Долгоочекуваната последна седница на Собранието на Македонија, на која требаше да биде усвоен предлогот за уставни измени, остави редица отворени прашања. Тие се однесуваат за толкувањето на Деловникот на Собранието, за ингеренциите на претседателот, за почитувањето на политичко-демократските начела што владеат во западните демократии и за моралните принципи на политичарите. Интересно е што нова забуна, не по првпат, внесе прашањето за авторството на таканаречениот француски предлог. Токму затоа е и прашалниот наслов на текстот „Чиј е францускиот предлог?“
Забуни и вистини со претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски
Иако на прв поглед прашањето изгледа нелогично, сепак произлегува по дилемата што одново ја предизвикаа претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, и претседателот на државата, Стево Пендаровски. Нивните мислења и јавно изречени ставови се различни, контрадикторни и воопшто не придонесуваат за разјаснување на одговорот. Напротив, внесуваат уште поголема забуна и ја комплицираат и онака вжештената атмосфера околу уставните промени и обврските што ги има преземено Владата во врска со спроведувањето на преговарачката, наводна француска рамка.
Неколку верзии за тоа кој е авторот на „француската“ преговарачка рамка
За тоа чиј е, од кого потекнува францускиот предлог постојат неколку верзии, во кои се вплеткани македонските лидери. Едни тврдат дека тоа е „чист“ француски предлог. Други дека тоа е текст подготвен во кабинетите на премиерите Ковачевски и Кирил Петков, а потпишан од Франција. Трети дека сето тоа како конечна верзија е направено во Македонија и дадено на Франција таа да го парафира како европски предлог.
Во истиот ден водата ја доматија претседателот на Владата и претседателот на државата. Образложувајќи го предлогот за спроведување на француската преговарачка рамка и за носење уставни измени и отфрлајќи ги обвинувањата дека постои бугарски диктат, Ковачевски во говорот во Собранието во неколку наврати тврдеше дека предлогот за впишувањето на Бугарите во Уставот не е европски предлог туку е „чисто“ македонски.
Во таа смисла премиерот го рече следново:
„Предлогот е наш македонски, предлогот е базиран на европскиот предлог и договор од 2022 година, со кој државата по долги години чекање конечно ги отвори преговорите за членство! Предлогот е напишан тука во Скопје! Предлогот се дебатира во македонското собрание, во Скопје! И затоа, со цела одговорност ги отфрлам лажните и невистинити тези дека постои некаков диктат, од кого било, за што било “!, при што и повтори:
„Да, ова е наш македонски предлог, поддржан од целокупната Европска Унија и нашиот стратегиски партнер Соединетите Американски Држави! За наша корист, за наше добро“!
Од погорекажаното јасно може да се заклучи дека барањето Бугарите да бидат запишани во Уставот е предлог на Владата на Македонија, а не е предлог од Европската Унија. Дека тој чин е добра волја на Македонија, а не е барање на Бугарија. Нема бугарски диктат, категорично тврди Ковачевски. Тоа не е барање на Бугарија, туку отворена потреба на Македонија на патот кон започнување на преговорите со Унијата.
Претседателот (на државата) контра претседателот (на Владата)
Но претседателот на државата не мисли така. Смета дека вистината е поинаква. Очигледно видно нерасположен и нервозен што не помина предлогот, Стево Пендаровски побрза да гостува на телевизија Сител и да го изрази своето разочарување. Во повеќе наврати, дури и на повторени помошни предупредувачки прашања на водителката, претседателот повторуваше дека тоа е „чист“ француски предлог, односно дека зад него стојат Франција и нејзиниот претседател Макрон, држава и претседател пред кои Македонија не смее да се посрамоти. А ќе се посрамоти доколку не ја послуша Франција, големата европска сила и не ги впише Бугарите во Уставот.
Не е непознато дека Пендаровски немаше конзистентен став по прашањето чии се предлозите за решавање на односите меѓу Македонија и Бугарија, односно кој ги подготвува документите за можниот излез и постигнување компромис.
На 16 јуни во 2022 г. Пендаровски изјави дека „ние, тука во Скопје, немаме видено француски предлог“.
Подоцна на 30 јули изјави:
„Јас ги работев сите тие документи, заедно со многу други. Францускиот предлог, на крај, заедно со Макрон, тие две–три точки јас ги работев“.
Погореизнесените констатации говорат за немање меѓусебна координација меѓу претседателот на државата и претседателот на Владата дури и за вакви клучни општествено–политички теми какви што се уставните измени. Сега не се поставува прашањето кој е во право кој во криво бидејќи тоа не носи никаков резултат, не ја поправа сложената ситуација ниту придонесува измените да се изгласаат. Напротив, внесува уште една збунетост, која сама по себе го шири скептицизмот на граѓаните и ја намалува нивната доверба во системот, во намерите и во лидерите. (Н.М.)