„По признание тој беше роден за апостол. Таков беше и по мисла. Сите угнетувања будеа бунт во неговата душа; сите крајни идеали за преустројство на општеството му го искушуваа умот. Една незапирлива струја од разностран идеализам бликаше во него. Но тоа чедо на Кукуш беше разбрало дека пред сите идеали оди идеалот: да бидеш член на една слободна народност во една слободна земја“ – Симеон Радев, „Великите сенки“, 1922 година

Гоце како една од најкрупните фигури во македонската историја, уште во текот на својот живот се оформил како автентичен водач на македонското национално и револуционерно движење. Постојат голем број историски извори, како што се спомени, беседи или брошури, напишани или искажани од неговите современици, кои јасно го признаваат како еден од гранитните столбови или трибуни на македонската самостојност и самобитност. Во овој контекст, македонскиот мислител и револуционер, Димо Хаџи Димов го именува како прв „апостол“ на македонската револуција или искажувањето на Павел Делирадев, бугарски општественик, публицист и револуционер, близок до Серчани, еден од основачите на Народната федеративна партија и деец на ВМРО (Обединета), дека Гоцевото име станало „легенда и знаме“ што се носело со „еднаква сила и сред македонската емиграција и сред социјалистичките кругови“.
Гоце со својот дух, позитивни особини и извонредност ги пленел срцата на современиците, а тоа се потврдува и од фактот дека неговите многубројни пријатели, но и непријатели, со восхит пишувале или говореле за него. Во овој дух е и искажувањето на османлискиот полицаец и истражител Дервиш ефенди: „Кажете му на тој чудесен јунак дека сакам да го видам и да му се поклонам: ние сите, од султанот до последниот заптија, одамна сме заморени, само тој не се уморува“.

Неговото име е легенда

Постојат голем број потврди за Гоцевото значење за сето македонско револуционерно движење. Симеон Радев (истакнат македонски новинар и виден публицист, историчар и дипломат во Бугарија) во својата книга „Великите сенки“ запишал: „По признание тој беше роден за апостол. Таков беше и по мисла. Сите угнетувања будеа бунт во неговата душа; сите крајни идеали за преустројство на општеството му го искушуваа умот. Една незапирлива струја од разностран идеализам бликаше во него. Но тоа чедо на Кукуш беше разбрало дека пред сите идеали оди идеалот: да бидеш член на една слободна народност во една слободна земја.“
Слично искажување има и Павел Делирадев, еден од неговите блиски соработници, кој вели: „Го познавав Гоцета од деновите на неговиот полн револуционерен полет: од 1900 и 1901 г. Неговото име веќе станало легенда и знаме. Тоа се носеше со еднаква сила и сред македонската емиграција и сред социјалистичките кругови.“

Гоце како организатор и главен војвода на
Четничкиот институт

Христо Силјанов (македонски револуционер, историчар и новинар) во своето капитално дело „Ослободителните борби на Македонија“ за организациските и агитаторските особини на Гоце го запишал следното: „Основна ревизија и реорганизација на Организацијата – е работата која тој ја завршуваше секаде, користејќи ги најцелесообразно условите на секоја околија, штедејќи го своето време, но и не жалејќи го кога се однесува на важни дела, тешко решливи без негово учество. Во таа трескавична работа повеќе од сѐ му помага славата на неспоредлив летечки војвода и неподелениот впечаток што го остава неговата физичка и духовна личност уште при првиот контакт. Оние кои го знаат само од Софија, кога тој, корисник на скромната соба бр. 9 во хотелот ’Батемберг‘ – небрежно облечен, малку невешт и дури срамежлив во средбите со непознати, ја вршеше својата прозаична и здодевна работа, не би можеле со никакви описи да добијат претстава за Делчев како – апостол и водач“.
Но Силјанов не застанува тука и во другиот дел од го пишува следното: „Со таков впечаток останав и јас летото 1900 година кога, штотуку завршен гимназијалец, ја имав долгоочекуваната среќа да се запознаам со него во Софија. Требаше две и пол години подоцна да го видам во Загоричани, на дело, во неговата хаџидимитровска носија и во сета волшебна сила и над простите и над учените четници и да се инспирирам целосно и јас од другите, внатрешниот Делчев, тој многу поразличен од софискиот и да го опеам восхитот не во проза, туку во стихови. Еден Марко (Лерински б.н.) – за момчињата и да не зборувам, го боготвореше. Сите се сметаа за среќни што им беше овозможено да другаруваат со него и да научат нешто од неговото искуство. Секаде кај што ќе минеше оставаше длабоки бразди во македонската почва и светли траги и во најпримитивните и сурови души…“
Во сличен дух говори и Пандо Кљашев (познат под псевдонимите Пандето или Аристотел, македонски револуционер, војвода и раководител на Македонската револуционерна организација) во своите спомени. Според Кљашев: „Делчев детално ги испитуваше сите пороци во селото – кражбите, блудничењето… Целото село разбра дека дошол најголемиот човек, началникот на Организацијата. Поголем од него нема. Делчев ги викна селаните кои имаа проблеми, кои сакаа да се пожалат за нешто и на некого, да дојдат кај него. Тогаш првпат се постави начелото судските работи да се решаваат во раководното тело, а на селаните им се забрани да одат во турските судници. Делчев во мое и во присуство на Марко, на Чакаларов, Москов, Стефо Кузов и на Георги Пешков, тогашен битолски раководител – во приватна куќа спроведуваше испитувања, донесуваше пресуди кои четата потоа ги реализираше“.

