Потпирањето на малите народи врз меѓународното право очигледно е веќе доведено во прашање со воспоставената практика на големите за редефинирање на принципите – од преседани во правило. Македонија и пред избувнувањето на актуелниот конфликт во Источна Европа, со децении е ставана во искушение од соседите, па и од меѓународната заедница, токму во контекст на принципите поставени во меѓународното право. Сега се чини дека таквото искушение е загрижувачки поинтензивно
Дваесет и три години откога меѓународното јавно право е прекршено – со бомбардирање
„Асиметричното совпаѓање“ на датумите на вчерашниот 24 март, кога се наврши еден месец од почетокот на тековната воена агресија врз Украина од страна на Русија, но и 23 години од почетокот на 78-дневното бомбардирање на Србија од силите на НАТО, постави голем симболичен предизвик за аналитичка споредба на двата настана и нивното значење и влијание за релевантноста на меѓународното право. Каузалноста на овие две воени операции, организирани и водени од две големи сили (за што е веќе јасно дека се на дијаметрално различните страни од геополитиката), со принципите утврдени во меѓународното јавно право, деновиве беше предмет на длабоки меѓународноправни анализи . Најсимптоматичниот елемент во поврзаноста на двете воени операции беше согледан во фактот што двете се изведени без согласност на Советот на безбедност на Обединетите нации, покрај дискутабилниот претекст за „заштита од геноцид на локалното население“. Речиси на сите сериозни меѓународни политички фактори им е јасно дека жртвите од воените дејства, страдањата на населението, разурнувањата на цивилната (покрај военостратегиската) инфраструктура на нападнатата земја во еден миг на релативизација ќе бидат сведени на „колатерална штета“, но во интерес на некаков геополитички (дис)баланс на силите и постигнување одредена доминација на една од нив. Во таков „миг на релативизација“ најчесто се потиснува и меѓународното право, најсилниот аргумент за еднаквост и праведност во меѓународните односи на малите народи.
– Во политиките на големите сили, каде што важат поинакви правила од оние за помалите држави и народи, меѓународното право се толкува онака како што им одговара на нивните интереси.
И покрај обидите во светската политика големите сили да бидат „дисциплинирани“ преку правилата на меѓународни организации и документи (Друштво на народите, пактот Келог-Брајанд од 1928 година, со кој војната се забранува како средство и начин за решавање на конфликтите, па и сега Обединетите нации), тие се подготвени да ги игнорираат или да ги „преформулираат“ како што им одговара на нивните интереси и политики. Сепак, меѓународното право влијае и кај големите сили при носењето одлуки за примена на сила. Тие го земаат предвид, но не е пресудно во процената за постигнување на некоја за нив важна цел. Кога ценат дека целта и интересот се поголеми од почитувањето на меѓународното право, бараат начин како ја оправдаат примената на сила, сѐ почесто и без дозвола на меѓународните организации, односно Советот на безбедност при ОН. За време на Студената војна таков пример беше инвазијата на СССР (според доктрината на Брежњев) во 1968-та врз Чехословачка. Во постстуденовоениот период, поголемо драстично прекршување на меѓународното право беше бомбардирањето на Југославија од силите на НАТО предводени од САД, без согласност на Советот на безбедност на ОН. Таквиот „преседан“ се повтори во 2003 година, со втората интервенција во Ирак (првата од 1991 година, сепак, беше со резолуција на Советот за безбедност, што го издејствуваа САД). По неколку преседани направени од една голема сила, му остава аргументи на ривалот да се „повика“ на нив кога постапува идентично во однос на (не)почитувањето на меѓународното право – вели Ивица Боцевски, поранешен амбасадор и министер за евроинтеграции на Македонија.
Според Иван Стоиљковиќ, пратеник во македонското собрание и лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, бомбардирањето на Југославија во 1999 година од силите на НАТО е првиот подрастичен случај на прекршување на меѓународното право во современата историја.
– Не може да се каже дека големите сили некогаш му давале и му даваат примат на меѓународното право пред сопствените интереси и цели. Сепак, инвазијата на силите на НАТО врз Србија во 1999 година, без согласност на Советот за безбедност на ОН и надвор од Хелсиншкиот договор за неменување на границите на државите, беше првиот подрастичен случај на прекршување на меѓународното право во современата историја. И се покажува како лош пример за преседан, кој се користи како аргумент за актуелната инвазија на Руската Федерација врз Украина. Стратегијата на конструктивна деструкција во политиките на САД, применета во спроведување на нивните цели и интереси за ширење на доминацијата по падот на Берлинскиот ѕид, ја натера Руската Федерација да го преземе моделот и да го примени во случајот со Украина. Но по завршувањето на воените дејства, со сите последици на војната, ќе се соочиме со трагичниот факт дека всушност во неа починаа меѓународното право и правото на малите народи. Светот треба да се соочи и справи со пропаѓањето на меѓународниот поредок воспоставен по Втората светска војна – вели Иван Стоиљковиќ.
Потпирањето на малите народи врз меѓународното право очигледно е доведено во прашање со воспоставената ситуација на преминување на преседаните со негово прекршување во правило. Македонија и пред избувнувањето на воениот руско-украински конфликт со децении е ставана во искушение од соседите, па и од меѓународната заедница, токму во контекст на принципите поставени во меѓународното право. Сега се чини дека таквото искушение е загрижувачки поинтензивно.
– Токму во почитувањето на меѓународното право од страна на ЕУ е суштината за довербата на македонските граѓани спрема Унијата. ЕУ настојува да се позиционира како светска сила што се темели токму на почитување на правото. Но во однос на Македонија повеќепати покажала дека кога се доведени во прашање политичките интереси на некоја од нејзините земји-членки, ЕУ не се стеснува да биде и светска сила што користи елементи на присила. Тоа се случи со правната арбитража на Бадинтеровата комисија за правната компетентност на Македонија да биде признаена како независна држава, која ЕУ поради политички причини некако ја затури. А елементи на присила, или притисок врз Македонија примени и во спорот со Грција (игнорирајќи ја пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг), а слично нешто се случува и сега, поврзано со ветото на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата – вели Ивица Боцевски.
За Иван Стоиљковиќ, македонските политичари треба повеќе да инсистираат на принципите на меѓународното право во надворешната политика, во градењето на односите со соседите, но и со сојузниците.
– Без оглед на западното партнерство, членството во НАТО, сојузништвото, Македонија, т.е. македонските политичари мора повеќе да се грижат за домашните интереси отколку за интересите на партнерите. Кога во внатрешната политика ќе надвладее интересот на факторите со кои сме во меѓународните сојузи, тогаш голема е опасноста од стратегиски партнери да се претвориме во стратегиски вазали. Со инсистирање на почитување на меѓународното право од нашите партнери, и во надворешната политика да проектираме барем една третина од нашите интереси, можеме да ја избегнеме стапицата на вазалство. Конечно, ако во внатрешната и надворешната политика ни доминира интересот на стратегиските партнери, тогаш во одреден момент ќе се постави дилемата зошто воопшто да одиме на избори. Стратегиските партнери немаат одговорност пред македонските граѓани, но македонските избрани и именувани политичари имаат и мора да го почитуваат принципот на сувереност во македонската домашна политика – вели Стоиљковиќ.