Фото: Влада

Премиерот Димитар Ковачевски на својата фејсбук-страница уште еднаш потврди дека Владата формално нема добиено предлог кој е усогласен на ниво на сите 27 земји-членки, како и оти секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Македонија.

– Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи – чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка – наведува Ковачевски на Фејсбук.

Премиерот наведува дека преговорите помеѓу Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот.

– Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија – нагласува премиерот, додавајќи дека секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Македонија.


Милески од ЛДП најавува дека ќе излезе од владината коалиција ако биде прифатен францускиот предлог

Лидерот на ЛДП Горан Милески најави дека ќе излезе од Владата доколку биде прифатен францускиот предлог.

– Доколку Владата го прифати францускиот предлог таков каков што е, најавувам дека ќе си поднесам неотповиклива оставка од член на Владата. Ќе направам се што е во моја можност да ја спречам бугаризацијата на нашата историја, напиша попладнево Милески на Фејсбук.


ДОМ ќе ја напушти Владата ако се прифати францускиот предлог

Демократската обнова на Македонија (ДОМ) објави дека ќе ја напушти Владата ако се прифати францускиот предлог. Ваквата одлука, како што информираа вечерва од партијата, била разгледана на денешниот состанок на Извршниот одбор во проширен состав.

– Раководството на ДОМ едногласно донесе став дека овој предлог е неприфатлив и Владата треба да го отфрли. Отворените прашања со Бугарија треба билатерално да се решаваат во добра волја, взаемна почит и согласно европските вредности. ДОМ останува на ставот дека за македонскиот јазик и идентитет не смее да се преговара. Доколку Владата го прифати овој т.н. француски предлог, ДОМ ќе ја напушти Владата и парламентарното мнозинство – се вели во соопштението од ДОМ.

Од ДОМ сметаат дека овој предлог ќе го претвори пристапниот процес за членство на земјава во ЕУ во бескрајна агонија и го доведува во неизвесност и самото започнување на преговорите.