Минатиот петок, 31 јануари, објавив колумна наречена „Дали ако е лошо времето ќе го бојкотираме УХМР?
Главните тези во оваа колумна ми беа:
1. Инфлацијата во голема мера е предизвикана од вештачки зголемениот минималец и покачувања на платите, пред сѐ во бирократијата, кои не кореспондираат со пораст на продуктивноста.
2. Владата, доколку сака да го амортизира инфлаторниот удар, тоа може да го стори само со директни субвенции на социјално загрозените граѓани, а не со замрзнувања на цените за сите граѓани.
Потоа, предложив и стратегиски мерки, како на пример:
– зајакнување на конкуренцијата – што побрз влез на нов трговски синџир („Лидл“),
– борба против сивата економија,
– формирање потрошувачки задруги (како на пр. во Словенија).
Во колумната од минатиот петок не опфатив едно важно прашање: Дали постои начин да се влијае на пониските малопродажни цени преку пониски влезни цени на земјоделските и прехранбените производи? И тука доаѓаме до многу сериозен проблем.
Најголемиот дел прехранбени производи во малопродажба се увозни, а оние што се од домашни преработувачи, во голема мера се зависни од увозни суровини, репроматеријали, амбалажа и што уште не. Македонското земјоделско производство е во постојано опаѓање, а македонските субвенции за земјоделскиот сектор се во постојан пораст.
Прашање 1: Зошто ние, како општество, фрламе пари година по година за нешто што не дава резултати?
Во ваква констелација, шансите за пораст на земјоделското производство се еднакви на тоа наркоман да се откаже од дрога, ако вие дополнително му давате пари да купува нови количества. Оттука е и поднасловот: „До кога ќе фрламе парички во Фонтана ди Треви?“, надевајќи се дека ќе се вратиме во Рим.
Прашање 2: Дали можеби поинаков систем на субвенции ќе даде подобри резултати во земјоделството? Очигледно е дека сегашниот систем служи само за купување социјален мир и политичко влијание.
„До кога ќе фрламе парички во Фонтана ди Треви?“
Системот на земјоделски субвенции едноставно не дава резултати. Производството не се зголемува. Напротив, субвенциите за македонското земјоделство се како да фрламе парички во Фонтана ди Треви и да се надеваме на чудо. Шансите да ги намалиме цените на храната и прехранбените производи во малопродажбата, едноставно, се многу мали, бидејќи доминираат увозни артикли на чија цена не можеме да влијаеме.
Да ги видиме следниве бројки:
Учеството на земјоделството во БДП се намалило за 34 отсто; од 10,03 отсто на 6,63 отсто за само 10 години.
Ако продолжи овој тренд, за 10 години ќе се намали на 3,9 отсто. Речиси како во Америка, каде што земјоделството има ниско учество. (Само што ни фалат уште околу $60,000 по жител за да бидеме како Америка.)
Графикон 2: Трговски дефицит во земјоделството
Во земјоделската размена трговскиот дефицит изнесува 1,17 милијарда евра во само четири години. Толку пари сме морале да откинеме од нешто друго што заработила економијата, или да позајмиме, за да можеме да ја задоволиме побарувачката за храна.
Да не ја заборавиме наједноставната формула на БДП: „БДП е еднаков на збирот од вкупното производство на стоки и услуги и нето-извозот, односно извоз минус увоз“.
Тоа значи дека самите сме го намалиле БДП во последнава година за 390 милиони €. Онака, како да сме шеици, па имаме пари за расфрлање.
Графикон 3: Покриеност на увоз со извоз на земјоделски производи
Покриеноста на увозот со извоз во земјоделството се намалува од 75 отсто во 2020-та на 66 отсто во 2023-та.
Ако продолжи овој тренд, во 2033 година покриеноста на увозот со извоз во земјоделството ќе изнесува само 29 отсто?!
Графикон 4: Субвенциите постојано растат (читај: фрламе сѐ повеќе парички во горенаведената фонтана)
Субвенциите пораснале за околу 8,9 отсто во последните четири години.
