Во Охрид, црковното седиште на Св. Климент, се развила Охридската книжевна школа, која дејствувала во рамките на таа Светиклиментова црква и ја одиграла улогата на продолжувач на делото на браќата Кирил и Методиј. Тука се зачувала глаголицата и се користеле богослужбените книги според солунската традиција, а не според константинополската традиција, истакнува Ѓорѓи Поп Атанасов. Охридската книжевна школа е оформен посебен комплекс од словенски богослужбени книги. Дел од текстовите на овие книги е преведен од византиските оригинали, а дел е авторско дело на Свети Климент и неговите најблиски соработници
За ликот и делото на Свети Климент Охридски
По смртта на Св. Методиј, во 885 година папата Стефан Петти ги забранува словенската писменост и словенското богослужение во Велика Моравија, словенските книги се уништувани, а учениците на словенските просветители се протерани од оваа земја. Меѓу протераните Кирилометодиеви ученици биле и светите Климент и Наум Охридски. По кратко задржување во бугарската престолнина Плиска, тие дошле во западниот дел на Македонија, во областа Кутмичевица, која во тоа време била самостојна црковна област, и тука нашле поволни услови за продолжување на делото на светите Кирил и Методиј, зачувување на словенската писменост и на словенското богослужение.
Академикот Ѓорѓи Поп Атанасов истакнува дека бугарскиот владетел Борис Први ги повикал неколкупати на сослушување во дворецот, ги прашал кои се тие да доаѓаат и да го расипуваат мирот. Учениците на Кирил и Методиј се нашле во непријателска средина, затоа што во Плиска се богослужело на грчки јазик и се пишувало со грчко писмо, односно во тоа време Преславската архиепископија била грцизирана. Климент, Наум и Ангелариј наишле на отпор затоа што Бугарската црква била раководена од Византијци, како што посочува Поп Атанасов.
Според Поп Атанасов, Кирилометодиевите ученици биле прогонети во новоприпоена област кон бугарската држава, област што се наоѓала во западниот дел на средновековна Македонија. Оваа област не припаѓала под црковна јурисдикција ниту на Константинопол ниту на Рим, затоа Климент и Наум нашле поволни услови за својата дејност.
Во областа Кутмичевица тие формирале црковна организација, која во практиката функционирала како самостоен црковен субјект. За разлика од Плиска и Преслав, каде што се богослужело и проповедало на грчки јазик и каде што не само во црквата туку и во државната администрација се користеле грчкото писмо и грчкиот јазик, во Светиклиментовата црква официјално писмо била Кириловата глаголица, а во црковните храмови се богослужело и проповедало на словенски јазик, како што нагласува академик Ѓорги Поп-Атанасов.
– Во Охрид, црковното седиште на Св. Климент, се развила Охридската книжевна школа, која дејствувала во рамките на таа Светиклиментова црква и ја одиграла улогата на продолжувач на делото на браќата Кирил и Методиј. Тука се зачувала глаголицата и се користеле богослужбените книги според солунската традиција, а не според константинополската традиција – истакнува Ѓорѓи Поп Атанасов. Охридската книжевна школа е оформен посебен комплекс од словенски богослужбени книги. Дел од текстовите на овие книги е преведен од византиските оригинали, а дел е авторско дело на Свети Климент и неговите најблиски соработници.
Според Поп-Атанасов, тоа на недвосмислен начин се потврдува од фактот што во текстот на Минејот и Октоихот се идентификувани повеќе химнографски творби на Свети Климент, со негов авторски потпис во вид на акростих, како и сведоштвото на Опширното житие на Свети Климент од Теофилакт Охридски, каде што се вели дека охридскиот светител кон крајот на својот живот од византиско-грчки на словенски јазик го превел Цветниот триод.
Бидејќи црквата на Св. Климент во Западна Македонија била словенска црква, со словенско писмо и богослужение, извршила силно културно влијание и надвор од средновековна Македонија. Имено, од Охрид, словенското писмо, писменост и богослужение почнале да се шират кон Босна, Хрватска, Бугарија, Русија, особено во времето на средновековниот македонски владетел Самуил.
Од Охрид биле испратени епископи, свештеници, ѓакони, кои постепено ги поставиле темелите на Руската православна црква, чиј прв поглавар бил епископ од Охридската патријаршија во тоа време. Биле испраќани и градители, а Десетинската црква во Киев ја граделе македонски мајстори. Според академик Ѓорѓи Поп Атанасов, во Русија пристигнале и книжевници што ги учеле Русите како да пишуваат книги, односно да се напишат, да се соберат, да се направат подврзје и кодекс. Д. Ст.