Самитот „Гласот на глобалниот југ“ во јануари 2023 година, на кој учествуваа 125 земји, беше една од најважните иницијативи под нашето претседателство. Тоа беше важен потфат за да се добијат податоци и идеи директно од Глобалниот Југ.
Фактот што Индија е најбрзорастечката голема економија не е случајност.
Нашето претседателство со Г-20 се стреми да ги премости поделбите, да ги урне бариерите и да посее семе на соработка што го храни светот каде единството преовладува над раздорот, каде што заедничката судбина ја помрачува изолацијата, пишува во колумна за Нова Македонија индискиот премиер
Колумна на индискиот премиер Нарендра Моди – ексклузивно за „Нова Македонија“
„Васудхаива Кутумбакам (Vasudhaiva Kutumbakam)“ – овие два збора доловуваат длабока филозофија. Овој концепт значи „светот е едно семејство“. Ова е сеопфатен поглед што нѐ охрабрува да напредуваме како едно универзално семејство, надминувајќи ги границите, јазиците и идеологиите. За време на индиското претседателство со Г20, ова се претвори во повик за човекоцентричен напредок. Како една земја, ние се здружуваме да ја негуваме нашата планета. Како едно семејство, ние се поддржуваме едни со други во потрагата по развој. И ние се движиме заедно кон заедничка иднина – една иднина – што е непобитна вистина во овие меѓуповрзани времиња.
Постпандемскиот светски поредок е далеку поразличен од светот пред него. Меѓу другото, се забележуваат три значајни промени, помеѓу другите.
Прво, расте сознанието дека е потребно да се оттргнеме од светоглед насочен кон бруто-домашниот производ кон човекоцентричен светоглед.
Второ, светот ја препознава важноста на издржливоста и доверливоста во глобалните синџири на снабдување.
Трето, постои колективен повик за зајакнување на мултилатерализмот преку реформа на глобалните институции.
Нашето претседателство со Г20 одигра улога на катализатор во овие промени.
Во декември 2022 година, кога го презедовме претседателството од Индонезија, напишав дека промената на начинот на размислување мора да биде забрзана токму од Г20. Ова беше особено потребно во контекст на вклучување на омаловажуваните стремежи на земјите во развој, глобалниот југ и Африка.
Самитот „Гласот на глобалниот југ“ во јануари 2023 година, на кој учествуваа 125 земји, беше една од најважните иницијативи под нашето претседателство. Тоа беше важен потфат за да се добијат податоци и идеи директно од глобалниот југ. Понатаму, нашето претседателство не само што забележа најголемо учество од африканските земји туку исто така се заложивме за вклучување на Африканската унија како постојана членка на Г20.
Меѓусебно поврзан свет значи дека нашите предизвици низ сите области се меѓусебно исповрзани. Ова е средишната година на агендата за 2030 година (на ООН – забелешка на редакцијата) и многумина со голема загриженост забележуваат дека напредокот за остварување на целите за одржлив развој е надвор од колосекот. Акцискиот план на Г20 за 2023 година за забрзување на напредокот за реализацијата на целите за одржлив развој ќе ја предводи идната насока на Г20 кон имплементација на ЦОР.
Во Индија, живеењето во хармонија со природата е норма уште од античко време и ние придонесуваме со наш удел кон климатските активности дури и во модерните времиња.
Многу земји од глобалниот југ се во различни фази на развој и климатските активности мора да бидат комплементарни цели. Амбициите за климатски активности мора да се усогласат со активностите за финансирање на климатската транзиција и трансфер на технологија.
Веруваме дека треба да се оттргнеме од чисто рестриктивниот став за тоа што не треба да се прави, кон поконструктивен став, фокусирајќи се на она што може да се направи во борбата против климатските промени.
Начелата усогласени на високо ниво во Ченаи за одржлива и отпорна сина економија се фокусираат на одржување на здравјето на нашите океани.
Од нашето претседателство ќе произлезе глобален екосистем за чист и зелен водород, заедно со иновативен центар за зелен водород.
