Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдува и отсликува посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив, ја воведовме и рубриката Датуми за паметење, преку која секој месец ќе издвојуваме по неколку настани поврзани со македонската историја и истакнати македонски дејци
2 мај 1903 година – Во селото Смилево започнува со работа конгресот на Битолскиот револуционерен округ на Македонската револуционерна организација (МРО). Под влијание на Дамјан (Даме) Груев, на Смилевскиот конгрес завршила расправата околу прашањето за востанието во Македонија. Биле преземени конкретни активности за подготовки на Илинденското востание, меѓу другото бил избран и Главен штаб за Вториот битолски револуционерен округ, во состав Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев. Смилевскиот конгрес го задолжил Главниот штаб да го одреди датумот на Илинденското востание.
3 мај 1945 година – По предлог на Комисијата за јазик и правопис при Министерството за просвета, Народната влада на Демократска Федеративна Македонија донела решение за утврдување на македонската азбука. Азбуката за првпат била отпечатена во весникот „Нова Македонија“, на 4 мај 1945 година.
4 мај 1903 година – Започнува борбата кај Баница помеѓу четата на Македонската револуционерна организација (МРО) предводена од Гоце Делчев (македонскиот великан и главен инспектор на Четничкиот институт) и османлискиот аскер. Во текот на борбата загинуваат Гоце Делчев и Димитар Гуштанов (истакнат македонски револуционер и близок соработник на Делчев).
4 мај 1912 година – Во Дреновата Клисура во близината на железничката станица Градско во заседа бил убиен македонскиот великан Петар (Пере) Тошев, македонски национален херој и раководител на Македонската револуционерна организација (МРО). Во историската меморија на македонскиот народ останува запаметен како совеста на револуционерна Македонија.
6 мај 1924 година – Се објавува Мајскиот манифест во Виена, политичка програма на македонското револуционерно и национално движење. Во манифестот се истакнува дека македонските револуционери ќе ја продолжат својата борба сѐ до ослободувањето на Македонија и создавањето на независната македонска држава. Мајскиот манифест го третира македонскиот народ како самостоен народ и врз таа основа се поставени идните борби.
13 мај 1901 година – Војдан Чернодрински ја основа првата македонска театарска група „Скрб и утеха“. Во 1900 година, со поддршка на македонскиот револуционер Борис Сарафов, се одржува праизведбата на „Македонска крвава свадба“ на македонски јазик во Софија. Драмата постигнала голем успех, а тоа го мотивирало Чернодрински да се залага за формирање македонски театар. По извршената реорганизација на драмската екипа на „Македонска крвава свадба“ била создадена нова драмска екипа со името „Скрб и утеха“. Д.Ст.