Притоа, земјоделското производство во најголем број случаи се намалило.
Македонија беше земјоделска земја… а потоа не беше!
Македонија (сегашна Северна, порано Социјалистичка, а уште порано Народна) беше земјоделска земја. Па, потоа не беше. И сè помалку е, секој ден сè помалку. На пример, да видиме што се случува од 2020 година наваму со производството на месо?
Графикон 5: Производство на месо (извор ДЗС)
Производството на месо е преполовено кај сите видови освен кај свинското, каде што има пораст од 29 отсто.
Графикон 6: Производство на млеко 2000-2023 (извор ДЗС)
Или, поинаку кажано, производството на млеко во периодот 2000-2023 имало агрегатен годишен раст од само 0,3 отсто, но во последните четири години е во слободен пад. Особено е значајно намалувањето во 2023 година, кога производството изнесувало 238.328 илјади литри, што претставува пад од 26,5 отсто во однос на 2022 година.
Во полјоделството ситуацијата е уште полоша, да не речеме, катастрофална.
Графикон 7: Производство на пченица
За 10 години и повеќе од 2 милијарди евра субвенции, сме го добиле овој резултат:
А) Намалување на засеаните и ожнеаните површини за 10 отсто,
Б) Намалување на производството за 25 отсто,
В) Намалување на продуктивноста за 18 отсто.
Луѓето од мојата генерација (1967) го паметат филмот што кај нас се преведуваше како „Има ли пилот во авионот“? Две милијарди евра потрошени за намалување на производството за 25 отсто и на продуктивноста за 18 отсто?
Графикон 8: Производство на ориз
Единствена светла точка е тоа што за 11 години има пораст на продуктивноста за 7 отсто. Но вкупното производство е опаднато за речиси 40 отсто.
Графикон 9: Производство на домати
Кај производството на домати имаме обратен феномен. Исти површини се засадени, но продуктивноста е намалена за 25 отсто.
Всушност, единствена табела каде што имаме пораст е таа со административните трошења.
Графикон 10: Буџет на Министерството за земјоделство
Продуктивноста на доматите се намалила за 25 отсто, површината под пченица и ориз е преполовена, но затоа имаме Министерство за земјоделство со буџет зголемен за 48 отсто.
Конкретни предлози за намалување на цените на храната и зголемување на земјоделското производство
Во претходната колумна обрнав внимание на екстерните критериуми што создадоа висока побарувачка: а) висок минималец, високи плати на бирократија и непотребни вработувања, б) немање никакви критериуми или мерење на успешноста на вработените во државниот сектор.
Во оваа колумна се осврнав повеќе на субвенции во земјоделството, кои само креираат т.н. клиентелизам, а на никаков начин не го зголемуваат земјоделското производство.
Сега би сакал да наведам некои можни стратегии за подобро да се искористи финансирањето во земјоделството.
1. Продуктивност наместо квантитет
– Наместо едноставно субвенционирање врз основа на површина (хектари) или број на грла добиток, да се стимулираат продуктивноста и квалитетот на производството.
– Да се воведе систем на КПИ базирани субвенции, каде што земјоделците ќе добиваат поддршка врз основа на приносот и квалитетот на производите.
2. Мали земјоделски стопанства не можат да бидат ефикасни – окрупнувањето е нужност.
Од класификацијата на земјоделските стопанства (ЗС) по големина може да се види дека 95,27 отсто од ЗС користат земјоделско земјиште под 5ха, а дури 98,5 отсто под 10 ха. Само 1,47 отсто од ЗС имаат обработливи површини над 10 ха.
3. Поддршка за иновации и за модернизација
• Поголем фокус на механизација и нови технологии за да се зголеми ефикасноста.
• Финансиска помош за префрлување на паметни земјоделски технологии (на пример, дигитални системи за наводнување и дронови за мониторинг).
• Поттикнување еколошко и органско производство со специјални грантови.