Гоцевата идеологија

За идеологијата на Гоце пишувале и говореле многумина негови соработници и современици. Меѓу нив е и Христо Татарчев (еден од основачите на Македонската револуционерна организација и прв претседател на Централниот комитет). Татарчев го вели следното: „Туше Делииванов, кој минуваше преку Софија во 1894 година за местото каде што бил назначен, го завлече со себе Гоцета Делчев за учител во истиот град… Последниот ги помина границите на кнежеството Бугарија заедно со тогаш помодните социјалдемократски идеи со цел да ги насади во Македонија, без да сака дури да чуе за револуционерното дело. Меѓутоа, при првиот контакт со масите во Ново Село, тој се разубедил, зашто неговите социјалистички идеи барале малку подруги услови во родната земја. Ги исфрлил како непотребни во ропскиот крај, тој го прегрнал револуционерното дело…“.
За неговата идеологија пишува и Стамат Стаматов, Гоцев соученик, а подоцна и претседател на Дебарското добротворно братство во Бугарија. Според Стаматов: „Гоце Делчев беше се спријателил со Јордан Николов и често разговараше со него – земаше едни книги, враќаше други од: Дарвин, Писарев, Фламарион…“.
За влијанието на левичарските идеи говори и Туше Влахов (историчар, публицист и професор на Софискиот универзитет). Според него: „При сето тоа кукушките социјалисти и анархисти по примерот на Гоце Делчев се вклучија во македонското револуционерно движење и искрено се стремеа кон ослободување на Македонија од турското ропство… и кон воспоставување на посовршен социјален поредок без оглед на тоа што нивните погледите за новиот поредок им беа сосем магливи. Тие ја поврзаа борбата за ослободување од турското национално и политичко угнетување со борбата за ослободување од синџирите на капитализмот.“

Заштитник на македонското движење

Постојат голем број спомени и искажувања што потврдуваат дека Гоце бил еден од најголемите заштитници на македонското револуционерно движење, а наедно и борец против великобугарскиот шовинизам. Во овој правец се пишувањата и на Туше Влахов, кој истакнува дека Гоце имал голема заслуга затоа што ѝ дал на Внатрешната организација чисто народнодемократска форма и ја зачувал од опасноста да биде завлечена во водите на буржоаскиот национализам и великобугарскиот шовинизам. Според Влахов: „Организацијата била изградена врз крајно демократска основа. Туѓа за шовинизмот, таа беше организација на експлоатираната селска маса, на пропаднатите градски еснафи, на народната интелигенција, со еден збор, на угнетените и социјално слабите слоеви, коишто се бореа за слобода, за земја, за подобар човечки живот.“
Ризо Ризов (македонски револуционер, еден од основачите на Народната федеративна партија и ВМРО (Обединета) многу јасно ги искажува Гоцевите заложби за независност и самостојност. Според него, во текот на една средба што се одржала во историската соба број 9 во софискиот хотел „Батемберг“, а во неа присуствувале Гоце, Ѓорче Петров, Михаил Герџиков, д-р Вл. Руменов, Ризо Ризов и други, било поставено прашањето за материјални средства. Меѓу другото, на средбата д-р Руменов посочил дека бугарската влада понудила пари и дека тие средства треба да се прифатат.
Одговорот на ова барање ни го пренесува Ризов, со следните зборови: „При тие зборови Гоце скокна како опарен… Тоа не може, тоа нема да биде никогаш! Да ја чувавме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех… Еднаш земени пари од владата, при денешните политички услови и атмосфера, значи додаден ангажман, значи обврзување… А и моралниот удар внатре сред населението ќе биде страшен: луѓето ќе одвикнат сами да ги задоволуваат своите потреби, сѐ ќе чекаат помош однадвор, ќе ја загубат својата самоувереност – а тоа води кон загубување на самостојноста и независноста на Организацијата… Бугарската влада, којашто има чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари, ќе знае како да ја исползува со таа помош создадената состојба на работите внатре: таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства, туку ќе сака реални повластици… Повторувам, ударот ќе биде страшен!“

Гоцевите карактерни особености

Неговите современици и блиски соработници ни пренесуваат и одредени негови карактерни особености. Даме Груев (основач и еден од најистакнатите членови на Македонската револуционерна организација) во своите спомени вели: „Делчев веднаш ми направи впечаток со својата отвореност и чесност. Тој беше, при првите обиди да зачленува, дури и претерано отворен, па требаше да го контролираме за да не ја издаде нашата слабост, слабоста на Организацијата. Тој се стремеше да си ја каже вистината, мислејќи дека секој треба да ја усвои идејата така како што тој ја усвоил. Беше многу пргав.“
Ѓорче Петров (соработник на Гоце, публицист, историчар, идеолог на Македонската револуционерна организација) го искажува следното: „Нему, на моменти му се чинеше, дека со еден замав ќе ги уништи, само да можеше своите чувства да ги направи достапни секаде и така да ја изнесе својата омраза. Неговиот ум беше преполн со толку мисли и желби, што веруваше дека може да го прероди светот и во него да блеснат слободата и правдата…“
Како еден од неговите најблиски соработници, Ѓорче Петров го искажува и следното: „Со кама стисната силно во раката како во екстаза, со движења кои ги правеше пред другарите, без некому лично да му се обраќа со зборови на восхит, просто ја опеваше камата како симбол на некаков култ. Секој којшто го слушаше или гледаше во таква положба, се заразуваше од неговите движења и зборови. Свештеник не ја бакнува иконата на Христос кога проповеда со таква топлина и воодушевување, како што Гоце ја бакнуваше својата кама, пред да ја стави во нејзината футрола… Гоце, и самиот јунак, имаше голема слабост кон поединечните појави на самостојност, а со својот пример има крупни заслуги за Организацијата.“ Д.Ст.