Фото: Игор Бансколиев

Главна задача на пратениците ќе биде да обрнат посебно внимание на она што ќе им биде доставено како предлог-решение, поточно тие да бидат иницијатори што ќе инсистираат евентуалните измени да имаат суштина клучна за македонскиот народ, а не целиот процес да се сведува само на „козметичка адаптација“ во полза на соседна држава

Интервенциите во највисокиот правен акт, како што се предлага од „работната група“, се само во полза на соседните земји

Работната група што ги подготвуваше предлог-решенијата за уставни измени ја заврши својата работа и предлозите ги достави до Владата, каде што се очекува тие да бидат разгледани и усвоени на владина седница, по што ќе бидат испратени во Собранието и на тој начин официјално ќе започне процедурата за уставни измени.
Со оглед дека целата процедура околу уставните измени уште од почетокот е поставена наопаку, без претходно обезбедено потребно мнозинство за нивно гласање во Собранието и без широка општествена и експертска дебата низ која би се дефинирале најдобрите решенија, тогаш и не треба да зачудува зошто јавноста сè уште нема јасна претстава што точно ќе се менува во највисокиот правен акт во државата, односно дали измените ќе бидат само козметички, со точки и запирки, или, пак, ќе има нешто повеќе од тоа. Ако веќе се работеше само за додавање точки и запирки, тогаш таа работа ќе ја завршеше кој било хонорарец, апсолвент по право, наместо да се врбуваат „искусни експерти по уставно право“ на кои „политикантството им го определува правото“ и кои „поради добиени политички инструкции се самоограничија со донесен деловник за работа“, при што „си обезбедија алиби да не сработат принципиелно, професионално, во духот на вистински правни експерти“, така што, за жал, тие (работната група) не анализираа ниту синтетизираа правнички, туку само политички. Тие не донесоа предлози што ќе излезат надвор од политичките притисоци на нарачателите или центрите во Брисел (или Софија), туку постапија целосно во согласност со порачката, која е далеку од она што значи рафинирање на Уставот во насока на зацврстување на волјата на македонскиот народ за своја правна држава и владеењето на правото во сопствената држава.
Имено, кога веќе од сите страни се притиска Македонија што поскоро да ги направи уставните измени и да ги внесе Бугарите во Уставот, тогаш извесно е дека иницијативата за промена на уставот наскоро ќе се најде во работните тела на Собранието, односно во Комисијата за уставни прашања.

Токму затоа главна задача на пратениците ќе биде да обрнат посебно внимание на она што ќе им биде доставено како предлог-решение, поточно тие да бидат иницијатори што ќе инсистираат евентуалните измени да имаат суштина клучна за македонскиот народ, а не целиот процес да се сведува само на козметичка адаптација во полза на соседна држава.
Имајќи предвид дека Уставот ваков каков што е сега, со сите касапења и калемења со амандмани што од Македонија направија недефинирана територија, и кој е целосно нефункционален, неразбирлив и контрадикторен во многу области, се наметнува потребата од целосно нов текст, со кој работите ќе бидат поставени на вистинското место.
Затоа суштината на целиот овој процес на кој се инсистира, како однадвор, така и однатре, е да се зацврсти и консолидира државата така што ќе се консолидира нејзиниот највисок правен акт на начин што ќе се постават работите како во секоја нормална демократска држава.
Суштината на уставните измени мора да се движи во насока на издвојување на македонскиот народ како носител на државотворноста, со јасна дистинкција од сите други. Потоа до него ќе се наведат сите малцинства, вклучувајќи го и бугарското, кои ќе ги уживаат највисоките права во согласност со конвенциите за малцински права и слободи.
Во секоја земја постои главен официјален јазик како средство за комуникација меѓу граѓаните на сите нивоа, од институционално до она најбазичното, меѓу луѓето на улица. Таков примат мора да има македонскиот јазик, како јазик што го говорат најголемиот дел граѓани, вклучувајќи ги речиси и сите малцинства што немаат никаков проблем македонскиот јазик да биде основното средство за комуникација во државата Македонија. Таквиот устав секако ќе овозможи и нормална употреба на јазиците на малцинствата во согласност со законот и во согласност со конвенциите за употреба на малцински јазици. Тоа е рецептот за постигнување национално единство, на тој начин ќе се постигне кохезија во општеството, поточно низ тој процес ќе се рафинира решението во кој правец ќе се движи државата.

Ова се вистинските суштински работи на кои требаше да работат експертите во работната група за уставни измени и во таа насока да ги подготвуваат решенијата, во рамките на уставното право и меѓународните правни практики, наместо да се фокусираат само на запирки и точки по кои ќе ги впишат Бугарите во преамбулата на Уставот.
Затоа задача на пратениците, кога и да се најдат пред нив уставните амандмани, е да инсистираат на промени што значат враќање кон изворните почетоци што значат остварување на вековните стремежи на македонскиот народ, а не реализација на замислите и плановите на соседните држави.


Ковачевски: За уставните амандмани ќе се расправа кога ќе дојдат на дневен ред

Премиерот Димитар Ковачевски не открива кога предлог-иницијативата за уставни измени ќе се најде на дневен ред за разгледување на владина седница, иако претходно министерот за правда Кренар Лога најави дека Владата би можела да расправа за уставните амандмани на седницата што требаше да се одржи вчера.
– Кога ќе ги средат службите и кога ќе дојдат на дневен ред, тогаш ќе ве информираме – изјави Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по настанот организиран по повод 70-годишниот јубилеј на Институтот за македонски јазик.
Истовремено тој негираше дека се врши притисок врз пратеници од опозицијата за да се усвојат уставните измени.
– Тоа ниту се случило, ниту се случува, ниту, пак, ќе се случи – категоричен беше премиерот.
Несомнено дека во заднина и натаму се купува време за да се обезбеди потребната поддршка од опозицијата за изгласување на уставните амандмани, бидејќи без двотретинско мнозинство тоа не е можно. Опозицијата и натаму е со цврст став дека нема намера да гласа за уставни измени наложени под бугарски диктат.
– Јасно и гласно кажуваме дека нема да има уставни измени под бугарски диктат, затоа што и покрај нашите залагања и апелирања да не се оди на потпишување на еден таков договор, а потоа и прифаќање во целост на предлогот од страна на Франција, власта одлучи да го прифати и прифати да исполни обврска во која не беше вклучена опозицијата – изјави Александар Велјановски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.