Денот на словенските просветители, 24 Мај, низ годините некои корисници на социјалните мрежи го користат да го честитаат со објавување смешно неписмени фрази, што ја покажуваат нашата неписменост, што наедно е добар повод да се актуализираат, за жал, сѐ уште присутните прашања за правилната употреба и заштитата на македонскиот јазик и писмо

Македонската кирилица денес

„Македонскиот јазик има огромна зборообразувачка моќ, толку е голема неговата моќ што на него може да се преведува секаква книжевност. Вакво завештание ни оставиле Кирил и Методиј и прво треба да се учи од нив. Од нив учеле нашите најголеми мајстори и мајсторици. Македонскиот јазик може да беседи на книжевна гозба со сите јазици, но од нас самите зависи како ќе му служиме на својот јазик на таа гозба, какви виноточи ќе му бидеме и, би додал, дали ќе го натераме да ни удри една преку уста…“, изјави во едно интервју нашиот еминентен преведувач, кој, за жал, одамна не е меѓу нас, Огнен Чемерски, во интервју за прилогот за култура ЛИК во „Нова Македонија“.
Денот на словенските просветители, 24 Мај, низ годините некои корисници на социјалните мрежи го користат да го честитаат со објавување смешно неписмени фрази, што ја покажуваат нашата неписменост, што наедно е добар повод да се актуализираат, за жал, сѐ уште присутните прашања за правилната употреба и заштитата на македонскиот јазик.

Битката за правилна употреба за јазикот сѐ уште трае

Македонистиката во Македонската академија на науките и уметностите е практично заборавена, оспоруваната Македонска енциклопедија пред повеќе години буквално ја понижи македонската наука за јазикот, ставајќи ја под сите можни пејачи и спортисти, актери и други од десетта категорија. Институтот за македонски јазик со години се соочува со многубројни финансиски и кадровски тешкотии. Оттука, не треба да нѐ чуди што луѓето сѐ уште не научија дека не се пишува базент и ресторант, дека доба е именка од женски род – таа доба, а не тоа доба, дека не е правилно сеуште, туку сѐ уште, дека не е прилагоди, туку приспособи, придонесе – а не допринесе. Зборовите твитање, гуглање, шопинг, фастфуд, принтање, кастинг, кул, тренд, лајк, френд… веќе се одомаќени во секојдневната комуникација, но голем број туѓи зборови што се употребуваат не ги разбираат ни постарите ни младите, или погрешно ги разбираат. На пример, транспарентна – бил разбран како актуелна или компетитивна – како одговорна. Сѐ уште има такви што „секундарно“, пак, го разбираат како „веднаш“ или „моментално“, поради сличноста со зборот „секунда“.
Очигледно дека македонскиот граѓанин, кој не го знае ни сопствениот јазик, тешко се справува и со прогресивната глобализација. Туѓите зборови најмногу ги употребуваат новинарите и политичарите, веројатно затоа што во Македонија употребата на интернационализмите се смета за престижна општествена јазична варијанта и го отсликува говорителот како припадник на интелектуално висока класа (?!). Јазикот е отворен на влијанија во глобалниот свет, особено со многубројните начини на масовна комуникација, но и во тоа треба да се има вистинска мера. Особено во ситуации кога употребуваме странски збор наместо наш, иако го имаме и може да покрие исто семантичко поле, односно исто поле на значење како странскиот збор.
Традиција е резултатите од тестовите по англиски јазик да се подобри од оние што децата ги постигнуваат на испитот по мајчин јазик. Сѐ уште не постојат електронски верзии на Македонскиот дијалектен атлас, Интенцијално-синтаксичкиот речник, Речникот на презимињата, Речникот на личните имиња во народните умотворби, Речникот на народната поезија, Речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција… Овие речници им се достапни во печатена форма на сите што се занимаваат со јазикот, но поширока нивна употреба би се овозможила доколку ги има и во дигитална форма.

Македонското кирилско писмо е загрозено од самите нас, кога пишуваме неправилно и несоодветно. Затоа се важни неговата правилна употреба и афирмација во светот како скапоцена цивилизациска придобивка, која заслужува почит и поклонение. Особено во време на негирање на сѐ што е македонско се наметнува потребата од нагласена едукација за правилна употреба на македонската кирилица, во сите сфери на културата и во медиумите

Свеста за правилна употреба на македонската кирилица на ниско ниво

Современиот живот и развојот на технологијата, пак, поставуваат нови предизвици и за некои потврдени и дефинирани категории на комуникацијата, како писмата, односно знаците-графеми за пишување. Официјално писмо на македонскиот јазик е македонската кирилица, за која е забележливо дека во дигиталниот свет се употребува со низа недоследности. Такви недоследности, но и решенија за нивно надминување препознава и нуди графичкиот дизајнер Ласко Џуровски, чии дела често се наоѓаат на страниците на „Нова Македонија“.
– Свеста за правилна употреба на македонската кирилица кај нас сѐ уште е на ниско ниво, особено на социјалните мрежи. Затоа, неопходно е да најдеме соодветен начин за унапредување и презентација на нашите културни посебности претставени преку македонското кирилско писмо. Тоа можеме да го постигнеме единствено со соодветна едукација за изгледот и значењето на македонската кирилица и нејзината соодветна употреба во сите сфери на културата, на сите медиуми. Едукацијата посветена на изгледот и примената на кирилицата на дигиталните медиуми отсуствува од програмите на националните установи, кои би требало да бидат водечка сила во промовирањето на тие наши уникатни културни вредности што нѐ прават, како народ и нација, единствени и различни од сите други – вели Џуровски.
Тој забележува дека македонското кирилско писмо е загрозено, пред сѐ, од самите нас, кога пишуваме неправилно и несоодветно. Затоа, силно апелира да го употребуваме правилно, да го афирмираме и да го потврдиме во светот како скапоцена придобивка од една стара култура и цивилизација, која заслужува почит и поклонение.
– Македонската кирилица е безвременска приказна, започната од нашите просветители браќата Кирил и Методиј, која заслужува да ја чуваме, да ја негуваме и да ја надградуваме за да може успешно да го следи развојот на дигиталната типографија во светски рамки. Нашата кирилица содржи букви што се карактеристични само за неа и ја прават уникатна и различна од сите други светски кирилски писма. Во овие тешки времиња, кога сме сведоци на негирање на сѐ што е македонско, се наметнува потребата од нагласена едукација за правилна употреба на македонската кирилица, во сите сфери на културата и на сите медиуми – смета Џуровски.

Делото на солунските браќа – историски настан од светско значење

Овие недоследности во употребата на македонскиот јазик и писмо се показател дека сѐ уште треба да учиме од завештанието што ни го оставиле солунските браќа Кирил и Методиј, а Денот на сесловенските просветители е добар повод за тоа.
Во 11 век Црквата го прогласила 24 мај (11 мај по стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Овој датум е избран бидејќи го означува почетокот на Моравската мисија. За да не бидат повиени во превезот на заборавот, светителската слава и споменот за двајцата просветители, значење има токму светителскиот култ на Св. Климент Охридски и независната јурисдикција на Охридската духовна и книжевна школа. Во тој прилог се и најстарите зачувани насликани портрети на Св. Констатин-Кирил и Методиј, а покрај нив уште и на Св. Климент Охридски, во фрескосликарскиот ансамбл на црквата „Св. Софија“ во Охрид од околу 1045 година, како и на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа, од 1191 година.
Во однос, пак, на сесловенскиот атрибут на мисионерската дејност на браќата Кирил и Методиј, клучна е нивната мисија што ја реализирале во словенското кнежевство Моравија (863). На 30 септември 1880 г., папатa Леон XIII го објавил споменатото писмо со кое го вовел чествувањето на светите Кирил и Методиј во целата Католичка црква, заради нивното ширење на христијанското учење среде словенските народи и нивното описменување.
Во Македонија наследството на Кирил и Методиј се инкорпорирало во дејноста на нивните врвни ученици Климент и Наум, кои во текот на последните децении од 9 и во почетокот на 10 век развиле опсежна духовна и културно-просветителска дејност во родната земја, која во актуелниот момент се наоѓала под бугарска власт. Независно од тоа, Климент и Наум од градот Охрид и неговата околина создале средиште на словенското просветителство и христијанство, односно познатата Охридска книжевна школа, во која се образовале околу 3.500 ученици. Оваа високообразовна школа, прва во словенскиот свет, доследно се придржувала до изворната кирилометодиевска традиција, односно се употребувала глаголската азбука во писменото општење.
Пред еден милениум, во 855 година (безмалку 1200 години), е создадена првата словенска азбука глаголица во Македонија, која била во составот на Источната Римска Империја (Византија). Секој 24 Мај, празникот во чест на светите браќа Кирил и Методиј, сесловенските просветители и учители и основачите на првата словенска азбука, кој е државен македонски празник, се потврдува дека делото на солунските браќа е историски настан од светско значење.