за постапка за вработување на нови лица или за прекин на работен однос, туку за избор на продекани, што се врши со тајно гласање од редот на вработените. Поради тоа и оваа постапка е прекината.
Членовите на ДКСК расправаа и по пријава поднесена против министерката за образование, како и заменик министерот за социјална политика, демографија и млади и градоначалник за нарушување на изборната регулатива со посетата на ресурсен центар на средно училиште во Скопје на 1 октомври 2025, при што им доделиле училишни униформи и ранци на учениците. ДКСК констатира дека тие постапувале во својство на претставници на органите, со кои раководат, при што не биле прикажани партиски симболи или други материјали кои би укажувале на прекршување на Изборниот законик. ДКСК заклучи дека нема елементи за натамошно постапување.
Членот на ДКСК, Зоран Богоевски образложи пријава од непознат подносител за прекршување на изборниот процес и кампањата за локалните избори од носител на Советничка листа на СДСМ, кој дал изјава на прес-конференција за син на претседател на локален огранок на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник за сторен сообраќаен прекршок и пречекорување на дозволена брзина на управување со моторно возило и тоа со цел да добие политички поени. ДКСК констараше дека тука нема елементи за постапување и дека подносителот на пријавата за овој случај може да се обрати до надлежен суд.
Членовите на ДКСК расправаа и по повеќе предмети кои не се поврзани со изборниот процес, меѓу кои и неколку неподнесувања на анкетни листови на разрешени членови на управни и надзорни одбори, при што ДКСК до нив доставила барања за уплата на прекршочна глоба.
Богоевски ја образложи пријавата за наводи за сомневање за незаконски дејности во постапка за приватизација на државно земјиште и незаконитост во постапка за изградба на бесправно изграден објект на територија на Охрид, на локација која е означена како национален парк. ДКСК побарало од надлежното Обвинителство информација дали постапува во ваков или сличен предмет, при што добила позитивен одговор, поради што членовите изгласаа прекин на постапката.
Пред членовите на ДКСК се најде и пријава против јавен обвинител во Основно јавно обвинителство. Билјана Каракашова Шулев наведе дека познат подносител поднел пријава против работењето на обвинителот, по кривична пријава за случај за сеча на шуми, а кој е поврзан со подружница на Јавното претпријатие за Национални шуми. Според пријавата обвинителот и покрај сите наведени докази постапил несовесно и покренал постапка само против физичко лице, а не и против вработени во Јавното претпријатие. ДКСК констатира дека за својата работа обинителот согласно законите одговара пред Јавното обвинителство на РСМ, поради што и пријавата ќе се достави до Обвинителството.
Членовите расправаа и за случај со градоначалник, кој е пријавен дека нему блиско правно лице гради без одобение за градба на наведени катастарски парцели. Пријавата е доставена и до Обвинителството во Струмица. ДКСК за утврдување на фактичката состојба побарала информации од Обвинителството, при што им било укажано дека е оформен предмет со наводи за кривично дело „злоупотреба на службена должност и овластувања“, а постапката е во фаза на прибирање докази. ДКСК поради тоа ја прекина постапката по оваа пријава.
Седницата ќе продолжи по дадената пауза.