Дали стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос – когенеративна постројка Скопје“ е стратешки проект за грабеж на граѓаните и буџетот на Македонија?

Повод: Повлекување и повторно експресно предлагање во парламентарна процедура на законите за стратешки инвестициски проекти

Сведоци сме дека деновиве Владата на Република Северна Македонија упорно и на брза лента, во скратена постапка, преку повлекување и повторно предлагање на законите во парламентарна процедура, во услови на функционирање на техничка влада и закажан датум за претседателски и парламентарни извори, прави напори четирите закони за стратешки инвестициски проекти да бидат повторно ставени во парламентарна процедура, со цел истите тие по секоја цена и што поскоро да бидат изгласани од народните пратеници.
Непишано правило е дека секој стратешки економски проект, како проект од поголемо значење и општествена корист, би требало најпрво внимателно, темелно и во доволно долго време, без брзање и притисоци, да се осмисли, процени и подготви од стручни и компетентни лица, а потоа за истиот тој во транспарентна постапка, со вклучување на јавноста, да се бара што е можно поширока граѓанска и политичка поддршка, но и поддршка од стручната јавност. Во конечната верзија на секој стратешки економски проект мора да се имплементираат аргументираните и издржани мислења и предлози, со почитување на објективните критики. Но, за жал, денес за проектот „Митилинеос“ и другите три преостанати стратешки енергетски проекти што се за соларни електроцентрали немаме поширока граѓанска, политичка и стручна поддршка.
Група реномирани универзитетски професори и инженери – врвни и докажани авторитети и експерти во својата научна област, преку свои јавно изнесени ставови, мислења или егзактни пресметки во медиумите или социјалните мрежи, укажуваат дека проектот „Митилинеос когенеративна гасна постројка Скопје“ е несомнено профитабилен базичен енергетски проект, кој треба да се гради како еден национален проект финансиран и изграден од нашата држава, а не од некој стратешки инвеститор. Со оваа гасна електроцентрала треба да стопанисува државната компанија ЕСМ, при што од остварениот профит во наредниот период ќе се создадат можности да се финансираат нови базични енергетски објекти. Во секој случај, не смее да се дозволи од овој проект приватниот странски инвеститор да остварува енормен профит и плус да му се даваат државна помош и голем број поволности и поттикнувања финансирани од државниот буџет, од средствата од државните енергетски претпријатија што им припаѓаат на сите граѓани или од самите потрошувачи, преку плаќањето на нивните сметки за струја и топлина. Енормниот профит и огромната државна помош на стратешкиот инвеститор „Митилинеос“ се правно регулирани преку „Закон за Митилинеос когенеративната електроцентрала Скопје“ и голем број договори што е предвидено по донесувањето на овој закон да бидат потпишани помеѓу „Митилинеос“ и Владата, како што се: Договор за стратешки инвестициски проект „Митилинеос когенеративна централа Скопје“; Договор за државна помош; Договор за откуп на електрична и топлинска енергија; Договор за гаранции; Договор за закуп на градежно земјиште итн.

Стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос когенеративна централа Скопје“ е всушност добро осмислен и бескрупулозен стратешки грабеж на граѓаните и буџетот на Македонија во наредните 30 години. Државната помош што Владата ќе му ја даде на „Митилинеос“ е неколкукратно поголема од неговата инвестиција заради следното:
Во членот 12 од Договорот помеѓу Владата и „Митилинеос“, на „Митилинеос“ му се дава финансиска поддршка во износ од 17 отсто од вкупната вредност на инвестицијата којашто во членот 5 се проценува на 290 милиони евра, односно му се даваат 49,3 милиони евра. Во проценетата вредност на инвестицијата од 290 милиони евра за 144,7 MW (2 мил. евра/МW) се вклучени и трошоци за развој на стратешкиот проект, камати, надоместоци и трошоци за финансирање. Оваа проценета вредност на инвестицијата е неоправдано висока, затоа што просечната цена на инвестиција во гасна електроцентрала изнесува од 0,8 до 1 милион евра по 1 MW, односно за договорениот капацитет од 144,7 MW (стр. 124 од Договорот) проценетата вредност на инвестицијата би требало да биде секако пониска од 150 милиони евра. Впрочем „Митилинеос“ заедно со „Сименс“ сега ја гради гасната електроцентрала „Грудиаж“ (Grudziądz) во Полска од 563 MW за 430 мил. евра (0,76 мил. евра/MW).

(https://notesfrompoland.com/2022/05/19/polish-state-energy-firm-to-build-e430m-gas-steam-power-plant-with-siemens/).

