Примената на мерит-системот при именување на членовите на управните одбори, која ја најавува актуелната власт, е нешто што и досега беше ветувано. Но тоа упорно остануваше нереализирано поради разни субјективни, но и објективни причини. Поради тоа, кај граѓаните речиси исчезнаа надежите дека одлуките што ги засегаат, а се донесуваат во управувачките органи на јавните претпријатија, некогаш би можеле да ги носат и мудрите наместо „послушните“, како што народот милува да ги нарече луѓето кај кои „снаодливоста“ е најизразена карактеристика
ЗОШТО ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА СЕ СО КОНСТАНТЕН РАСТ НА ДОЛГОВИТЕ
Драматичниот раст на долговите на јавните претпријатија, акционерски друштва и установи и во државна и во општинска сопственост, кој како да стана незапирлив во изминативе години, не може да се оправда само со ефектите од пандемијата на коронавирусот и од актуелната војна во Украина. Тој во значителна мера е резултат и на системските пропусти во организацијата и начинот на нивното раководење и управување, кои досега беа игнорирани од сите владејачки структури. Така, сублимирано, упатените ја објаснуваат ситуацијата во која на крајот од декември 2021 година, во споредба со состојбата во декември 2020 година, нивните вкупни достасани а неплатени обврски се зголемиле за 102,7 милиони евра.
Повеќе анализи на структурата на овие долгови, досега, во голема мера, веќе ѝ се презентирани на јавноста, додека многу помали напори се направени за да се објаснат причините за нивното генерирање. На ова повеќепати сосема јасно беше укажувано во стручните кругови, што очигледно не беше проследено со соодветно количество политичка волја за нивно елиминирање.
Новонајавена сериозна трансформација
Така, меѓу другото, се објаснува и моменталниот статус на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија, кој, под притисок на стручната јавност во земјава и на меѓународните фактори, уште пред половина година е испратен во собраниска процедура и за кој, како и за многу други до пред извесно време, барем според официјалното образложение, се чекаше потврда и од новата влада. И откога за овој предлог може да се каже дека, конечно, е во собраниска процедура, односно на разгледување пред надлежните комисии, се наметнува прашањето дали тој ќе ја оправда својата намена или, како и многу други, ќе се сведе на парче хартија за која надлежните сесрдно ќе објаснуваат оти е неприменлив. Дали во услови на сѐ уште високиот степен на недепартизираниот систем, ќе се дозволи во еден мошне доходовен сегмент да завладее компетенција и, конечно, дали ќе има доволно човечки ресурси за една таква сериозна трансформација?
Примената на мерит-системот при именување на членовите на управните одбори, која ја најавува актуелната власт, е нешто што и досега беше ветувано. Но тоа упорно остануваше нереализирано поради разни субјективни, но и објективни причини. Поради тоа, кај граѓаните речиси исчезнаа надежите дека одлуките што ги засегаат, а се донесуваат во управувачките органи на јавните претпријатија, некогаш би можеле да ги носат и мудрите наместо „послушните“, како што народот милува да ги нарече луѓето кај кои „снаодливоста“ е најизразена карактеристика.
Што предвидуваат предложените законски измени
Според она што претходната влада ѝ го остави во наследство на актуелната, како предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија, ќе треба да се намали бројот на членови во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, да се воведе транспарентност и да се регулираат постапката за нивниот избор и разрешување, висината на нивните надоместоци, правата, должностите и обврските… и што, во моментов, изгледа како најважно, е – да се воведе мерит-процедурата при нивната селекција и именувањата!
– Со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија се воспоставува транспарентност при постапката за избор на членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, како и мерит-процедура при селекцијата и именувањето. Според законското решение, за првпат станува законска обврска објавувањето јавен повик за членови на управни и надзорни одбори на јавни претпријатија, и тоа на веб-страниците на Владата, односно општината или Град Скопје и на веб-страницата на самото јавно претпријатие три месеци пред истекот на мандатот на актуелниот состав. На јавниот повик ќе може да аплицираат сите граѓани што ги исполнуваат законските услови за членови на управни и надзорни одбори – објасни старо-новиот министер за економија Крашник Бектеши, од чиј ресор и произлегува овој законски проект.
Имено, со предложените законски измени се очекува подигање на стручноста и професионалноста при управувањето и надзорот на работењето на јавните претпријатија, така што се зајакнуваат критериумите што треба да ги исполнуваат идните членови на управни и надзорни одбори во делот на образованието и на работното искуство. Исто така, се воведува законска обврска за формирање комисија за селекција, која на најтранспарентен начин ќе ја врши постапката за селекција на сите пријавени кандидати. Дополнително, предлог-законот пропишува и услови за разрешување на членовите на управните и надзорните одбор на јавните претпријатија.
– Со овие измени се очекува зголемување на ефикасноста во работењето на јавните претпријатија и намалување на секое политичкото влијание при изборот на членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, а ќе се овозможи поефикасно управување и надзор на работата на јавните претпријатија, а со тоа и подобрување на услугите што им се даваат на граѓаните – предвидува предлагачот.
