Атанас Близнаков со сопругата Славка, исто така родена во село Д'мбени, Костурско, фотографирани во Гери. 1951 година

Веќе подолг период фондацијата „Атанас Близнаков“ со седиште во Соединетите Американски Држави стипендира студенти при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со што им се овозможува пристап до високото образование на студенти што немаат финансиска можност а постигнале исклучителни резултати и успех во средното образование. Конкретно, фондацијата „Атанас Близнаков“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ беше формирана со одлука на Универзитетскиот совет во 1977 година, врз основа на лично изнесената желба на Атанас Близнаков, како и врз основа на неговото завештание и тестамент. Но кој е Атанас Близнаков?

Сеќавање: Атанас Близнаков, хуманист и добротвор

Атанас Близнаков е запаметен како македонски национален деец и повратник од САД. Покрај донаторските активности, како што е собирањето парични средства за изградба на Државната болница во Скопје, Близнаков е и афирматор на македонските национални особености – јазик, култура, историја итн. Тоа е особено видливо во неговите активности преку Македонскиот народен сојуз, како и македонските друштва „Александар Македонски“ и „Лазар Поптрајков“. Близнаков исто така е и главниот иницијатор за изградба на првата македонска црква во американскиот град Гери, Индијана. За своето животно дело го добил Орденот за заслуги за народ со сребрена ѕвезда, како и наградата „11 Октомври“ и медалот „Св. Климент Охридски“. За обележување е дека неговото име може да се прочита на спомен-плочата на дарители што дале значаен придонес во создавањето и развојот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Афирматор на македонските национални интереси

Атанас Близнаков е роден на 15 декември 1901 година, во селото Д’мбени, Костурско, денес во Република Грција. На 19 години го напуштил родниот град и заминал во Соединетите Американски Држави, поточно во градот Медисон, каде што постоела македонска печалбарска колонија. Потоа се преселил во градот Гери и се вработил во тамошната железарница, каде што работел повеќе од три децении, односно до своето пензионирање. Во текот на своите печалбарски години, Близнаков пројавува силна активност, која е насочена кон заштита и афирмација на македонските национални и политички интереси. Тој станал активен деец на организацијата Македонски народен сојуз, која обединувала еден дел од македонската емиграција во САД и во Канада. Неговата дејност во оваа иселеничка организација не е случајна, имено Македонскиот народен сојуз се пројавува како носител на идеалот за ослободување на Македонија и нејзино државотворно конституирање како држава на македонскиот народ. Идеологијата на Македонскиот народен сојуз се потпира на македонски национални идеали, поради што е во разногласие и судир со приврзаниците на Ванчо Михајлов во Северна Америка.
Идеалите на Македонскиот народен сојуз се видливи и во весникот „Македонски билтен“, официјален орган на сојузот. Во првиот број на споменатиот весник можеме да прочитаме: „Браќа Македонци! Причините за денешната плачлива положба на татковината се многубројни. Но главната и основната причина е тоа што борбата денес не се води како што ја почнаа нашите револуционерни апостоли. Таа целосно го изгуби народниот облик и цел и од револуционерна и народна борба прерасна во борба на амбициозни личности продадени на шовинистичките влади на соседните балкански земји. Национално прогресивното движење – продолжува апелот – во името на новоорганизираните независни групи, ги повикува сите Македонци на бескомпромисна борба со братоубијците и со нивните слуги“.
Атанас Близнаков својата активност во полза на македонските политички и национални интереси ја водел и преку друштвата „Александар Македонски“ и „Лазар Поптрајков“. Конкретно друштвото „Александар Македонски“ е основано во 1937 година, а Близнаков се пројавува и како еден од иницијаторите за основање на друштвото. Основа и главна цел на споменатото друштво е афирмирање на македонските национални особености, како и развој на македонското народно чувство и продлабочување на македонското национално единството. Од многубројните активности на друштвото произлегува и изградбата на првата македонска црква „Св. Петар и Павле“ во Гери. Треба да се спомене и активноста на Близнаков преку друштвото „Лазар Поп Трајков“ во Медисон, кое ги обединувало печалбарите што потекнувале од селото Д’мбени. Според Атанас Близнаков, потребата од македонски друштва во САД и во Канада, вклучувајќи го и друштвото „Лазар Поп Трајков“, била наметната од потребите на македонската емиграција, односно негувањето на македонските национални особености.

Проф. д-р тодор Џунов му ја врачува на Атанас Близнаков Плакетата на Универзитетот

Донаторство

По создавањето на современата македонска држава, Близнаков и повеќемина македонски емигранти преземаат конкретни дејности во насока на помагање на македонската држава. Од тие активности произлегува и иницијативата од 1946 година за изградба на болница во Скопје. Конкретно, за реализирање на оваа инцијатива бил формиран и Национален комитет за изградба и екипирање на болницата. Благодарение на донаторските активности биле собрани околу 200.000 долари, а со тие средства била набавена медицинска опрема, како што се инструменти, лекарства, медицинска литература итн. Со средства на македонската држава и македонските емигранти бил изграден болнички блок во рамките на Државната болница во Скопје. Активностите на Близнаков и многумина други македонски иселеници во оваа насока завршиле во 1958 година, кога болничкиот блок бил пуштен во употреба.
Атанас Близнаков е исто така меѓу чинителите за изградба на „Св. Петар и Павле“ преку неговите активности во иницијативниот комитет и контролната комисија. Меѓу другото, Близнаков се пројавил и како иницијатор и организатор на црковно-народни собири, како и донатор и помагач на црковни активности, како во САД, така и во Македонија.
Особено е значајна неговата активност по преселувањето во Македонија, кога во април 1977 година беше основана фондацијата „Атанас Близнаков“. На свечената седница свое обраќање имал и Близнаков, а меѓу другото пред присутните истакнал: „Драги браќа и сестри Македонци, во времето кога се родив и пораснав во Македонија немаше македонски училишта, ниту македонски литературен јазик… Мили студенти, мојот скромен подарок не е голема помош, туку моите мисли и намерение, моите добри чувства кон нашиот мил македонски народ, нека да се вд’хнат во вашите души и срца, нека да се вд’нат и во душите и срцата на целиот македонски народ, да и вија како мене мислите и работате за општото добро на нашиот народ, само тогаш ќе има љубов и единство меѓу нашиот народ, само така ќе има оште поголем прогрес и напредок“. Д.Ст.