Анализата е сеопфатна, па затоа е и долга, ама тука ќе биде изнесена на рати, во стилот на животот што го живееме во неа. Значи, појдовна основа ми е демократијата како можност, од аспект на правдата во неа, но и демократијата како неопходност, како одбрана од неправдата. На крајот ќе видите дека единственото исходиште на оваа анализа е човекот, поточно неговото достоинство како граѓанин избирач, кој може слободно да мисли и слободно да дејствува и во тој контекст слободно да избира. Во таа смисла, водилка се максимите „човекот е мера за сѐ“ (Питагора) и „сѐ е избор“ (Жан Пол Сартр). А сега, нешто поконкретно за анализата, воопшто, и анализата на демократските процеси, преку призмата на изборните кампањи и изборите, како основа на демократијата…
Македонски состојби: Глобали и детали за изборната вртоглавица (1) (Homo politicus наспроти Homo transitionis)
Од денеска, во „Нова Македонија“, во девет продолженија започнува серијал на темата „Македонски состојби: Детали и глобали за изборната вртоглавица (Homo politicus наспроти Homo transitionis)“, од авторот Сотир Костов. Во серијалот, авторот сестрано ќе ги анализира појавите, процесите и односите во нашата држава и општество во целост, давајќи одговори на повеќе провокативни прашања: има ли демократија во политичките партии, зошто немаме демократска политичка култура, за анемичното општество и дали нашето општество е „едно општество за сите“, за алката/условот што недостига за владеењето на правото…
Станува збор за искривената демократија (до изобличеност) во Македонија, која еве ја живееме 34 години. Веќе некое време ја анализирам ваквата извртена, да не речам первертирана демократија. Од бројките сум изненаден, а од фактите и аргументите запрепастен. Општеството од транзиција западна во криза. Поради отсуство на правна држава, и државата ни е во криза. А македонскиот граѓанин откако преку недемократската транзиција и општествената деструкција беше ограбен, и тој перманентно е во криза – финансиска, социјална, егзистенцијална, психолошка, морална.
Анализата е сеопфатна, па затоа е и долга, ама тука ќе биде изнесена на рати, во стилот на животот што го живееме во неа. Значи, појдовна основа ми е демократијата како можност, од аспект на правдата во неа, но и демократијата како неопходност, како одбрана од неправдата. На крајот ќе видеите дека единственото исходиште на оваа анализа е човекот, поточно неговото достоинство како граѓанин избирач, кој може слободно да мисли, слободно да дејствува и во тој контекст слободно да избира. Во таа смисла водилка се максимите „човекот е мера за сѐ“ (Питагора) и „сѐ е избор“ (Жан Пол Сартр).
Сега, нешто поконкретно за анализата, воопшто, и анализата на демократските процеси, преку призмата на изборните кампањи и изборите, како основа на демократијата. Поточно, станува збор за анализата, психоанализата и политиката и нивните меѓусебни релации и испреплетени односи. Односот на анализата, психоанализата и политиката е несомнен и видлив. Но, исто така, непобитен е и фактот дека истражувањата и анализите на оваа тема во Македонија се малобројни и не секогаш компетентни и стручни. Причините лежат во фактот што анализата, пред сѐ, поставува едно големо но основно барање, кое доколку биде заобиколено и занемарено многу бргу се одмаздува.
Вистинската анализа (научна, стручна, реална, објективна) бара вистинитост и искреност кон самите нас, на што ние не сме навикнати („Уметникот и психоанализата“, Херман Хесе, 1924 г.). Анализата нѐ поучува да го видиме, да го истражиме и сериозно да го земеме предвид и да го прифатиме она што со најголем успех сме го потиснале во себе. Тоа што генерации под трајна присила го потиснувале во себе. Токму овој момент е моќно и огромно доживување што треба да го почувствуваме уште при првите чекори во анализата, особено анализата на одвивање на изборниот процес и чинот на пребројување на гласовите и сумирање на резултатите.
Тоа е потрес од корен. Кој ќе издржи и ќе продолжи понатаму, тој со секој следен чекор се чувствува осамен и отсечен од постојните конвенции и наследените погледи, со што се соочува со безброј прашања и сомнежи, кои ништо не може да ги спречи. Но затоа зад срушените сцени на наследството сѐ повеќе и повеќе се гледа или се насетува како се подигнува бескомпромисната слика на вистината. Вистината за тоа: како се одвивала изборната кампања; како се однесувале учесниците во неа; каков бил односот на медиумите кон изборниот процес и кон политичките субјекти што учествуваат во него; кој субјект каква платформа за настап имал, кој каква програма претставил пред избирачите, кои пораки се испратени до нив и каков е нивниот однос кон истите тие; каква била изборната атмосфера и дали имало еднакви рамноправни и за секого достапни услови за настап на изборите; дали имало нарушување на изборниот процес и дали имало прекин на истиот тој и дали тие влијаеле на слободното определување на избирачите и на изборните резултати; дали по изборите, тие што се победници, ги испорачуваат или не ветувањата дадени во кампањата.
Тоа е сликата на реалноста во светот што нѐ опкружува, кога се во прашање изборите, изборните кампањи и постизборниот период. Многу е слична, ако не и идентична, и ситуацијата кога се во прашање уште два феномена: општествената демократска трансформација, која се претвори во општествена деструкција; и драмата на плурализацијата – појавата на политичките партии во Македонија, во контекст на практикување на власта. Следствено, таа и таква слика треба да биде сликата за изборите (парламентарни, локални, претседателски) во Македонија и изборната кампања што им претходи. А на изборите и изборната кампања, најчесто им претходеше „демократија без народ“ (погазување на волјата на народот изразена на референдумот, промената на Уставот и промената на името Република Македонија). Следствено, сведоци бевме дека изборите и кампањите поминуваа со промовирање „демократски“ принцип, „купување гласот на избирачите“ и победа по секоја цена, како „zero sum game“.
