Илустрација: „Нова Македонија“

Здружението на инженери на Република Македонија веќе подолг период отворено, аргументирано и методолошки педантно изнесува факти, анализи и експертизи за состојбите во електроенергетскиот сектор во Македонија, а и пошироко. Токму тие ја мобилизираа јавноста и за предметот „Чебрен“, ја активираа лавината во медиумскиот простор и го фокусираа јавниот интерес на тема што отсекогаш граѓаните ја третирале како помалку важна. А не е така! За издвојување е дека токму од здружението, осврнувајќи се на нивните стручни опсервации за „Чебрен“, во јавноста открија и референци од колосално значење за државата, уште попрецизно, работи што се во најтесна врска со енергетскиот суверенитет, како интегрален дел на државната сувереност и одржливост на Република Македонија

Здружението на инженери со конкретен предлог за изградба на проектот „Чебрен“

Здружението на инженери на Република Македонија веќе подолг период отворено, аргументирано и методолошки педантно изнесува факти, анализи и експертизи за состојбите во електроенергетскиот сектор во Македонија, а и пошироко. Токму тие ја мобилизираа јавноста и за предметот „Чебрен“, ја активираа лавината во медиумскиот простор и го фокусираа јавниот интерес на тема што отсекогаш граѓаните ја третирале како помалку важна. А не е така! За издвојување е дека токму од здружението, осврнувајќи се на нивните стручни опсервации за „Чебрен“, во јавноста открија и референци од колосално значење за државата, уште попрецизно, работи што се во најтесна врска со енергетскиот суверенитет, како интегрален дел на државната сувереност и одржливост на Република Македонија.

Предлог-иницијатива за донесување закон за
финансирање на изградбата на водостопанско-енергетските објекти со име „Проект Чебрен“

Здружението на инженери на Република Македонија деновиве одговори и на „фрлената ракавица“ на премиерот Димитар Ковачевски да ги изнесат во писмена претставка, во официјална форма, своите забелешки за проектот „Чебрен“. Здружението настапи со конкретна предлог-иницијатива за донесување закон за финансирање на изградбата на водостопанско-енергетските објекти со име „Проект Чебрен“, како интегрално решение по должината на сливот на Црна Река, што е составен дел од Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија до 2040 година. Оваа предлог-иницијатива, на 11 јануари 2024 година е доставена и до Владата и до Собранието, а во неа се содржани конкретни предлози и насоки за изградба на браната со сопствени средства од македонскиот буџет.
За потсетување, Здружението на инженери во изминатиот период реагираше до надлежните институции во врска со 14. тендер за изградба на хидроцентралата „Чебрен“, кој пропадна откако грчката компанија „ППЦ Архиродон“, која лани на 14 септември беше избрана за најдобар понудувач, не ја продолжи банкарската гаранција што ѝ важеше до 31 декември 2023 година. Притоа од здружението порачаа дека „Чебрен“ треба да се гради со сопствени средства од државата, а не по пат на јавно–приватно партнерство, бидејќи станува збор пред сѐ за водостопански, а потоа за енергетски проект. Изразија сомневање дека се направени суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци во постапката при подготовка и реализација на тендерот за доделување концесија за користење вода за производство на струја со изградба на хидроцентралите на Црна Река.
Инженерите бараат од пратениците во Собранието или Владата, користејќи го своето право и должност да ја прифатат оваа иницијатива за донесување на овој Закон.

