Фото: „Нова Македонија“

Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија (на македонскиот народ и на сите националности) и со кои се потврдуваат и се отсликуваат македонската посебност, мултинационалното општество и мултикултуризмот. За да се освежат сеќавањата на некои од нив ја воведовме рубриката Датуми за паметење, преку која секој месец издвојуваме настани поврзани со македонската историја и со истакнати македонски дејци

2 декември 1946 година – По борбата што се водела помеѓу македонските партизани и грчката владина војска на патот Лерин – Песодер, грчките власти започнале со терор во селото Буф. Околу 200 полицајци и 80 вооружени монархисти од околните села вршеле грабежи, горење и пустошење. Запалиле 46 трла, плевни, воденици, ѕверски мачеле 28 невини Македонци.

3 декември 1942 година – Во Тетово излезе првиот број на весникот на Окружниот комитет на КПЈ за територијата на Македонија под италијанска окупација „Востаник“. Излегуваше до февруари 1943 година.

8 декември 883 година – Свети Климент Охридски, родоначалник на словенската литература и црковно беседништво, прв оригинален словенски и македонски поет, говорник, преведувач, заштитник на Охрид, е назначен за прв словенски епископ на Балканот.

10 декември 1979 година – Мајка Тереза ја доби Нобеловата награда за мир.

14 декември 1964 година – Во Скопје, од едно импровизирано студио во Нерези и со една репортажна кола (по земјотресот на 26 јули 1963 година на Скопје му беа подарени стари репортажни коли од Велика Британија и од Италија), е емитуван првиот македонски ТВ-весник на РТВ Скопје. Со тоа почна редовната програма на ТВ Скопје.

15 декември 1946 година – Во Скопје започнале првите предавања на Филозофскиот факултет – наследник на стариот скопски филозофски факултет (во состав на Белградскиот) и прв факултет при Универзитетот во Скопје, денес „Св. Кирил и Методиј“.

16 декември 1946 година – Започнува со работа новиот Филозофски факултет во Скопје – првиот факултет во Македонија на македонски јазик и првата високошколска установа на идниот скопски универзитет.

19 декември 1942 година – Во манастирот „Св. Никола“ во с. Прилепец, Прилепско, во борба против бугарската окупаторска војска и полиција, откако беа предадени, загинаа деветмина борци на партизанскиот одред „Ѓорче Петров“. Борбата на Прилепец претставува легенда за херојството на македонските партизани во борбата за слобода.

22 декември 1943 година – Се одржа првиот конгрес на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ). Одлуките на овој конгрес имаа цел да ја засилат борбата против окупаторот, да се ангажира младината во создавањето на народната власт, да работи на културното-просветното поле и друго.

25 декември 1903година – Во Софија излезе од печат книгата „За македонцките работи“ од македонскиот револуционер, публицист и јазичар Крсте Петков Мисирков. Во неа Мисирков ја истакнува и ја заштитува националната индивидуалност на македонскиот народ и неговото право на самостоен културен и национален развој. На едно место во книгата пишува: „Македонците, како посебен словенски народ, што низ вековите ја делел судбината заедно со соседните словенски и несловенски народи, си имаат сопствена национална историја и култура“.

26 декември 1942 година – Во околината на Кардица, Грција, е извршена смртната пресуда на шестемина македонски првоборци и комунисти: Ристо Андриовски, Живко Кенков, Наум Москов, Стасо Скивински, Наум Журков и Кољо Шекров. На овие револуционери им беше судено во Атина, на 12 декември 1942 година.

26 декември 1942 година – Во селото Мрежичко, Мариовско, Првата македонско-косовска бригада ги нападна бугарскиот граничен подотсек и граничната караула „Турски рид“. Притоа загинаа 24 бугарски војници, 14беа ранети, а заробени осум.

28 декември 1943 година – Во селата Прждево и Клисура, кај Неготино, партизанскиот баталјон „Страшо Пинџур“ ги нападна германските делови за врска и деловите за противавионски извидувања. По кратка борба кај селото Прждево загинаа седум германски војници, додека нападот врз селото Клисура не успеал поради интервенција на бугарските единици од Кавадарци и од Демир Капија.

28 декември 1944 година – Во Скопје почна тридневната работа на Второто (вонредно) заседание на АСНОМ.

28 декември 1944 година – Во Скопје почна да работи Радио Скопје на македонски јазик. Првата емисија што ја емитуваше беше преносот од Второто (вонредно) заседание на АСНОМ.

29 декември 1943 година – Во местото Провањеница, во атарот на селото Канарево, Кумановско, бугарската војска и полиција стрелала осум луѓе од селото Орах, еден од селото Канарево и еден од селото Длабочица. Притоа 77 луѓе од селото Орах биле интернирани во Бугарија.

30 декември 1943 година – Бугарските сили и контрачетниците од Куманово, Младо Нагоричане, Страцин, Крива Паланка, Врање, Пирот и од други места, го почнаа дејствувањето на кумановско-врањското подрачје за да ги уништат македонските, јужноморавските и косовските единици. Но тие вешто го одбегнуваа судирот. Незадоволни од исходот на десетдневната акција, непријателските сили ги собраа селаните на возраст од 19 до 50 години и повеќемина од нив интернираа во Бугарија.

31 декември 1941 година – Во Струга, спроти новата 1942 година, е испеана познатата песна „Денес над Македонија се раѓа“, денешната химна на Македонија.

31 декември 1946 година – Донесен е првиот устав на Народна Република Македонија.