Ете, доколку сето ова се има предвид, анализата на изборниот процес има шанси да биде објективна и реална. И само на тој начин случувањата во изборниот процес ќе бидат транспарентни и ќе бидат видливи. Разбирливо, целокупната оваа проблематика многу често е придружена со возбудливо отчукување на срцето и емотивно однесување, речиси од сите учесници во изборите.
Притоа колку стравувањата, збунетоста и потиснувањата во врска со овој процес се осветлуваат, толку значењето на вистината за истиот тој и за неговите актери се издигнува на повисоко ниво и барањата за почитување на европските и на светските стандарди и позитивни демократски практики се повеќе од потребни и неопходни, но и остварливи.
Вообичаено тешко се пронаоѓа точен и конечен одговор за комплицираните феномени како што се гласањето и апстиненција од гласање и кој и зошто победил, кој и како изгубил на изборите (политички партии и коалиции). А од гласањето (фер, слободни и демократски услови) и резултатите од гласањето (реални, фалсификувани и признаени и оспорени), подоцна произлегуваат сите проблеми на демократијата, политичкиот и партискиот систем во државата. Во врска со незадоволителните состојби на овој план, ги имаме следните стојалишта: едни истражувачи и аналитичари велат дека политиката повеќе не е привлечна и атрактивна како што беше тоа порано; други причините ги гледаат во кризата на политичките партии; трети, причините ги бараат во несоодветниот и партиски и изборен систем; четврти се уверени дека политичката култура е на незавидно ниско ниво и овозможува многу несакани и штетни нуспојави; петти потсетуваат дека е време за целосно превреднување на општествениот, политичкиот, партискиот и изборниот вредносен систем.
Во оваа анализа е прифатено стојалиштето дека соодветниот одговор за причините што ја објаснуваат состојбата со овие два комплексни феномена е повеќеслоен и исто така комплексен (затоа ќе бидат анализирани сите пет стојалишта). Ова стојалиште се состои од тоа какви се или какви ќе бидат реакциите на присутните предизвици во врска со пројавените пропусти, недоследности и несоодветно однесување на учесниците во изборниот процес и одговорите на нив во вид на ефикасни решенија. Според моето наоѓање, ќе набројам 17 од нив.
1. Изборите и резултатите од истите тие покажаа и потврдија дека довербата од народот (гласачите) кон политичките елити е на најниско можно ниво. Забеганите политички елити, т.е. нереалните лидери нудат месијански решенија, во кои граѓаните не веруваат. Добро, има исклучоци, ама нивниот број е мал. Истите тие лидери даваат лесни и нереални ветувања, а некои од нив се граничат и со надреалност. Тоа е подгревање лажни надежи, кои никогаш не се остваруваат, а граѓаните запаѓаат во апатија, незаинтересираност и неподготвеност да дадат поддршка за која било политичка опција (констатациите се однесуваат на парламентарните избори 2016-та и 2020-та, и речиси на сите претседателски избори).
2. Плурализацијата на македонскиот политички и партиски систем и нејзината институционализација се актуализира по секои парламентарни избори. Но по секои парламентарни избори (а особено по изборите во 2020 г.) се поставуваат голем број научни, политички и концепциски прашања, проблеми и дилеми. Најгорливи се нагласените меѓуетнички и интраетнички расцепи, големата недоверба помеѓу политичките субјекти, конфронтацијата помеѓу „новите“ и „старите“ политички партии и коалиции, форсирањето на националните посебности и интереси, на сметка на општествените и државните, агресивната „црна пропаганда“ и присутниот говор на омраза и реторичката демагогија. Изборите инаугурираа поларизиран повеќепартизам на т.н. феномен на „политичка дистанца“. Помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, помеѓу СДСМ и ДУИ, помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и помеѓу ДУИ и другите партии од албанскиот кампус (Беса, ДПА и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива). Загрижувачка е и „етничката дистанца“ помеѓу политичките партии од македонскиот и од албанскиот политички кампус (поконкретно види во „Етнички групи во Македонија (историски контекст)“, Марија Ташева, 1997, Филозофски факултет, Скопје, и „Етнички групи во Македонија, современи состојби“, М. Ташева, М. Ѓуровска, А. Петковска, К. Миноски, Филозофски факултет, 1998, Скопје). Се покажа дека помеѓу сите нив има загрижувачко отсуство на базичен консензус.
3. Сите овие прашања и проблеми ја направија невозможна и неефикасна секоја нормална политичка комуникација во изборната кампања и изборниот процес. Сепак како најизразен проблем се појавија затегнатиот однос и високиот набој од релацијата плурализација на општеството (пред сѐ на партискиот систем) и политичката дезинтеграција на таа плурализација. Како помеѓу македонскиот и албанскиот кампус така и внатре во тие партиски и коалициски кампуси. Одамна е присутна дилемата дали плурализацијата на партискиот систем доведе до негова дезинтеграција или, пак, дезинтегративните партиски процеси ја условија плурализацијата? По изборите во 2020 година, оваа дилема е изразена многу повеќе од кога било. Неминовно е, еднаш засекогаш, да се надминат нагласениот фрагментиран партиски систем и неговата загрижувачка поларизација, до ниво на антагонизам и политичка нетрпеливост.
(продолжува)