Експликација на содржината на предлог-иницијативата за донесување закон за финансирање на изградбата на водостопанско- енергетските објекти со име „Проект Чебрен“, како интегрално решение по должината на сливот на Црна Река, што е составен дела од Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија до 2040 година

– Целта на оваа иницијатива е активностите на државните институции што ќе бидат делегирани за спроведување на овој капитален проект од стратегиски интерес за државата, да се стават во законски рамки за да се овозможи непречена реализација, без обѕир која политичка партија ја формира Владата.
Некои од основните прашања и одговори, кои ја поткрепуваат потребата за донесување на овој закон се:
Дали е потребно овој капитален проект да се изгради? ДА!
Дали Македонија може да раководи со реализацијата на овој проект?ДА!
Дали е лесно да се реализира овој проект? НЕ
Дали реализацијата на овој проект е проблем? НЕ, таа е ПРЕДИЗВИК за македонското општество.
Дали Македонија може финансиски да го поднесе овој проект? ДА, преку интелигентно финансиско управување.
Изградбата на капиталниот објект со препознатливото име „Проект Чебрен“ е тема за која има спротивставени мислења околу тоа: кој да го гради и на кој начин. Досегашното искуство со 14 јавни повици за партнерство со инвеститори од други земји се покажа дека не е функционално. Причините се различни, затоа што и условите кога тие беа објавени беа различни. Битно е дека ПРОЕКТОТ Е ЕКОНОМСКИ ИСПЛАТЛИВ И ОПШТЕСТВЕНО КОРИСЕН од енергетски, водостопански и социјален аспект. Проектот е проследен со ризици поради стохастичката природа на водата како природен обновлив ресурс. Единствено е прашањето за колку години ќе се отплати инвестицијата. Ако проектот не е исплатлив, не би се јавил ниту еден учесник на јавниот повик.
При денешната состојба, евидентна е брзата изградба на голем број сончеви фотоволтаични централи. Во определени периоди може да се добие (купи) евтина електрична енергија, која не може да се пласира на берзата за трговија со електрична енергија. Со тоа се зголемува оправданоста за реализацијата на пумпно-акумулациониот хидроенергетски објект и може да се скуси периодот за враќање на инвестираните средства.
Водата е со голема вредност денес, а во наредните десетлетија таа ќе станува сѐ поценета како стратегиски ресурс на секоја држава, но и во светски рамки. При носењето на одлуките, мора да се води сметка за суверенитетот и територијалната целина на државата, како и уредувањето на територијата за потребите на одбраната предвидени со планот за одбрана на Републиката. А во определувањето на економската оправданост на овој проект, потребно е да се анализираат многу важните придобивки што се постигнуваат, и тоа:
– Наводнување на земјоделските површини во Пелагонискиот и Тиквешкиот Регион;
– Работа на домашните градежни и други компании во реализацијата на проектот;
– Обука во реални услови на припадниците на армијата од родот Инженерија во процесот на минирање и уредување на непристапниот терен;
– Внесување на современо ноу-хау во македонското стопанство;
– Надградба на македонски стручен кадар, неопходен за нашето стопанство и
– Позитивниот социјален ефект во однос на бруто-домашниот производ.
Од решенијата на овој проект многу зависат одговорите и на следниве прашања: Колкаво е учеството на секој кубен метар вода во зголемување на приносот на земјоделските култури? Какво е влијанието на климатските промени во однос на очекуваниот годишен просек на врнежи? Кои количества вода се потребни за денешното ниво на индустријата и кои се очекувањата во блиската иднина од 10-20 години? Од каде ќе се обезбеди наводнувањето на Пелагонија и Тиквешко Поле, покрај другите извори и сл.

Пред неколку дена беше поднесена предлог-иницијатива до Владата и до Собранието од Здружението на инженери за носење закон за изградба на проектот „Чебрен“. Од здружението порачаа дека „Чебрен“ треба да се гради со сопствени средства од државата, а не по пат на јавно-приватно партнерство, бидејќи станува збор пред сѐ за водостопански, а потоа за енергетски проект

