Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдуваат и отсликуваат посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив, редовно ја објавуваме рубриката Датуми за паметење, преку која секој месец издвојуваме настани поврзани со македонската историја и со истакнати македонски дејци
1 февруари 1944 година – Во близината на селото Мрежичко (Мариовско), Втората македонска народноослободителна ударна бригада во текот на целиот ден води борба против бугарската гранична единица. Непријателот има 14 мртви војници, тројца ранети и тројца исчезнати војници.
4 февруари 1944 година – Во селото Никодин (Прилепско) бугарската полиција и единиците од прилепскиот гарнизон ја нападнале Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада, која марширала кон областа Азот. Бригадата со противнапад го освоила селото нанесувајќи му на непријателот жртви од околу 20 мртви.
7 февруари 1944 година – Убиен е Христијан Тодоровски-Карпош од страна на бугарскиот окупатор за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во селото Билјача, Прешевско. Тој бил прогласен за народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија што го добиле тоа одликување
8 февруари 1881 година – Роден е Георги Баждаров, македонски револуционер и деец на Македонската револуционерна организација (МРО). Во 1901 година е четник при Јане Сандански, од мај 1902 до октомври 1903 година е секретар во четата на Иљо Крчовалијата, а подоцна во четата на Атанас Тешовалијата. Во летото 1903 година е делегат од Серско на конгресот на Серскиот револуционерен округ. Учествувал во Илинденското востание.
14 февруари 1943 година – Починал Никола Петров Русински, македонски социјалист, учесник во македонското револуционерно движење, член, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација. Тој бил соработник на Гоце Делчев, Васил Главинов и на други истакнати македонски револуционери и дејци.
15 февруари 1839 година – Роден е Рајко Жинзифов, истакнат македонски преродбеник од влашко потекло, писател и поет.
15 февруари 1879 година – Роден е Павел Димитров Делирадев, кој бил бугарски општественик, публицист и револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, близок до Серската група на Јане Сандански, еден од основачите на Народната федеративна партија и деец на ВМРО (Обединета). Тој е приврзаник на идејата за самостојна македонска држава.
15 февруари 1908 година – Починал Марко Бошнаков, македонски анархист, учесник во македонското револуционерно движење и член на гемиџиите. Починал во Мурзук, во либиската провинција Фезан. Главата на Марко Бошнаков била сместена во украсно дрвено ковчеже и била погребена на гробиштата во црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Помеѓу двете светски војни, поради отстранување влага во црквата, извршено е отстранување на земја од северната, од источната и од западната страна, при што било извршено и отстранување на гробовите што се наоѓале на овој простор. Посмртните останки од сите гробови, меѓу кои и останките од Марко Бошнаков, биле пренесени во црквата „Св. Константин и Елена“, која потоа станала еден вид костурница.
16 февруари 1944 година – Починал Андон Дуков, резбар од првата генерација современи македонски уметници, наедно и сликар и борец во НОБ. На 27 ноември 1941 година е осуден во отсуство на 12 и пол години затвор. Умрел од измрзнување на планината Кожуф.
17 февруари 1946 година – Во Скопје е основано Здружението на професионалните новинари во Македонија. За прв претседател беше избран Мито Хаџивасилев-Јасмин.
19 февруари 1905 година – Во Париз е отпечатен првиот број на весникот „Македонија“.
20 февруари 1943 година – Починал Раде Јовчевски-Корчагин, македонски комунист, учесник во НОВ и народен херој на Југославија од Македонија. Вечерта на 20 февруари 1943 година, Раде заедно со другите активисти сакале да се префрлат во куќата на Јорда Нешевска, денес во Маџир Маало. Без нивно знаење, тие биле предадени и куќата била опколена од бугарската полиција. Полицијата почнала да ги гони активистите. Во тие бркотници Раде бил ранет од страна на бугарската полиција. Така ранет, немилосрдно бил убиен од бугарската полиција со неколку куршуми и со извикот: „Еве ти ги слободата и човечките правдини.“
25 февруари 1949 година – Со закон на Народното собрание на НР Македонија е основан Универзитетот во Скопје. Со одржувањето на првото Универзитетско собрание на 24.4.1949 година е означено раѓањето на Универзитетот како највисока научна и образовна институција во Македонија. Во 1969 година, при одбележувањето на 20-годишнината од работата на Универзитетот, тој го доби името Универзитет „Кирил и Методиј“, а на 12.11.1992 година, со одлука на Универзитетскиот совет, Универзитетот „Кирил и Методиј“ пред името на словенските просветители го доби и епитетот свети, значи „Свети Кирил и Методиј“.
25 февруари 1944 година – Починал Кузман Јосифоски-Питу, македонски комунист, еден од главните организатори на антифашистичкото движење (1938 – 1941) и на НОБ во Македонија (1941 – 1944). Бил прогласен за народен херој на Југославија на 2 август 1945 година, како еден од првите борци од Македонија што го добиле тоа одликување. Во февруари му било кажано дека бугарската полиција дознала за неговата активност и тој морал да замине во партизани. Но, на 25 февруари 1944, при обидот да го напушти Скопје, во Козле, во близината на некогашната фабрика „Алумина“, бил убиен од бугарски војник.
26 февруари 1916 година – Починал Наум Туфекчиев, македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на неколку македонски емигрантски друштва и организации, учествувал во дејноста на Младата македонска книжевна дружина, Братскиот сојуз и Македонскиот комитет. Неговото име се поврзува со трговијата на оружје, како и со неколку атентати. Меѓу нив е и убиството на бугарскиот премиер Стефан Стамболов. Учел пиротехника во Белгија и потоа отворил претпријатие за производство на експлозивни материјали и оружје во Софија. Во својата бомболеарница произведувал бомби со кои ја снабдувал Македонската револуционерна организација.