Специјалното тело наречено шенгенски совет би го сочинувале министрите за внатрешни работи на земјите-членки и на придружните земји. Тоа би управувало со шенгенскиот простор на сличен начин на кој еврогрупата, која ја сочинуваат министрите за финансии на државите со заедничка валута, управува со еврозоната. Но сѐ уште е енигма како ќе се одрази сето тоа врз европските земји што не се дел од зоната, односно и врз Македонија и нејзините граѓани?
Франција бара итно воспоставување на т.н. шенгенски совет за мониторирање на шенгенските правила
Француското претседателство со Европската Унија од европските министри за правосудство и за внатрешни работи доби широка поддршка за својата иницијатива за реформа на шенгенската зона и за постепено усвојување на пактот за миграции и за азил, при што акцентот се става врз заштитата на надворешните граници и врз контролата на влегувањата на територијата на Унијата. Целта на ова, како што претходно објасни претседателот на Франција, Емануел Макрон, е да се изнајде заеднички европски одговор на предизвикот на миграциите, при што заштитата на надворешните граници ја посочи како клуч за враќањето кон шенгенот, без контроли на внатрешните граници. Но упатените му замеруваат на Макрон што сѐ уште не ги гледаат конкретните насоки во кои неговата реформа би се спровела, поради што, според нив, иднината на овој проект сѐ уште е под прашалник, при што отворено останува енигмата како ќе се одрази сето тоа врз европските земји што не се дел од зоната, односно и врз Македонија и нејзините граѓани.
Имено, Макрон се заложи за итно воспоставување на таканаречен шенгенски совет, кој би ја мониторирал примената на шенгенските правила и на политичкото ниво би ги насочувал и поттикнувал државите на брзо елиминирање на недостатоците утврдени во евалуациите, што ги спроведува Европската комисија. Шенгенскиот совет, кој би го сочинувале министрите за внатрешни работи на земјите-членки и на придружните земји, би управувал со шенгенскиот простор на сличен начин на кој еврогрупата, која ја сочинуваат министрите за финансии на државите со заедничката валута, управува со еврозоната. Прв состанок на советот би можел да се одржи веќе на почетокот на март, при што би се дебатирало и одлучувало за прашањата што ја надминуваат техничката димензија на функционирањето на шенгенот.
– Советот би можел да стане лице на силна, заштитничка Европа, која може да ги контролира своите граници и, според тоа, својата судбина – навел Макрон.
Експертите потсетуваат дека идејата за реформа на шенгенскиот простор одамна се наметнува, секојпат кога Европа минува низ некоја криза, а најзначајната беше онаа поврзана со мигрантите во 2014 и 2015 година.
– Тоа, за Макрон лично, е битно од две причини: поради претстојните претседателски избори на кои тој е соочен со јакнењето на десницата, односно со незадоволството на избирачкото тело од присуството на мигрантите и од намалената безбедност, но и поради реформи на ниво на Унијата, кои тој ги заговара од доаѓањето на власт. Неговата визија за Европската Унија е федерализацијата, односно засилување на Унијата на сметка на државите-членки, кои и понатаму би требало да се откажуваат од деловите на својот суверенитет и да ги пренесуваат на Унијата – ја објасни оваа иницијатива Александар Гајиќ од Институтот за европски студии во Белград.
Но упатените му замеруваат на Макрон што сѐ уште не ги гледаат конкретните насоки во кои неговата реформа би се спровела, поради што, според нив, иднината на овој проект сѐ уште е под прашање, а отворено останува и прашањето како сето тоа ќе се одрази врз европските земји што не се дел од зоната, односно и врз Македонија и нејзините граѓани.
– Македонија секако дека има капацитет да ги оствари сите критериуми за влез во шенген-зоната, а процесот на усогласување на нашите закони и на нашите институции со регулативата на шенген-зоната, само ќе ги подигне стандардите на полицијата, царинската служба, Агенцијата на храна и сите други делови од системот. Би било лицемерно заострувањето на критериумите за влез на луѓе во шенген-зоната да се однесува на земјите од Западен Балкан, посебно на тие што ја остварија визната либерализација. Тоа би било крајно лицемерно и би ги поништило сите колнења во солунската агенда и во европската перспектива за земјите од Балканот – оцени поранешниот македонски амбасадор и вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски.
Инаку, шенгенскиот простор или, колоквијално речено, Европа без граници, според многумина, е едно од највидливите достигнувања на Унијата и еден од темелите на европскиот проект. Тоа е подрачје на слободно движење на луѓе, стоки и услуги, на кое, освен во вонредни околности, се укинати сите гранични контроли така што луѓето можат да живеат, студираат, работат, да ги поминуваат своите пензионерски денови и туристички да патуваат низ целиот простор без ограничувања.
Шенгенот ги опфаќа повеќето од земјите-членки на Унијата и четири нечленки: Норвешка, Исланд, Швајцарија и Лихтенштајн. Од членките на Унијата, надвор од просторот се Хрватска, која штотуку доби дозвола да му се приклучи, Романија, Бугарија, Кипар и Ирска. Просторот опфаќа 400 милиони луѓе, а е наречен според истоименото село во близината на Луксембург во кое во 1985 беше потпишан договорот за постепеното укинување на контролите на заедничките граници помеѓу членките на ЕУ. Договорот е во сила од 1995 година и оттогаш се прошируваше и надвор од границите на Унијата. Во границите на шенгенот, според некои понови податоци, секојдневно се движат и до 3,5 милиони луѓе.
Но во изминатава деценија, шенгенот, според голем број согледувања, веќе не е она што требало да биде. Денес, поради миграциската криза, терористичките закани и пандемијата на ковид-19, тој е нешто сосема спротивно, бидејќи насекаде, на внатрешните граници на Унијата, има контроли токму поради неможноста ефикасно да се заштитат нејзините надворешни граници. Д.М.М.