4. Строга контрола и транспарентност
– Да се создаде јавен регистар со сите субвенционирани земјоделци и износи, со што ќе се спречи фаворизирање на одредени производители,
– Воведување независен надзорен орган што ќе следи како се распределуваат субвенциите.
5. Поддршка за младите земјоделци
– Специјални програми за млади луѓе што сакаат да почнат агробизнис.
– Олеснет пристап до земјоделско земјиште за млади претприемачи во секторот.
– Директни грантови за иновативни идеи во земјоделството.
6. Диверзификација на производството
– Наместо само субвенционирање житарици и традиционални култури, да се поттикне одгледување култури со повисока додадена вредност (лековити билки, овошје за извоз, мед и органски производи).
– Програми за поддршка на локални преработувачки капацитети, за да се создава финален производ, а не само суровина.
7. Поврзување со извозните пазари
• Директна државна помош за извозно ориентирани земјоделци (на пример, субвенции за сертификација за ЕУ-пазарот).
• Одобрување на логистиката и транспортната инфраструктура за полесен пристап до странски пазари.
8. Развој на моделот на Италија за аграрен туризам (Agriturismo)
– Модел според кој малите рурални ресторани се ослободени од ДДВ и данок на добивка доколку послужуваат најмалку 50 отсто сопствени производи: млеко, сирење, месо итн.
Заклучоци
Констатиравме дека бојкотот на трговските синџири нема никаква логика – можноста за интервенција е ниска бидејќи производите се доминантно увезени или зависни од увозни компоненти за производство. Домашното земјоделско производство е во постојано опаѓање. Земјоделското производство е намалено за речиси 50 отсто, а трговскиот дефицит на земјоделските производи расте со стапка од 30 отсто и достигна речиси 1,2 милијарда евра.
Субвенциите се во постојан пораст и се зголемени за околу 10 отсто. На тоа ги додаваме и покачените трошоци на Министерството за земјоделство: буџет поголем за 48 отсто, плати поголеми за 73 отсто и оперативни трошоци по вработен зголемени за 76 отсто.
Како капак на сето горенаведено, имаме голем број високообразовни и научни установи: имаме Факултет за ветерина, Факултет за земјоделски науки и храна, Земјоделски и Институт за сточарство при УКИМ, Земјоделски факултет УГД Штип, Биотехнички и Ветеринарен факултет при УКЛО – Битола, Институт за тутун – Прилеп, Факултет за земјоделство и биотехнологија ДУТ Тетово.
Се разбира, тие не се директно одговорни за намаленото производство, но би требало да влијаат на зголемување на продуктивноста. А, не кај доматите да имаме намален принос. Ние, Македонија, која историски беше традиционален производител и извозник на раноградинарски култури?!
Накратко, фрламе пари во Фонтана ди Треви и го гледаме филмот „Има ли пилот во авионот“. А потоа повикуваме на бојкот на трговските синџири?
Историска шанса или кој ќе биде споменуван илјада години од
сега? (И дали воопшто?)
Денес Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има историска шанса. Може да се занимава со политикантство и клиентелизам и да ги дели средствата за субвенции, плати за администрација и високообразовни установи без никаков ефект, како што се делени досега.
Или, може да направи историски исчекор и да ја повлече Македонија напред. Државата треба да го поттикнува само она што е продуктивно и профитабилно и добро за економијата и за целото општество.
Дали Владата ќе ја искористи оваа шанса, зависи само од неа. Секој е ковач на својата судбина, рекол Апиј Клавдиј Цекус од 4 век пр. н.е. во Стариот Рим.
Апија Антика и денес е едно од најпосетуваните историски места во Рим. Апија Нова е наречена во негова чест.
Дали некој од денешните македонски политичари ќе ја има таа можност од раководител на министерство или влада да прерасне во државник, за по илјада години некоја улица да се нарекува по него или по неа?
Автор: Д-р Марјан Бојаџиев,
Авторот е универзитетски професор,