Постојат и други примери на гасни електроцентрали во Полска што потврдуваат дека просечната цена на инвестиција во гасна електроцентрала изнесува околу 0,8 милиони евра по 1 MW:

Гасна електроцентрала „Остролека“: 745 MW за 600 мил. евра (0,8 милиони евра/MW)

https://www.power-technology.com/projects/ostroleka-c-combined-cycle-power-plant-poland/

Гасна електроцентрала „Долна Одра“: 1.400 MW за 1,2 милијарда евра (0,86 милиони евра/MW)

https://www.nsenergybusiness.com/projects/dolna-odra-gas-fired-power-plant/

Гасна електроцентрала „Рибник“: 882 MW за 640 милиони евра (0,72 милиони евра/MW)

PGE to build “largest and most efficient” gas and steam unit in southern Poland

Македонија би ја градела централата со кредит, со само 15 отсто сопствено учество, односно околу 22 милиона евра, што не претставува никаков финансиски товар. Доказ: https://www.esm.com.mk/wp-content/uploads/2017/04/Zivojno_%D0%9C%D0%9A_2019.pdf, каде што на четвртата страница се наведува дека ЕСМ може да го изгради рудникот за јаглен „Живојно“ само со 15 отсто сопствено учество, а преостанатите средства би биле земени на кредит. Финансиската поддршка што Владата му ја дава на „Митилинеос“ во износ од 49,3 милиони евра е повеќе од двојно повисока од минималното учество за кредитот, односно Владата на „Митилинеос“ противправно би му овозможила имотна корист, не добивајќи за возврат ниту еден процент сопственост во идната гасна централа.
Со државната помош од 49,3 милиони евра, Владата всушност му го финансира на „Митилинеос“ учеството за кредитот со кој тој ќе ја гради гасната електроцентрала, а потоа кредитот лесно ќе се отплаќа од профитот што „Митилинеос“ ќе го има, а кој на годишно ниво изнесува над 40 милиони евра. Во 30-те години, колку што е предвидено да трае договорот, актуелната влада се откажува од најмалку 357 милиони евра во државниот буџет во текот на првите 20 години, додека во текот на целиот работен век испуштената добивка достигнува најмалку 1,2 милијарда евра, средства што ќе завршат како профит на стратешкиот партнер „Митилинеос“. На овој начин владините претставници со стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос когенеративна електроцентрала Скопје“ вршат злоупотреба на службената положба и му овозможуваат на „Митилинеос“ да се стекне со противправна имотна корист.
Давањето на неповратната помош, не добивајќи за возврат ништо, како и гарантираните приходи, под закана на големи пенали во случај на неисполнување на обврските, претставува најочигледен пример на злоупотреба на службената положба и овозможување противправна имотна корист на други лица, што бараме да се спречи.
Во членот 7 од договорот Владата се обврзува на „Митилинеос“ да му изгради посебна индустриска зона „Енергија Скопје“, на парцела од 115.000 квадратни метри, иако за гасна електроцентрала од околу 150 MW е доволна локација од помалку од 30.000 квадратни метри. Вредноста на земјиштето со површина 115.000 квадратни метри и неговото уредување чинат најмалку 20 милиони евра. Според членот 5, закупнината на оваа индустриска зона е фиксна и ќе изнесува само 10 денари за квадратен метар месечно, за изнајмување и одржување и надворешно обезбедување на зоната, за целото времетраење на договорот, односно не се планира никаков пораст на закупнината заради инфлацијата. Во договорот е предвидена можноста ова државно земјиште да биде купено од „Митилинеос“.
Закупнината од 10 денари за квадратен метар месечно е помалку од 2 евра за квадратен метар годишно, односно е 230.000 евра годишно за Дирекцијата за индустриски зони, која е државно претпријатие.
Државното претпријатие ќе има поголем трошок за услугите што ќе ги обезбедува со оваа закупнина (обезбедување, хортикултурно уредување и одржување) имајќи ја предвид инфлацијата во следните 30 години, колку што е предвидено да трае договорот (вредноста на закупнината е фиксна).
Според членот 24 и Прилог 4 од договорот, Владата се обврзува на „Митилинеос“ да му ја откупи вкупната произведена електрична енергија од 1.150 GWh годишно по цени што во просек се 16,35 отсто повисоки од берзанските. За непроизведените количества до гарантираните 1.150 GWh годишно, Владата преку државната компанија АД ЕСМ се обврзува да плати пенали од 38 евра за секој непроизведен MWh електрична енергија. Цената на електричната енергија во Македонија е околу 6-7 отсто над берзанската цена. Со оглед дека берзанската цена е речиси 17отсто пониска од цената на струјата од „Митилинеос“, може да се заклучи дека цената на електричната енергија од „Митилинеос“ е повисока од цената на електричната енергија на пазарот во Македонија за над 10 отсто. Тоа значи дека Македонија со набавка на струја од капацитетот на „Митилинеос“ ќе плаќа струја по цена 10 отсто над берзанската, со што загубата за Македонија за 2023 година би изнесувала над 15 милиони евра. Ако ваквата загуба се задржи во просек и во 30-те години, колку што е предвидено да трае договорот, тогаш вкупната загуба на Македонија само по овој основ ќе изнесува над 450 милиони евра. Дополнително, ако Македонија купи електрична енергија со долгорочен договор, тогаш цената е за 30 отсто пониска во споредба со спот цената на берза. Владата се обврзува на „Митилинеос“ да му ја откупи и вкупно произведената топлинска енергија од 275 GWh годишно.
Во Прилог 4, страница 174 од договорот, Владата на РС Македонија се обврзува наместо „Митилинеос“ да ги плаќа давачките за емисија на јаглерод, кои на годишно ниво изнесуваат околу 24 милиони евра за произведени 1.150 GWh електрична енергија годишно од гасна електроцентрала. Тоа значи дека за времетраење на договорот од 30 години, Владата на РС Македонија се обврзува наместо „Митилинеос“ да ги плаќа давачките за емисија на јаглерод во износ од над 700 милиони евра.
Според членот 33 од Договорот, каква било идна промена на македонското законодавство што ќе предизвика намалување на приходите на „Митилинеос“, односно ќе има негативно влијание врз комерцијалната позиција на „Митилинеос“, ќе му даде право на „Митилинеос“ да добие од Владата на РС Македонија соодветна компензација за намалените приходи, односно „Митилинеос“ во секој случај мора да ја задржи својата проектирана комерцијална позиција без оглед на идните промени на македонското законодавство.
Според членот 9, став 1 од договорот за гаранција, страница 196, „сите даноци, давачки и такси, како и сите други трошоци или наметнувања од каква било природа што произлегуваат или се во врска со овој договор се на товар на Владата на РС Македонија“, која ќе ги изврши сите плаќања бруто без задржување или одбивање на сите даноци, давачки, такси, трошоци или наметнувања од каква било природа.
Владата (директно или преку ТИРЗ) или државните компании „Номагас“ и АД ЕСМ, се обврзува дека во индустриската зона „Енергија Скопје“ на „Митилинеос“ ќе му обезбеди:

