Раде Јовчевски - Корчагин

Како нација, држава и општество имаме должност да го негуваме аманетот што ни го оставија македонските херои и да се сеќаваме на нивната пожртвуваност и храброст, без кои денешна Македонија немаше да суштествува. Совршен пример за ова е македонскиот национален херој Раде Јовчевски-Корчагин, кој на 20 февруари 1943 година беше убиен од бугарските фашистички власти со извикот: „Еве ти ја слободата и човековите правдини“.

Повод: 81 година од смртта на Раде Јовчевски-Корчагин

Македонците, како и секој друг народ, имаат сопствени херои, херои што се симбол на македонските стремежи за слобода и сопствена држава. Не смееме да заборавиме дека македонските национални херои имаат специфични обележја, како што е слободарскиот и антифашистичкиот дух. Во оваа конотација, мора да се нагласи дека македонските херои се олицетворение на антифашистичките определби на македонскиот народ, кои триумфираа со одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, 2 август 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Македонија како држава не е историска случајност или минлива појава, а потврда за тоа се илјадниците знајни и незнајни Македонци и Македонки што ги положија своите животи за македонската државност.

Кој е Раде Јовчевски -Корчагин?

Потекнува од скромно занаетчиско семејство, а неговиот татко Коста бил познат скопски чевлар. Основното образование го започнал во скопското локално училиште, но поради финансиските тешкотии одлучил да изучува занает. Во 1933 година, започнал да го посетува училиштето за трговска младина како кожарски работник. Раде Јовчевски работел и изучувал занает три години, но по обуката не нашол работа во Скопје и бил принуден да замине за Белград. Во главниот град на Кралството Југославија пронашол работа и се зачленил во кожарскиот синдикат. Токму го добил прекарот Корчагин, според главниот јунак од романот „Како се калеше челикот“ од Николај Островски. Корчагин активно започнал да се занимава со работничките права и во 1938 година бил поставен за секретар на синдикатот. Во согласност со своите левичарски убедувања ја прифатил работничката програма на Комунистичката партија на Југославија и во 1939 година станал нејзин член.

Убиството на Раде Јовчевски – Корчагин од страна на Бугарските сили

Со своите активности им го привлекол влијанието на властите и му било наредено да се врати во Скопје. По враќањето во родниот град станал член на Урсовиот синдикат и се пројавил како организатор на повеќе масовни излети на Водно, Матка и во други околни места. Излетот во Катланово бил најпосетен од страна на работниците и поддржувачите на работничкото движење. Ја стекнал довербата на комунистичките водачи во Скопје и станал професионален политички работник. Набргу потоа повторно им го привлекол вниманието на властите и бил квалификуван како опасен комунист и човек што е против кралот. Бил приведен од началникот на југословенската кралска полиција и подолг период бил измачуван со цел да посочи дел од соработниците. Бил ослободен, но повторно бил притворан.
Како активист на Комунистичката партија на Југославија, во Белград и Скопје делел пропагандни материјали, организирал и помогнал при организирање партиски настани, а неколкупати имал средби и со Јосип Броз-Тито. По наредба на КПЈ тој бил испратен во Скопска Црна Гора за да помогне при формирањето партизански одред. Многу набрзо по формирањето на одредот истиот тој бил откриен од властите и неговата работа била намалена. Поради безбедносни причини заминал за Софија со другите блиски соработници и од таму дејствувал врз настаните во Скопје. Паралелно бил и осуден во отсуство со смртна казна. Во Скопска Црна Гора се враќа под името Јанко и така учествува во формирањето нов партизански одред, каде што бил заменик-политички комесар. Бугарските власти разбрале дека некој Јанко организирал партизански одред и била објавила потерница и награда, а наградата за главата на Корчагин била 150.000 лева. Одредот што бил формиран во Скопска Црна Гора тргнал за Косово и Јужна Србија за да се спои со косовскиот одред. Корчагин патувал со својот соборец и добар другар Александар Урдаревски. Походот на одредот бил во јануари 1943 година, меѓутоа партизаните во близината на Липљан биле нападнат, а целиот одред бил разбиен во близината на Бинач.
По овој настан, во Скопје во куќата на Ганко Петковски, Корчагин и неговите соборците се подготвувале за обновување на дејствата и акциите. Вечерта на 20 февруари 1943 година, Раде заедно со другите борци сакал да се префрли во куќата на Јорда Нешевска, денес во Маџир Маало. Но куќата била опколена од бугарската полиција и започнала пресметка. Корчагин бил ранет и потоа немилосрдно бил убиен од бугарската полиција со неколку куршуми и извикот „Еве ти ја слободата и човечките правдини.“ Д.Ст.


Првиот скопски партизански одред

Првиот скопски народноослободителен партизански одред, првата партизанска единица на НОВ во Македонија, е формиран на 22 август 1941 година кај месноста Чифлик, во близината на скопскиот градски парк и опстојува до 2 ноември 1941 година кога се самораспуштил. Прв командант на одредот бил Чедомир Миленковиќ, а потоа, од 18 до 31 октомври, Љубомир Лековиќ. Политички комесар на одредот бил Даме Крапчев. За време на постоењето на одредот, во него, континуирано или повремено, се бореле 42 борци, од кои 17 загинале во текот на НОВ. По војната, тројца борци од одредот (Раде Јовчевски-Корчагин, Боро Петрушевски и Александар Урдаревски) се прогласени за народни херои.
Веднаш по формирањето, одредот извршил диверзија на рудникот „Радуша“, по што заминал на Водно. По судирот на Боро Петрушевски со бугарската полиција и по апсењето на курирот Боса Ѓурашковиќ на 8 септември, на 9 септември се префрлил во старата диверзантска база покрај Вардар, а оттаму следниот ден се префрлил на Скопска Црна Гора. На 7 октомври, борци од одредот извеле акција за ликвидирање на бугарските полициски агенти Мане Мачков и Круме Панков-Кросот, во која загинал Благоја Деспотовски-Шовељ, а Александар Смилковски бил уапсен.