Критики за претседателот Стево Пендаровски по барањето од Софија да се извини да се депортацијата на македонските Евреи, упатија бугарските националисти Александар Џамбаски и Виктор Стојанов.
Бугарскиот европратеник Џамбаски, познат по своите територијални претензии и ширење говор на омраза кон македонскиот народ, на социјалните мрежи пишува дека Пендаровски со барањето демонстрирал скандалозна антибугарска дрскост, а Бугарите се единствениот народ во Европа кој му се спротивставил на диктаторот, Адолф Хитлер.
Вели дека бугарското МНР треба да одговори и да побара итно извинување од Пендаровски.
– Пендаровски уште еднаш излажа дека властите во Софија имаат врска со депортацијата на Евреите од териториите на денешна Северна Македонија. Докажан историски факт е дека се работи за целосна и крајна лага. Истовремено, Пендаровски кажа уште една лага, прогласувајќи ја власта во Софија за профашистичка. Докажан историски факт – во Кралството Бугарија никогаш на власт не бил ниту профашистички ниту националсоцијалистички режим – пишува Џамбаски.
Џамбаски дури вели дека властите во Скопје се обидуваат да ја негираат, како што пишува, неоспорната историска заслуга на бугарската нација, која му се спротивставила на Хитлер и ги спасила своите Евреи.
Со коментар се огласи и Виктор Стојанов, претседател на бугарската фондација „Македонија“ кој пак, порача дека Пендаровски ќе одговара за својот неонацизам.
– Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски ја оправдува нацистичка Германија за смртта на 11.000 Евреи, обвинувајќи го Кралството Бугарија. Нема место за нацисти во Европската унија! А Пендаровски ќе одговара посебно за својот неонацизам и наскоро ќе сфати – пишува Стојанов.
Пендаровски вчера истакна дека правда значи да се препознае и именува вистината, а таа да биде почитувана од сите.
– За да има помирување, мора да има извинување за улогата на тогашната профашистичка влада во Софија во депортацијата на македонските Евреи – рече Пендаровски.