  • неопходна патна инфраструктура до и во индустриската зона,
  • приклучок за индустриска вода,
  • среднонапонска мрежа за снабдување со електрична енергија,
  • систем за отстранување отпадни води,
  • телекомуникациска мрежа,
  • неопходна инфраструктура за пристап на постројката на енергетските системи,
  • гасовод, мерно-регулациска станица и други потребни објекти до и во индустриската зона,
  • сите дополнителни инсталации, надградби или реконструкции на цевководи, опрема, пумпи и уреди што се дел од системот за дистрибуција на топлинска енергија,
  • спецификации за животна средина за производство на електрична енергија,
  • урбанистички план или ќе обезбеди заверен урбанистички проект за изградба на постројката и инфраструктурата за приклучување на постројката на енергетските системи,
  • преместување или отстранување на инфраструктурните мрежи за обезбедување комунални услуги,
  • ќе отстрани каква било постојна контаминација на почвата во индустриската зона со површина 115.000 квадратни метри.

Може да се заклучи дека Владата му ги обезбедува на „Митилинеос“ следната помош и придобивки:

– директна финансиска поддршка од 49,3 милиони евра,
– плаќање на давачките за емисии на јаглерод за период од 30 години од над 700 милиони евра,
– изградба на индустриската зона „Енергија Скопје“, што ќе чини најмалку 20 милиони евра,
– „Митилинеос“ се ослободува од плаќање даноци, давачки, такси, според Договорот за гаранција и се ослободува од дополнителни финансиски обврски што во иднина би се јавиле со измена на законодавството во државата,
– Владата се обврзува на „Митилинеос“ за период од 30 години да му ја откупи вкупната произведена електрична енергија по загарантирани цени што во просек се речиси 17 отсто повисоки од берзанските, како и вкупно произведена топлинска енергија, со што вкупната загуба на Македонија само по овој основ ќе изнесува над 450 милиони евра,
– во 30-те години, колку што е предвидено да трае договорот, актуелната влада се откажува од околу 1,2 милијарда евра профит, кој ќе заврши како профит на „Митилинеос“. Со реални 150 милиони евра инвестиција, „Митилинеос“ преку разни форми во период од 30 години ќе добие подршка од Владата на Република Северна Македонија најмалку седум пати поголема од самата инвестиција.
Горенаведените факти докажуваат дека токму неизградбата на гасната централа под условите од договорот би ѝ донела заштеди на државата, а не обратно. Ова исто така претставува битна причина за стопирање на предложениот штетен договор. Може да се заклучи дека предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос когенеративна постројка Скопје“, кој е во собраниска процедура, ќе им предизвика огромни финансиски штети на Македонија, нејзиниот буџет и граѓаните. Поради тоа апелирам до сите пратеници во Собранието да не го изгласаат овој штетен закон, а до сите други политички фактори апелирам да го спречат донесувањето на овој закон со долгорочни штетни последици по нашето општество.

Проф. д-р Атанаско Тунески, редовен професор на Машински факултет-Скопје, универзитет „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје