Честопати се случува на големите празнични собири, надворешната манифестација на верата и на богопочитувањето да не е на високо ниво, па верниците честопати оставаат отпадоци зад себе, се однесуваат со недоволно внимание кон инвентарот, кодексот на облекување не е соодветен на местото и целта на присуството. Еве, наоѓајќи се на прагот на празникот на Христовото воскресение, а во очекување масовност и во храмовите на Македонската православна црква, апелираме за високо ниво на култура и бонтон и нашата вера да ја манифестираме и во надворешното однесување, вели презвитер Бобан Митевски
Еден поинаков, граѓански аспект на одбележување на празникот
Празнични денови се пред нас. Тоа значи дека граѓаните ќе имаат многу слободни денови, кои ќе имаат можност да ги поминат со своите најблиски. Секако, првата работа што се прави за време на овие празнични денови е посетување на црквата, од каде што и започнува празнувањето на еден од најголемите христијански празници Велигден. Во рамките на прославата, речиси сите граѓани ќе заминат во црквите и црковните дворови, каде што ќе ја очекуваат радосната вест за Христовото воскресение.
ГОЛЕМ БРОЈ ВЕРНИЦИ НЕ МОРА ДА ЗНАЧИ И ГОЛЕМО КОЛИЧЕСТВО РАСФРЛАНИ ОТПАДОЦИ
За жал, како и секоја година така и оваа, некои од граѓаните и верниците ќе ја покажат својата некултура во однос на хигиената и фрлањето ѓубре. Дека хигиената и не ни е баш најдобра страна досега многупати докажавме и покажавме, а тоа лесно може да се види и по степенот на хигиена во земјава.
Но некои локации и случувања воопшто не го заслужуваат таквото нехигиенско и неодговорно однесување. Понекогаш таквите постапки за загадување мора да ги контролираме, бидејќи не ни прилегаат ниту нам ниту на околината во која се наоѓаме ниту, пак, на пригодата за која сме се собрале.
Велигден е празник во кој, како што кажавме, верниците се упатуваат во црквите за да ја дочекаат веста за победата на животот над смртта, односно веста за Христовото воскресение.
Како и секогаш, дворовите на храмовите во Скопје ќе бидат преполни со верници, а со тоа се очекува и зголемување на количеството на ѓубре што ќе остане по биењето на камбаните и по објавувањето на Христовото воскресение.
Точно на полноќ, откако свештениците трипати ќе изговорат „Христос воскресна. Навистина воскресна“, низ дворовите на црквите ќе се слушаат карактеристичните звуци од кршењето со јајца и на големо ќе се лупат скршените јајца, чии лушпи ќе завршат на земјата во црковните дворови. За жал, не се само лушпи од јајца, тука има и влажни марамчиња, шишиња, догорчиња од цигари што верниците ги оставаат зад себе.
– Секоја година ја посетувам црквата „Свети Ѓорѓија“ во Чаир, бидејќи тука сум родена, крстена и венчана пред бога и тука и сакам да одам за овој голем празник. Јас сакам да останам малку подолго на литургијата, па секогаш заминувам меѓу последните. Сликата во тие моменти е навистина жална. И дворот на црквата е дел од божјиот храм, а тоа што го правиме ние како верници е крајно непочитување на црквата и на самиот празник. Лушпи од јајца има буквално насекаде во дворот, во зеленилото, догорчиња и пластични шишиња исто така е преполно. Какви верници сме ние ако на овој начин, крајно неодговорно, да не речам вандалски, се однесуваме на еден од најголемите празници, и тоа во црквата – вели Љубица Андоновска.
ВЕРАТА ГИ ОПФАЌА И ПРИНЦИПИТЕ НА БОНТОНОТ
Дека ова е реален и сериозен проблем потврдуваат и од Македонската православна црква, од каде што велат дека посветеноста кон верата се покажува и со грижата кон црквата.
– Нашата посветеност кон верата и нашата љубов кон црквата ја подразбираат и грижата за добробитот на храмот божји, како место на богослужението, место – предвкус на царството небесно и место на присуството на божјата слава. Ова значи и оној секојдневен бонтон, со кој треба да се краси секој човек и да биде дел од неговото однесување, и во храмот божји. Честопати се случува на големите празнични собири, надворешната манифестација на верата и на богопочитувањето да не е на високо ниво, па верниците честопати оставаат отпадоци зад себе, се однесуваат со недоволно внимание кон инвентарот, кодексот на облекување не е соодветен на местото и целта на присуството. Еве, наоѓајќи се на прагот на празникот на Христовото воскресение, а во очекување масовност и во храмовите на Македонската православна црква, апелираме за високо ниво на култура и бонтон и нашата вера да ја манифестираме и во надворешното однесување – вели презвитер Бобан Митевски.