Во 2015 година ја почнавме Меѓународната соларна алијанса. Сега, преку Глобалната алијанса за биогорива, ќе го поддржиме светот во овозможувањето енергетска транзиција во согласност со придобивките од кружната економија.
Демократизирањето на климатските активности е најдобриот начин да му се даде поттик на движењето. Исто како што поединците носат секојдневни одлуки имајќи го предвид нивното долгорочно здравје, така тие можат да донесуваат одлуки за начинот на живот врз основа на нивното влијание врз долгорочното здравје на планетата. Баш како што јогата стана глобално масовно движење за благосостојба, така ние сега го поттикнуваме светот за промена преку иницијативата „Животни стилови за одржлива средина (LiFE)“.
Поради влијанието на климатските промени, осигурувањето на безбедноста на храната и исхраната ќе биде од клучно значење. Просото, или шри ана, може да помогне во ова, а истовремено да го зајакне климатски паметното земјоделство. Во меѓународната година на просото, го донесовме просото во устите низ светот. Начелата усогласени на високо ниво во Декан за безбедност на храна и исхрана се исто така корисни во оваа насока.
Технологијата е трансформативна, но исто така треба да биде и инклузивна. Во минатото, придобивките од технолошкиот напредок не беа еднакво корисни за сите делови од општеството. Индија, во последните неколку години, покажа како технологијата може да се искористи за да се намалат нееднаквостите наместо да се прошират.
На пример, милијардите низ светот, кои остануваат без пристап кон банка или немаат дигитален идентитет, може финансиски да се вклучат преку дигиталната јавна инфраструктура. Решенијата што ги изградивме користејќи ја нашата дигиталната јавна инфраструктура веќе се препознаени на глобално ниво. Сега, преку Г20 ќе им помогнеме на земјите во развој да се приспособат, да изградат и да го зголемат пристапот кон дигиталната јавна инфраструктура за да ја отклучат моќта на инклузивниот раст.
Фактот што Индија е најбрзорастечката голема економија не е случајност. Нашите едноставни, скалабилни и одржливи решенија ги поттикнаа ранливите и маргинализираните да ја водат нашата развојна приказна. Од вселената до спортот, економијата до претприемаштвото, Индијките ja презедоа водечката улога во најразлични сектори. Тие го префрлија наративот од развојот на жените кон развој предводен од жените. Нашето претседателство со Г20 работи на премостување на родовиот дигитален јаз, намалување на разликите во учеството во работната сила и овозможување поголема улога на жените во лидерството и одлучувањето.
За Индија, претседателството на Г20 не е само дипломатски потфат на високо ниво. Како мајка на демократијата и модел на различноста, му ги отворивме вратите на светот за споделување на ова искуство.
Денес, реализацијата на огромни предизвици е квалитет што е поврзан со Индија. Претседателството на Г20 не е исклучок. Иницијативата се претвори во движење водено од луѓето. До крајот на нашиот мандат ќе бидат организирани над 200 состаноци во 60 индиски градови, по должината и нашироко низ нашата нација, со учество на речиси 100.000 делегати од 125 земји. Ниту едно претседателство досега не опфатило толку огромно и разновидно географско пространство.
Едно е да се слушне за демографијата, демократијата, различноста и за развојот на Индија од некој друг, но сосема е различно да ги доживеете од прва рака. Сигурен сум дека нашите делегати од Г20 ќе го гарантираат пренесувањето на ова искуство.
Нашето претседателство со Г20 се стреми да ги премости поделбите, да ги урне бариерите и да посее семе на соработка што го храни светот каде што единството преовладува над раздорот, каде што заедничката судбина ја помрачува изолацијата. Како земја-претседавач со Г20 ветивме дека ќе ја направиме глобалната маса поголема, обезбедувајќи да се слушне секој глас и да се вгради придонесот на секоја земја. Убеден сум дека нашето ветување го усогласивме со конкретни акции и резултати.