На Петар Поп Арсов му припаднала честа да го подготви првиот устав на организацијата и, по налог од неа, да го напише антибугарскиот памфлет „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“. Истовремено, тој бил член на ЦК на МРО и на претставничкото тело
Повод: 155 години од раѓањето на Петар Поп Арсов, творецот на првиот устав на Македонската револуционерна организација (МРО)
Денес, 14 август, се одбележуваат 155 години од раѓањето на Петар Поп Арсов, кој во историската меморија на македонскиот народ останува запаметен како еден од основачите на Македонската револуционерна организација (МРО), долгогодишен член на ЦК, задграничен претставник на организацијата итн. Но Поп Арсов е и еден од идеолозите не само на револуционерното движење туку и на сето македонско национално движење. Се пројавува како афирматор на културното и духовното издигање на Македонците, македонската самобитност, македонскиот литературен јазик и правопис, како и на независна македонска црква. Со својата активност оставил неизбришлива трага во развојот на македонската национална мисла, но и на македонската државност.
Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје вели дека историјата на македонскиот народ од крајот на 19 и почетокот на 20 век изобилува со повеќе конкретни личности, кои, во зависност од својата активност, помалку или повеќе, оставиле белег на времето во кое битисувале.
– Препознатливи траги на револуционер-идеолог, публицист и филолог оставил Петар Поп Арсов (1868 – 1941). Тој е еден од основачите на „Младата македонска книжовна дружина“ и редактор на нејзиното списание „Лоза“. Поп Арсов се вброил меѓу шесте Македонци основоположници на Македонската револуционерна организација. Нему му припаднала честа да го подготви првиот устав на организацијата и, по налог од неа, да го напише антибугарскиот памфлет „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“. Истовремено, тој бил член на ЦК на МРО и на претставничкото тело – вели Ванчо Ѓорѓиев.
Петар Поп Арсов е инспиратор на идејата за отворање висока педагошка школа во Скопје со статус на државен факултет и поборник за изградување независна македонска црква.
– Тој фанатички беше убеден во можноста за постоење на самостојна и независна Македонија како рамноправен фактор на Балканот и огорчен противник на нејзината делба – нагласува професорот од Институтот за историја.
Петар Поп Арсов е меѓу оние македонски дејци (Даме Груев, Крсте Петков Мисирков и др.) што созреале на релацијата Солун – Белград – Софија. Во текот на ова патешествие Поп Арсов, како и голем број негови сопатници, разбрал дека ослободувањето на Македонија може да стане само со сопствени сили, без да се бара помош од некого.
Во Софија станал еден од основачите на Македонското студентско друштво (заедно со Даме Груев, Христо Поп Коцев, Димитар Мирчев, Никола Дејков и други). Тој учествувал во работата на оформување на уставот и правилникот на друштвото. По растурањето на друштвото, учествувал во основањето на Младата македонска книжевна дружина и влегол во редовите на Лозарското движење (заедно со Георги Баласчев, Георги Белев, Климент Караѓулов и други). Арсов бил поставен за главен уредник на весникот „Лоза“, официјален орган на лозарите. Од првиот број на списанието, каде што го објавил и својот расказ „На Мокров“, вовел нов македонски фонетски правопис, каде што и за првпат ги наоѓаме употребени и карактеристичните букви: К’, Г’, Н’, а се исфрлени двогласните букви Ъ, Ю, Ь, додека гласот Ј е предаден во I.
По растурањето на Младата македонска книжевна дружина и забраната на „Лоза“, Арсов заминал за Македонија и во есента 1893 година се вработил како професор во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Во Солун повторно се сретнал со своите стари познаници, меѓу кој и Даме Груев. Во тој период меѓу потесен круг македонски интелектуалци се појавила идејата за основање револуционерна организација, а во овие случувања активно учествувал и самиот Поп Арсов. Тој ја прифатил иницијативата и станал еден од шесте основоположници на Македонската револуционерна организација и подготвувач на нејзиниот прв устав.
Во текот на својата револуционерна активност извршувал повеќе функции и остварил повеќе активности. Бил претседател на Прилепскиот околиски комитет во 1896 г., директор на егзархиските училишта во Штип во 1896 г., претседател на окружниот комитет во 1896 г. По Виничката афера, првото масовното разоткривање на внатрешната организација од османлиската власт е обвинет за организирање востание и е осуден на 101 г. Од страна на специјален воен суд во 1897 г. бил испратен во Подрум Кале, каде што бил до 1902 г., кога бил амнестиран. Останал настрана за време на Илинденското востание поради апсење по Солунските атентати (во тоа време дошло до самораспуштање на Централниот комитет). Арсов станал член на ЦК на организацијата во 1904 г. Тој учествувал во работата на Рилскиот конгрес во 1905 г. и бил избран за задграничен претставник, а во дејноста на организацијата учествувал до нејзиниот неформален расцеп.
За време на подготовките на списанието „Македонија“, двапати бил притворан како интелектуален инспиратор. Учествувал во работата на Народната федеративна партија и парламентарните избори во 1910 г. Се заложил за изградување независна македонска црква и независно образование, ја пласирал идејата за отворање висока педагошка школа во Скопје со статус на државен факултет, со Теодосиј Гологанов и Крсте П. Мисирков. За време на Првата балканска војна се повлекол во Велес, каде што организирал семакедонска конференција, на која тој и Димитрија Чуповски биле избрани да отпатуваат во Лондон за да го постават македонското прашање на Мировната конференција. Неговиот поглед по ова прашање го дознаваме од реченицата: „Македонија ако ја немаше, ќе требаше дипломатијата да ја создаде за доброто на Балканот“. Но под притисок на српската власт биле разоткриени. Чуповски се вратил во Русија, а Петар под закана за сопствениот живот пребегал во Бугарија. Во 1914 г. во Костенец станал учител. Во 1920 г. се повлекол од јавниот политички живот и се оженил со учителката Христина Начева од Солунската женска егзархиска гимназија. Во 1930 г. се преселил во Софија (се претпоставува дека контактирал со Македонскиот литературен кружок), каде што останал до крајот на животот.
Бил уредник на списанието „Лоза“, официјално списание на Младата македонска книжевна дружина, 4 броја; (1.1892 — 6.1892 г.), го објавува прозниот расказ „На Мокров“ во „Лоза“, (дејството е локализирано во родната Богомила, секојдневие од животот на поробената Македонија), во него за првпат се употребени меките македонски согласки и формата на графемите, потоа редовната употреба на тројниот член. По прашањето за изградување македонски литературен јазик и правопис, Арсов сметал дека најприфатлива основа е живиот говорен македонски народен јазик и фонетски правопис како принцип при конечното оформување. Ја напишал брошурата „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, под псевдонимот Вардарски, во која ја демаскирал бугарската денационализаторска политика во Македонија. Во четвртиот број на билтенот на Привременото претставништво на поранешната внатрешна организација ја објавил статијата „Распни ја“. Во осмиот број ја објавил статијата „Потеклото на револуционерното движење во Македонија и првите чекори на Солунскиот комитет за придобивање политички права на Македонија дадени со Берлинскиот договор“. Објавил и алегорична поезија „Бабуна, велика македонска планина“.
Петар Поп Арсов е единствениот основоположник на внатрешната организација што го потпишал апелот на привременото претставништво на поранешната ВМРО, со кој се барало воспоставување на Македонија како самостојна и независна држава на Балканот во нејзините природни и географски граници. Решенијата на Париската мировна конференција, која всушност со мали измени ја потврдила одлуката од Букурешкиот мировен договор, биле причина за големата разочараност кај него и повлекување од јавната политичка сцена. Д.Ст.