Фото: Маја Јаневска Илиева

Денешните локални избори поминаа во мирна, фер и демократска атмосфера без ниту еден посериозен инцидент или нарушување на јавниот ред и мир, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција по завршувањето на гласањето.

Тошковски истакна дека изборниот ден минал во најдобар ред и дека институциите покажале висок степен на функционалност и одговорност.

– Денеска покажавме дека кога институциите функционираат, демократијата е сигурна – рече министерот, додавајќи дека со гордост може да каже оти овие избори биле едни од најмирните и најбезбедните во поновата историја на државата.

Тој им се заблагодари на полициските службеници кои, како што рече, ја завршиле својата задача одговорно, професионално и без ниту еден пропуст, обезбедувајќи услови граѓаните слободно да го остварат своето демократско право на глас.

Гласањето, истакна Тошковски, започнало навреме на сите гласачки места, освен на 84. каде што имало технички проблеми и доцнење до два часа. Регистрирани биле и 29 прекини на гласањето, во траење од петнаесет до триесет минути, најчесто поради проблеми со уредите за идентификација, кои, како што рече, биле навремено решени. Најмногу вакви случаи имало во подрачјата на СВР Тетово и СВР Охрид.

Во текот на денот, информираше министерот, биле пријавени 91 настан на територијата на државата, од кои најголемиот дел се однесувале на агитирање и можен поткуп, а дел на фотографирање на гласачко ливче.

– По преземени мерки, за 42 од пријавените случаи постапките се завршени, а во најголем дел наодите не се потврдени – рече тој и додаде дека активностите за останатите случаи продолжуваат во координација со Обвинителството и останатите надлежни органи.

Во текот на изборниот ден, лишени од слобода биле 11 лица, дел поради поткуп и дел поради фотографирање или уништување на гласачко ливче. Четири од нив, додаде, се веќе ослободени, а седум се задржани за понатамошна постапка. Министерот информираше и дека биле пријавени седум настани со наводна инволвираност на полициски службеници, но за шест од нив било утврдено дека не постојат неправилности, а за еден случај се преземаат мерки за расчистување.

Секторот за компјутерски криминал, додаде тој, регистрирал 19 објави на социјални мрежи и интернет поврзани со изборите, кои се предмет на понатамошна проверка.

– Сите овие податоци потврдуваат дека денешниот изборен процес помина во мирна, фер и демократска атмосфера. Ова е резултат на навремената координација и професионализмот на сите структури на МВР. Денес ја видовме сликата на безбедна и демократска држава која докажа дека знае да спроведе избори какви што ѝ доликуваат – рече министерот.

Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со лицето кое денеска било лишено од слобода во општина Чаир, Тошковски потврди дека едното од двете лица е во редовен работен однос во рамки на Државната изборна комисија, но дека во моментот на настанот не ги извршувало своите работни обврски.

– Лицето е лишено од слобода затоа што одбило да се идентификува пред овластено службено лице – појасни министерот Тошковски.