Денес кога се негира нашата историја и кога некој се обидува да ја отуѓи, одбележувањето одреден извонреден настан или личност од македонското минато има уште поголемо значење затоа што се поврзуваме со нашето наследство од минатото, наследство што сѐ уште има важност за сегашноста и е корисно за сплотеноста на Македонците како нација
116 години од смртта на македонскиот великан
Историскиот наратив е еден од најважните елементи на националното и културното наследство на еден народ или општество. Затоа универзитетските професори, политичките аналитичари и историчарите посочуваат дека оваа нарација е одлучувачка за колективниот идентитет и затоа поединецот или општеството се стреми да ја потврди сопствената историја. Во непосредна релација со историскиот наратив е и одбележувањето или комеморацијата на одреден настан, појава, група или личност што во колективната меморија на една нација или народ се издвојуваат како нешта што имаа извонредно значење. Денес кога се негира нашата историја и кога некој се обидува да ја отуѓи, одбележувањето одреден извонреден настан или личност од македонското минатото има уште поголемо значење затоа што се поврзуваме со нашето наследство од минатото, наследство што сѐ уште има важност за сегашноста и е корисно за сплотеноста на Македонците како нација, посочуваат универзитетските професори и историчарите. Во овој контекст треба се разбере и важноста на одбележувањето 116 години од смртта на Дамјан (Даме) Груев, кој во колективната меморија на македонскиот народ останува запаметен како апостол на револуционерна Македонија. Историчарите нагласуваат дека како држава и народ не смееме да го заборавиме Даме Груев, затоа што тој е една од најзначајните личности од македонската историја што го трасираше патот кон слободата на нашиот народ и македонската државност.
За значењето на македонскиот великан
Универзитетскиот професор и историчар Ванчо Ѓорѓиев вели дека Даме Груев има круцијално место во историјата на македонското револуционерно ослободително движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Тој е целосно вграден во историјата на Македонската револуционерна организација (МРО), која се стремела за создавање македонска држава, вели Ѓорѓиев.
– Тој е нејзин основоположник и најекспониран организатор и раководител. Оттука, одбележувањето на неговата дејност истовремено претставува и одбележување на македонското револуционерно ослободително дело – нагласува Ванчо Ѓорѓиев.
Според Ѓорѓиев, за една деценија (1893‐1903), МРО израснала во масовна организација со јасна политичка програма и цел, со изграден систем на комуникации, со сопствени боеви сили, судство, задгранично претставништво итн.
– Едноставно, таа функционирала како држава во држава или како една подземна република. Преку Илинденското востание, Организацијата го наметнала македонското прашање пред меѓународниот фактор како одделно политичко прашање, за разлика од неговиот дотогашен третман во глобалното источно прашање – вели проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев.
Кој е Даме Груев?
Во многубројната историска литература може да се прочита дека потекнува од Смилево. Се школувал во Белград и во Софија, каде што студирал историја на Високата школа. Во солунската егзархиска гимназија „Св. Кирил и Методиј“ (1887/1888) учествувал во големиот бунт на учениците во борба против бугарската пропаганда во Македонија, со барање за воведување на македонскиот народен говор во настава, а во Гимназијата во Белград во бунтот против српската пропаганда. На Универзитетот во Софија го формирал Македонското студентско друштво, кое имало цел ослободување на Македонија од османлиската власт.
Заедно со Петар Поп Арсов и со Иван Хаџи Николов формирал македонска револуционерна група во која влегле: Андон Димитров, Христо Батанџиев и д-р Христо Татарчев. Оваа група ги поставила основите на Македонската револуционерна организација (МРО).
Османлиските власти го протерале во Битола (1898), каде што бил уапсен (август 1900) во врска со Попставревата афера и бил осуден на 10 години затвор. Од затворот во Битола одржувал врски, давал инструкции и ја раководел месната организација. Бил префрлен од Битола (мај 1902) во затворот во Подрум-Кале во Мала Азија, каде што бил заедно со Христо Татарчев и Христо Матов. Алберт Сониксен, американски новинар и публицист, запишал дека Даме Груев додека бил на заточение во Мала Азија оттаму „ја администрираше Подземната република“. Во затворот останал 10 месеци (до март 1903). По амнестирањето се вратил во Македонија (во Смилево), а потоа заминал во Солун, каде што имал неколкудневна средба со Гоце Делчев, по прашањето за кревање востание.
Груев ја прифатил одлуката за востанието како завршена работа и бил решен самиот да ја преземе фаталната одговорност. Оттука неговата изрека: „Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!“ и отпатувал за Битола, на пат за Смилево. Во почетокот на мај претседавал со Смилевскиот конгрес. Тогаш бил избран Главниот штаб за Вториот битолски револуционерен округ во состав: Дамјан Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов.
На 2 август 1903 година било кренато Илинденското востание. Груев го доживеал мигот на историскиот чин, но и ужасите на страдањата на својот народ решен по секоја цена да се бори и да се избори за слобода и за своја држава. По неколкумесечните тешки борби со огромната, модерно вооружена непријателска армија, Главниот востанички штаб донел одлука за запирање на востанието со цел народот да се поштеди и да се зачуваат силите и кадрите на движењето.
По востанието, Груев останал во Битолско со народот за да работи на консолидирање на револуционерната организација. Учествувал на подвижниот Прилепски конгрес (мај 1904 год.), каде што се залагал за централизирана организација како тајна држава во османлиската држава, како подземна република. Претседавал на Рилскиот конгрес во 1905 и бил избран за член на Централниот комитет. Се ангажирал за надминување на поделбите, меѓутоа, единството постигнато на Конгресот траело кратко.
Груев одлучил да се врати на теренот во Македонија. Загинал во борбата на врвот Петлец кај Русиново на 23 декември 1906 година. Населението од Русиново го погребало во дворот на селската црква. Подоцна неговите телесни останки биле пренесени во Смилево.
Димитар Влахов, истакнат македонски деец и револуционер, запишал дека со смртта на Даме Груев му „се нанесе огромен удар на македонското ослободително движење. Местото што тој го имаше остана незафатено, празно. Немаше фигура што можеше да го замени паднатиот на својот боен постмакедонски револуционер, немаше лице што можеше да го има авторитетот на Груев и да служи како центар за обединување на македонските сили.“ Д.Ст.