Феудалниот менталитет на партиите
Но искуствата со ветувањата за департизација на системот, со кои мандатите ги започнуваа сите досегашни влади, и искуствата од секојдневниот живот на граѓаните не оставаат доволно простор за очекувања дека нештата би можеле значително да се сменат и дека трендот на лошото управување со јавните средства и добра, барем во скоро време, би можел да запре. Цврсто воспоставениот споил-систем и клептократијата што произлезе од него, како и меѓу граѓаните мошне длабоко всадениот став дека тие што се „умни“ секогаш можат да се „снајдат“, даваат малку надеж за брзи промени и напредок.
– Нереално е во сегашниот амбиент и начинот на кој функционираат политичките партии да се очекува тие толку лесно да се откажат од своите привилегии и од желбата за целосна контрола врз системот – констатира Емилија Симовска од Институтот за политичкоправни и социолошки истражувања.
И тоа, воопшто, не е изолирано мислење.
– Партиите се водат од феудален менталитет. Партијата во текот на изборите се потпира на локални фигури што имаат потенцијал да соберат гласови и за возврат да бидат наградени со раководни позиции. Затоа и рокадата на исти личности на различни позиции повеќе се однесува на „поделба на пленот “ отколку на нивниот професионален капацитет да ја извршуваат должноста – објасни на една од трибините за департизација на системот политикологот Сефер Селими од невладината организација „Демокраси лаб“.
Можно ли е кај нас да има т.н. феномен на „дефицит од компетентни“?
Како што некои веќе предвидуваат, дури и во случај на најдобра волја на партиите, воспоставувањето на мерит-системот во раководењето и во управувањето со јавните претпријатија би можело да наиде на блокади и тешкотии и поради немањето доволно компетентни кадри како резултат на забрзаната демографска, образовна и секаква друга ерозија.
– Ризик што може да влијае негативно на спроведувањето на законот е опасноста да нема доволно кандидати на јавните огласи за директор, членови на управни и на надзорни одбори на јавните претпријатија – се вели во една од анализите од „Проектот за процена на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирање политики базирани на докази“, која ја спроведоа институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Центарот за економски анализи.
Придобивките се многубројни
Сепак, и понатаму преовладуваат очекувањата за можните позитивни влијанија од донесувањето на едно вакво законско решение.
– Подоброто функционирање на јавните претпријатија треба да придонесе кон зголемување на квалитетот на услугите што јавните претпријатија им ги нудат на граѓаните и на бизнис-заедницата. Со унапредувањето на работата на јавните претпријатија ќе се унапреди севкупната економска состојба во државата и во општините во кои функционираат јавните претпријатија. Со оглед на фактот дека се намалува бројот на членови на управните одбори и на надзорните одбори, а истовремено и се укинуваат надзорните одбори во микро и малите претпријатија, ќе се намалат и трошоците за паушали што им се исплаќаат на овие лица. Со оглед на фактот дека нема точна евиденција за средствата што се одлеваат по оваа основа, а кои на годишно ниво изнесуваат неколку милиони евра, и заштедите по оваа основа ќе бидат значителни. Дополнително, поголемата и постручна контрола над работата на директорите, особено од страна на надзорните одбори, сигурно ќе придонесе и за порационално користење на средствата и ресурсите од страна на јавните претпријатија – се само дел од очекуваните придобивки наведени во анализата. Д.М.М.
Според релевантни истражувања, состојбата е далеку од розова
Според последните објавени податоци, во земјава се евидентирани вкупно 144 јавни претпријатија што се основани или од Владата или од општините. Од нив, 119 се јавни претпријатија за комунални работи, осум се јавни претпријатија за земјоделство и шумарство, шест се транспортни јавни претпријатија, две се јавни претпријатија од дејноста информирање, едно јавно претпријатие е од дејноста информатичко општество и осум се од други дејности од јавен интерес.
Според моменталните расположиви податоци за 2020 година, во јавните претпријатија се вработени вкупно 17.722 лица, од што најмногу, десет илјади, во јавните претпријатија од областа на комуналните работи, а потоа следуваат претпријатијата од областа на транспортот, земјоделството и шумарството, информирањето…
– Од обемното истражување, во кое беа вклучени и основачите и претпријатијата, не можеше да се утврди кој врз основа на кои критериуми и во каква постапка им предлага на Владата и на општинските совети да ги изберат токму тие лица за членови на управните и на надзорните одбори. Со оглед на целосната нетранспарентност на процесот, оправдан е сомнежот дека списоците за именување членови на управните и на надзорните одбори на претпријатијата во државна сопственост се составуваат надвор од институциите, односно во партиските кругови – се нагласува во едно од истражувањата на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), насловено „Право или политика: Изборот на членови на управните и надзорните одбори во државните претпријатија“.