Забележливо е дека во идејата за редефинирање на патриотизмот на актуелниот македонски претседател, во вредностите што би биле застапени во новата дефиниција отсуствува народносната, односно националната идентификација. Секако, интегритетот на личноста и лојалноста спрема државата се меѓу примарните чинители на концептот на патриотизмот, но сепак дискутабилно е дали и според модерните стандарди е потребно да се исклучи националната/народносната идентификација. Дали патриотизмот без национален идентитет воопшто може да биде патриотизам?
Претседателот Стево Пендаровски во обид да го Редефинира патриотизмот:
Засега не е „утврдено“ кога и како патриотизмот стана пејоративен поим во македонскиот политички амбиент, но колку и да е контрадикторно, се чини дека корените на овој синдром изртеа токму во времето на прогласувањето самостојна државност на Македонија. Проблематизирањето на меѓународен план на нејзината државност во одреден дел од внатрешнополитичкиот амбиент како да создаде воздржаност во потхранувањето на македонскиот патриотизам, што би било многу својствено и очекувано во време кога се тргнува во самостојност и независност на државен план. Секако, свој удел во таквата „воздржаност од патриотизам“ имаше и крвавиот развој на настаните во соседското опкружување при распадот на Југославија, за кој како причина за таквата ескалација во меѓународната заедница беше препознаен национализмот, кој најчесто се изедначуваше со патриотизмот. Во текот на овие триесетина години независност на Македонија, македонскиот патриотизам некако се претвори во табу-тема, несоодветна за луѓе и политички субјекти со европски, глобалистички, космополитски визии и амбиции. Секоја аргументација и теоретска и со практични примери дека космополитските визии и амбиции не го исклучуваат патриотизмот, во Македонија и понатаму вообичаено тривијално се сведува на пејоративни поделби на „патриоти“ и „предавници“.
Во последното годишно обраќање од својот мандат пред македонското собрание, и претседателот Стево Пендаровски се осврна на овој синдром во македонскиот политички амбиент. Тој посочи дека во јавниот простор на социјалните мрежи последниве години се водат вистински војни за тоа кој е поголем патриот или предавник и порача дека е крајно време да го редефинираме патриотизмот, кој во една модерна форма, индивидуално и колективно треба да се темели на интегритетот на личноста и лојалноста кон државата.
– Патриотизам е кога не ја злоупотребувате функцијата за лично богатење, кога квалификувани лица доаѓаат на чело на институциите. Патриотизам е кога оставате простор вашите политички противници слободно да го кажат своето мислење, кога покажувате витешки однос кон оние со кои не се согласувате, патриоти се оние што работат за подобри јавни услуги, подобро образование и здравство, патриотите не ја загадуваат животната средина – рече претседателот Пендаровски во обраќањето во Собранието.
Забележливо е дека во идејата за редефинирање на патриотизмот на актуелниот македонски претседател, во вредностите што би биле застапени во новата дефиниција отсуствува народносната, односно националната идентификација. Секако, интегритетот на личноста и лојалноста спрема државата се меѓу примарните чинители на концептот на патриотизмот, но сепак дискутабилно е дали и според модерните стандарди е потребно да се исклучи националната/народносната идентификација. Дали патриотизмот без национален идентитет воопшто може да биде патриотизам?
– Искуствата покажуваат дека таков концепт на патриотизам без народносно определување не поминува во реалноста. Современите политичко-историски теоретичари сѐ повеќе укажуваат дека во сите политички турбуленции, геополитички поместувања, глобализација, неолиберализам, сепак не се покажуваат тенденции дека кај нациите во светот се губи народносното определување. Историските процеси не се праволиниски и не се покоруваат секогаш на одредена политичка одлука, волја или дефиниција. Најдобар пример за тоа е постоењето на македонскиот национален идентитет, кој во 21 век со сопствена држава самите Македонци го ставаме во некакво преиспитување и предефинирање. Името Македонија е митско и има генеративна моќ, а се чини дека македонското прашање секогаш претставувало геополитички проблем. Во 1913 година големите сили одлучуваат со поделба на Македонија и народот што се изјаснува како македонски да го решат македонското прашање. Во тогаш создадените држави на Балканот не се спомнува името Македонија и се смета дека таквата состојба го решава проблемот на македонското прашање. Нема именка Македонија што сметаат дека е укината таа генеративна моќ на создавање други македонски атрибути, како македонски народ. Но македонскиот народ не исчезнал тогаш, постои и денес, и не смее да дозволи да се самоукине со анационален патриотизам, што е своевиден поимски оксиморон – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова.