Копретседателите на партијата АфД, Алис Вајдел и Тино Хрупалa / Фото: ЕПА

Германската контраразузнавачка служба БфВ ја класифицираше партијата АфД како екстремистичка

  • Германската контраразузнавачка агенција (БфВ) ја класифицираше германската десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) како „екстремистички ентитет што ја загрозува демократијата“. Таквата класификација овозможува законски „подобро следење на партијата“ и употреба на „специјални мерки и активности за надзор над членовите, седиштето на партијата и нивните комуникации и врски“
  • „Германија штотуку ѝ даде на својата (контра)разузнавачка агенција нови овластувања да ја шпионира опозицијата. Тоа не е демократија, тоа е прикриена тиранија. Она што е навистина екстремно не е популарната партија АфД, која го освои второто место на неодамнешните избори, туку смртоносната политика на отворени граници и имиграцијата, на што се спротивставува АфД. Германија мора да го промени курсот“, рече американскиот државен секретар Марко Рубио

Наодот на германската контраразузнавачка служба за заштита на уставниот поредок – БфВ (Bundesamt für Verfassungsschutz), врз основа на свој извештај со содржина од 1.100 страници, тврди дека партијата „АфД е расистичка и антимуслиманска партија“ што им овозможува на германските власти „да го засилат надзорот врз партијата, вклучително и пресретнување на комуникациите на членовите на партијата и нивните врски, како и тајно следење, нивно фото и видеодокументирање, како и надзор на нивните седишта, живеалишта и престојувалишта“.
Во соопштението за јавноста на Германската контраразузнавачка агенција (БфВ) се вели дека концептот на екстремизам и ксенофобија „се рефлектира во целокупниот став на партијата против мигрантите и муслиманите“. Понатаму БфВ пишува дека АфД „клевети и омаловажува“ поединци и групи, поттикнувајќи „ирационални стравови и непријателство кон нив“.
– Централно место во нашата процена има етнички дефинираниот концепт на АфД што девалвира цели сегменти од населението во Германија и го нарушува нивното човечко достоинство – пишува во извештајот на БфВ.

Одговор на партијата АфД

Веднаш реагираше раководството на партијата на извештајот на контраразузнавачката служба на Германија при што лидерот на регионалната парламентарна група на АфД, Антон Барон, изјави: „Тажно е да се види состојбата на демократијата во нашата земја кога етаблираните партии сега посегнуваат по политички најсомнителните средства за да дејствуваат против најсилната опозициска партија“.
Имено, АфД, која моментално води по популарност меѓу германските партии во неколку анкети на јавното мислење, ја осуди одлуката, додека политичките аналитичари рекоа дека со овој потег на властите во Германија се ризикува дополнително зголемување на поддршката за партијата.

Партијата на новиот канцелар Мерц бара начини како политички да ја
егзекутира АфД?

Класификацијата на германската партија Алтернатива за Германија (АфД) како „екстремистички ентитет што ја загрозува демократијата“ доаѓа само неколку дена пред лидерот на ЦДУ и иден германски канцелар, Фридрих Мерц, да положи заклетва како нов канцелар на Германија и во услови на жестока дебата во неговата партија ЦДУ за тоа „како да се справи со АфД во новиот парламент“. АфД освои рекорден број места, што теоретски ѝ даде право да претседава со неколку клучни парламентарни комисии. Во овој контекст, сојузникот на Мерц, Јенс Шпан, побара АфД да се третира како редовна опозициска партија во парламентарните процедури, тврдејќи дека овој пристап ја спречува партијата да усвои наратив за „жртва“.
Сепак, други етаблирани партии, како и многумина во редовите на конзервативците на Шпан, го отфрлија тој пристап – и би можеле да ги искористат вестите од петокот како оправдување за да го блокираат обидот на АфД да ги води клучните комисии (комитети), тврдејќи дека „претставниците на АфД не ги исполнуваат потребните стандарди“, бидејќи наводно имало „сè повеќе знаци дека АфД не е нормална партија и како резултат на тоа, процесот ќе продолжи таа партија да биде маргинализирана“.
Класификацијата на контраразузнавачката служба (дека АфД е екстремистичка) би можела повторно да ги разгори напорите за забрана на АфД, но германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц, чии социјалдемократи ќе бидат помал партнер во новата коалиција на Мерц, советуваше да не се брза со забраната на АфД.

Американските претставници со остри реакции кон Германија по одлуката да ја етикетираат АфД како екстремистичка организација

Од Вашингтон дојде остра реакција откако германската контраразузнавачка служба ја прогласи за „екстремистички субјект“ партијата Алтернатива за Германија (АфД), најпопуларната германска политичка партија според некои анкети и втора по бројот на освоени гласови на неодамнешните федерални избори на крајот на февруари.
Истакнати американски владини претставници реагираа на гореспоменатата одлука на германското контраразузнавање.
Така, потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, рече дека АфД е најпопуларна партија во Германија и најрепрезентативна во Источна Германија.
– Бирократите се обидуваат да ја уништат. Западот заедно го сруши Берлинскиот ѕид. Но сега го обновуваат! Не Советите или Русите, туку германскиот естаблишмент (подига нови ѕидови) – напиша Венс.
Блискиот соработник на Трамп, Елон Маск, исто така реагираше на изјавата на американскиот потпретседател, велејќи дека „судбината ја сака иронијата“.
– Забраната на центристичката АфД, најпопуларната партија во Германија, би бил највисок напад врз демократијата – рече Маск, кој претходно изрази поддршка не само за АфД туку и за голем број други европски десничарски партии. Тој ја нарече АфД „единствената надеж на Германија“.
Натаму, американскиот државен секретар Марко Рубио реагираше на класификацијата на АфД како „екстремистичка“ со многу остра изјава:
„Германија штотуку ѝ даде на својата (контра)разузнавачка агенција нови овластувања да ја шпионира опозицијата. Тоа не е демократија, тоа е прикриена тиранија. Она што е навистина екстремно не е популарната партија АфД, која го освои второто место на неодамнешните избори, туку смртоносната политика на отворени граници и имиграцијата, на што се спротивставува АфД. Германија мора да го промени курсот“ Р.С.