Европа долго време е бастион на скептицизмот кон ГМО. Но ЕУ од пред извесно време и формалноправно ја поддржа генетски модифицираната храна. За потсетување, на 7 февруари Европскиот парламент (ЕП) со тесно мнозинство ја поддржа употребата на новите геномски технологии (НГТ) во земјоделството. Според поддржувачите на НГТ во ЕП, тие треба да овозможат поголема отпорност на системите за производство на храна, бидејќи растенијата добиени со овие техники ќе бидат потолерантни на климатските промени, болестите и штетниците, а исто така ќе бараат помалку ѓубрива или пестициди. Тие тврдат дека тоа ќе ја забрза зелената транзиција со создавање поотпорни растенија, кои ќе обезбедат посигурно производство на храна.
Извештајот беше усвоен со 307 гласа за, 263 против и 41 воздржан. Очекувано, зелените најмногу гласаа против
Уште еден осврт на генетски модифицираната храна
Новата регулатива во ЕУ во врска со генетски модифицираната храна предвидува воведување две категории на растенија добиени со нови техники. Првата категорија ќе подлежи на истите правила како и растенијата добиени со конвенционално одгледување и класична т.н. мутагенеза. Тоа би вклучувало култури чии гени претрпеле мали промени, кои исто така можат да се појават природно, иако многу побавно. Тоа подразбира култури со промени на ДНК до 20 нуклеотиди (градежни блокови на ДНК) по ред. Оваа гранична вредност произлегува од фактот дека со постојната технологија не е можно да се направи разлика помеѓу промените на помалку од 20 нуклеотиди создадени благодарение на новите технологии од спонтано настанатите мутации што повремено се случуваат во геномот. Според ЕУ, „важно е да се истакне дека станува збор за промена на релативно мал број нуклеотиди, а не за додавање или отстранување цели гени“.
Втората категорија на култури (т.н. НГТ 2) би подлежела на истите правила како и генетски модифицираните организми (ГМО). Тоа би вклучувало култури со промени на повеќе од 20 нуклеотиди по ред или со вметнати туѓи гени – гени од други организми.
Хелена Дали, комесарка на ЕК: Иновација без да се загрози безбедноста
Комесарката за еднаквост на Европската комисија, Хелена Дали, рече дека споменатиот предлог „овозможува иновации без да се загрози безбедноста“.
Европа долго време е бастион на скептицизам кон ГМО, но новата регулатива треба да дозволи производите добиени со помош на нови биотехнолошки методи (на претходно дефиниран начин) да се изедначат со конвенционалните.
Затоа, поборниците на растителните биотехнолошки истражувања очекувано го поздравија гласањето.
– Ова е навистина охрабрувачко за научната заедница – рече Оана Дима, извршен директор на Европското одржливо земјоделство преку уредување на геном (EU-SAGE), мрежа од повеќе од 150 европски истражувачки институти, универзитети и асоцијации.
„Евросидс“, трговската организација за одгледувачи на растенија, го нарече гласањето „значаен чекор напред“ што ќе ги зголеми иновациите и одржливоста на земјоделството.
Но „Гринпис“ и некои други противници на биотехнологијата ја критикуваа одлуката, велејќи дека тоа може да доведе до зајакнување на земјоделските монополи.
Членките на ЕУ допрва треба да се изјаснат зановата регулатива!
Мерката допрва треба да биде договорена во преговорите со членките на ЕУ, кои остануваат поделени околу тоа дали да дозволат патентирање на НГТ-растенија и дали да се бара посебно означување на храната направена од такви култури или само семенски материјал.
За какви НГТ станува збор? Постојат неколку нови геномски технологии што се развиени до 2012 година, но сепак онаа што е наречена CRISPR-Cas9, или скратено CRISPR, се покажа како најдобра. Тоа е технологија што користи метод со кој бактериите се бранат од вируси за да ги модифицираат гените. Во него, Cas9 е името на ензимот кој се користи за расцепување, односно сечење ДНК на одредени локации. Бактериите го користат овој систем како одбранбен механизам против вируси. Кога вирусот напаѓа бактерија, таа се заштитува себеси со расцепување на нејзината ДНК и на тој начин спречува реплицирање на вирусот. Во исто време, бактеријата складира исечен дел од вирусната ДНК во својот геном како шема со цел да препознае напад од истиот вирус и да користи веќе тестирана одбранбена шема против него.
Научниците ја презедоа оваа технологија од бактериите и ја редизајнираа за потребите на прецизна модификација на геномот – за сечење на ДНК, за замолчување или засилување на одредени гени, а можеби и за инкорпорирање на цели гени од исто растение или од други организми.
НГТ, особено технологијата CRISPR, може да се поистовети со конвенционалната, бидејќи промените што може да се постигнат со него се случуваат и во природата. Имено, поради несовршеноста на системот за копирање на ДНК при делба на клетките или под влијание на некои фактори на околината (на пр. сончево зрачење), повремено се јавуваат мутации во ДНК на растенијата и на сите други организми. Со милениуми луѓето ги избирале меѓу таквите природно мутирани организми оние што имале некои нови, од човечка перспектива, пожелни својства. На пример, ги избрале оние растенија што имале поголем плод или оние што биле поотпорни на штетници или неповолни временски услови.
Самата природа врши еволутивна селекција на растенијата, но нејзиниот избор не е секогаш она што им одговара на луѓето. За илустрација, еден пример за таква човечка селекција е пченката. Првично таа имала многу мал плод во природата, пред луѓето да изберат мутирани сорти за да ги добијат денешните сорти со големи кочани и зрна. Друг интересен пример е бадемот, кој бил отровен пред да биде припитомен. Една студија, објавена во 2019 година во списанието „Сајанс“, со секвенционирање на геномот на бадемот, покажа дека пред илјадници години генетска мутација ја „исклучи“ способноста да се направи токсично соединение цијанид во бадемите, што беше клучен чекор пред луѓето да можат припитомат бадеми. Треба да се напомене дека горчливиот бадем, кој главно се користи во козметиката, сепак е отровен, особено во поголеми количества. П.Р.