Имајќи ги предвид значењето и предизвиците во заштитата на културното наследство, особено важен за Македонија и современите предизвици со оспорување на автентичноста на македонскиот јазик е неодамна завршениот проект за дигитализација на картотеките на зборови на македонски јазик
Трајна заштита на околу пет милиони оригинални документи со стари македонски зборови, дијалекти и записи
Заштитата на културното наследство претставува цивилизациска обврска на една држава, но обврска што си ја должи самата себеси како грижа за фундаментите на сопственото национално постоење. Современите технологии денес, пак, овозможуваат посигурен вид заштита на кревките и материјално чувствителни документи од минатото, кои се значаен дел од културното наследство. Имајќи ги предвид значењето и предизвиците во заштитата на културното наследство, особено важен за Македонија и современите предизвици со оспорување на автентичноста на македонскиот јазик е неодамна завршениот проект за дигитализација на картотеките на зборови на македонски јазик. Овие картотеки му припаѓаат на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ од Скопје.
Станува збор за проект поддржан со буџетски средства, преку кој се овозможуваат трајно заштитување и дигитализација на околу пет милиони оригинални документи со стари македонски зборови, дијалекти и записи, кои се дел од нашето духовно богатство. Овие записи со изворни македонски зборови и изрази на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ датираат од периодот на 14 и 15 век. Со реализација на проектот, овие записи веќе нема да се чуваат само во кутии и во плакари, туку ќе бидат заштитени во дигитална форма, со што ќе се обезбеди нивно понатамошно зачувување како непроценливо национално богатство.
За овој проект беше обезбеден вкупен буџет во износ од 14 милиони денари, за кој преку Фондот за иновации и технолошки развој се обезбедени девет милиони денари, додека Министерството за култура учествуваше со финансиски средства во износ од пет милиони денари. Спроведувањето на проектот траеше од декември 2021 година, па сѐ до декември 2022 година, а го реализира архивскиот податочен центар „Инбокс“, во соработка со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
– Многу сме горди како Институт за македонски јазик, што за 70-годишнината од постоењето на нашата институција успеавме целосно да го реализираме овој проект за дигитализација на сите 12 картотеки со пет милиони ливчиња – записи од 14 до 15 век, кои се своевиден материјален доказ за автентичниот историски развој на македонскиот јазик. Овие записи се собирани во текот на сите изминати 70 години, уште од основачите на Институтот за македонски јазик: Трајко Стаматовски, Благоја Корубин, Тодор Димитровски, Блаже Конески и Крум Тошев, како прв директор на Институтот. Овие собрани материјали беа основата на проектите што се работени во Институтот, во изминатите децении, а сега со дигитализацијата се заштитени од оштетување при работа со нив оригиналните документи – записи, кои претставуваат извори за истражување и проучување на лексиката, ономастиката, дијалектологијата на македонскиот јазик, во црковнословенски текстови со македонска варијанта. Тука го имаме зачувано развојот на македонскиот јазик: од топоними, лични имиња, преку дијалектите на јазикот и надвор од границите на Македонија.
Во голема мера, картотеките со примери од творештвото на современите македонски автори се основа на Толковниот речник, кој го имаме и во дигитална форма – вели Елена Грујоска-Јованова, директорката на Институтот за македонски јазик, Крсте Петков Мисирков. Таа нагласува дека дигитализацијата на овие стари записи не е значајна само како практична придобивка во научната работа на Институтот за македонски јазик, туку воопшто како важен чекор во заштитата на културното наследство на Македонија.
На претставувањето на проектот за дигитализација на картотеките на зборови на македонски јазик, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека на овој начин Владата обезбедува континуитет во зачувување на нашите културни вредности.
– Македонскиот јазик е аманет со кој треба да се гордееме бидејќи само преку негувањето и зачувувањето на нашиот јазик и неговата изворна содржина, ќе може да го зачуваме и сопствениот идентитет, за кој се избориле генерациите пред нас, а нам ни е оставен како завет од кој не смее да се откажеме – порача премиерот Ковачевски.