Позитивните пораки што доаѓаат од лица што се докажани пријатели на Македонија недоволно се искористуваат во нашата дипломатија, за разобличување на невистините, клеветите и уцените со кои настапуваат од бугарската страна. Општиот впечаток на стручната јавност е дека нашата држава се откажува да ја користи можноста за лобирање преку странските дипломати и политичари, чии настапи во јавноста се најчесто на нивна лична иницијатива
Од спуштањето на бугарската рампа за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, повеќемина поранешни и актуелни странски дипломати, политичари, историчари и интелектуалци изразија лична осуда на политиката што се рефлектира од официјална Софија. Меѓу најгласните поддржувачи на македонските позиции се: поранешната германска амбасадорка во Скопје и во Софија, Гудрун Штајнакер, поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере, поранешниот германскиот министер за Европа, Михаел Рот, како и десетици претставници од американската дипломатија, кои искажуваат безрезервна поддршка за откочување на процесот за проширување на Европската Унија. Се чини дека ваквите позитивни пораки што доаѓаат од лица што се докажани пријатели на Македонија недоволно се искористуваат во нашата надворешна дипломатија, за разобличување на уцените со кои настапуваат од бугарската страна. Општиот впечаток на стручната јавност е дека нашата држава како да се откажува од можноста за лобирање преку странските дипломати и политичари, чии настапи во јавноста се најчесто на нивна лична иницијатива.
Поранешниот македонски дипломат Драган Јањатов се согласува со ставот дека македонските државни институции задолжени за надворешната политика недоволно се посветуваат на анимирање на странските дипломати и интелектуалци, за пренесување на нашата вистина и за зачувување и промовирање на позициите на Македонија. Како што ни изјави тој, најдобар начин за меѓународна промоција на македонските ставови се поранешните дипломати, кои низ својата кариера изградиле блиски и пријателски односи со многу личности од политичкиот и јавниот живот од другите земји во Европа и во светот.
– Можноста за организирано лобирање недоволно се користи од македонската држава. Ние имаме и Совет на амбасадори и Дипломатски клуб, но тоа недоволно се користи од нашите институции. Овие тела повеќе дејствуваат советодавно и никој досега не ги искористил потенцијалите и врските што ги имаат воспоставено низ својата долгогодишна дипломатска кариера, а добар период и во времето на поранешната Југославија. Домашните дипломати и поранешните странски дипломати што имаат позитивни ставови кон Македонија претставуваат завидна армија на промотори на надворешната политика на Македонија. Меѓутоа, ние немаме однос кон негување на тоа што било. Отсуствува една сеопфатна синхронизирана иницијатива од Министерството за надворешни работи или од претседателот на државата. Има и една изрека во дипломатските кругови дека и „англиската трева се негува двесте години за да изгледа така убаво“. Тоа се однесува и на градењето на надворешната политика. Еве, и низ мојот пример, никој не знае дека јас имам добри односи со поранешниот претставник на ЕУ во Босна и Херцеговина, Валентин Инцко, кој со своите врски може да помогне за доброто на нашата земја. Не ги користиме овие можности преку поранешните странски дипломати за нивно давање изјави и коментари во тамошните медиуми. Ја пропуштивме можноста да го правиме тоа и во Бугарија, со пронаоѓање на нашите пријатели кај нашиот сосед, за разлика од нив, кои се поуспешни во медиумското претставување кај нас. Потребно е време за ова кај нас да добие институционален тек – ни изјави Јањатов.
Синиша Пекевски, политички аналитичар и експерт за пиар, вели дека улогата на поранешните дипломати е да влијаат на градењето генерални стратегии на одредени земји и Европската Унија. Но, сепак, тој вели дека истото тоа влијание е ограничено, затоа што државите и сојузите се раководат од глобалните интереси и процеси.
– И во Европската Унија и сета демократска јавност во Европа знаат што се случува во Бугарија кога станува збор за преговорите со Македонија. Добро е кога за вистината зборуваат и поранешни дипломати, на кои полесно им е да ги презентираат вистинските факти, откако ќе им заврши функцијата. Многу е симптоматично зошто тоа не го правеле кога биле на функцијата и кога реално можеле да влијаат на надворешните политики на своите земји. Секако, нивното влијание не е маргинално, но проблемот е во тоа што на официјалната политика на Бугарија ѝ се дава отворен простор за дејствување, како што беше и во случајот со преговорите со Грција. Генералните надворешни политики во светот се проектираат на 20-30 години однапред и поединечните изјави не можат многу да променат. Потребно е креаторите и носителите на нашата политика да се свртат кон заштита на националните интереси, воспоставување правна држава и друго, и на тој начин ќе ги подобрат и своите позиции кон другите земји – ни изјави Пекевски.
Од досегашната активност на македонското министерство за надворешни работи може да се заклучи дека тие се насочени главно на наоѓање билатерално решение со Бугарија, која има непопустливи ставови за постоењето на македонскиот идентитет и јазик. Можноста за лобирање преку видни интелектуалци и политичари во земјите од Европската Унија е сведена на минимум и навистина штета што тоа е препуштено на самостојните настапи на поединци, кои повремено даваат изјави за медиумите, во врска со непринципиелните политики што се водат од ЕУ и од Бугарија. Сепак, и таквите истапи се добри и се „светлина во тунелот“, преку кои пробиваат вистината, фактите и аргументите. И тоа, според соговорниците , не треба да престане, бидејќи гласот на правдата не треба никогаш да стивне. Тој е оној што ќе мобилизира сили и критична маса да се стави точка на „аргументите на силата и мускулите“, ќе се бори против агресивноста, хегемонизмот, исто онака како што во историјата мобилизирал сили против нацизмот и фашизмот.