Постојат поголем број предлог-решенија што се на ниво на идеја, претфизибилити или физибилити студија. Во нив во суштина доминираат две насоки:
– Неколку брани во каскада со помала височина (Скочивир, Чебрен, Галиште, Орлов Камен) или
– Голем Чебрен (брана од 192 метри) придружен со мала брана Орлов Камен, за да се овозможи реверзибилна работа на постројките.
Потребно е целата досегашна инвестициско-техничка документација од секторите електростопанство, земјоделство, животна средина и од академските институции да се собере на едно место. Врз основа на длабинска анализа, експертска работна група ќе дефинира најдобро прифатливо решение во однос на националните интереси на Република Македонија за кое ќе се изработи соодветна проектна документација (идеен проект). Идејниот проект треба да биде ревидиран од реномирана ревизорска компанија. Следува изработката на главни проекти со кој ќе се дефинира РЕАЛНАТА ЦЕНА ЗА ИЗГРАДБАТА НА ОВОЈ ПРОЕКТ. Потоа може да се пристапи кон изработка на план за реализација на проектот во сите негови фази во кој се вклучени и начинот на финансирањето и протокот на паричните средства.
Креирањето на соодветната правна рамка, која јасно ќе ги дефинира основите врз кои ќе се врши реализацијата и ќе се уредуваат внатрешните односи, претставува приоритетна задача сама по себе од највисоко ниво. Законот треба да биде подготвен со јасни и прецизни законски и подзаконски норми, без простор за толкување на законските решенија, со што се постигнува целта при спроведување на законот во практиката.
Политиката за наградување на изработувачите на целокупната документација треба да биде соодветна и да одговара на оптовареноста и на одговорноста на учесниците за да може да се привлечат компетентни и искусни професионалци, со цел да им се овозможи да вложат доволно време и енергија за извршување на своите задачи на одговорен и независен начин.
Доколку не биде донесен овој закон, реализацијата на овој капитален проект ќе зависи единствено од политичката гарнитура што е на власт, нејзиниот капацитет и приоритет со повеќегодишно одложување на решавањето и повторно отворање на дилемата: јавно-приватно партнерство или изградба на овој капацитет со сопствени сили.


Кои се придобивките што ќе бидат овозможени со донесување на законот?

Со донесување на законот, дел од придобивките што ќе бидат овозможени се:
– Формирање компанија, акционерско друштво, во 100 отсто сопственост на Македонија, со однапред дефиниран годишен буџет, кој не зависи од моменталната политичка гарнитура во Владата.
– Средствата што ќе се издвојат од буџетот ќе се вратат назад кај ангажираните компании од поединечните сектори на стопанството (градежништво, машинство, автоматика, електроенергетика и др.). Се зголемува БДП.
– Ќе се отворат нови работни места за невработените и млади кадри, преквалификуваните работници од термоцентралите што ќе се затворат и нашите работници и експерти од странство.
– Учесниците во реализацијата по потреба ќе се здружуваат, ќе се стекнат со дополнително искуство и референци за да настапат и на пазарот на трудот надвор од Македонија.
– Армиските припадници од родот Инженерија ќе се стекнат со многу потребните практични знаења и искуства, истовремено влијаејќи на намалување на трошоците за реализација на проектот.
– Ќе им се доделат стипендии на студенти од соодветните технички факултети, со вработување на најдобрите поединци.
– Ќе се намали одливот на високостручен кадар надвор од државата.
– Ќе заживее и ќе се рехабилитира македонската градежна оператива.
– Ние како држава ќе решаваме кој ќе ја испорача опремата, со можност дел да се произведува кај нас, а нашите млади инженери да бидат кај нив на пракса.
– Ние како држава ќе решаваме кои експерти ќе ги ангажираме за да учествуваат во проектирањето на деликатните делови, придружувани од наши млади инженери.
– Ќе се овозможи учество на домашни и странски инвеститори, со право на дел од добивката по реализацијата на проектот.
– Можност да се добијат средства од Европската Унија за енергетската транзиција (гаснење на термоцентралите) во согласност со Зелениот договор.
– При анализите на проектот ќе се усогласат перформансите со проектот „Вардарска Долина“.
Во Владата има доволен број советници, кои можат да го изготват или барем да придонесат при изработката на овој закон, а со неговото објавување на страницата на ЕНЕР, јавноста ќе може да ги достави и своите коментари.
Имајќи го сето ова предвид, оваа иницијатива за донесување закон за финансирање на изградбата на водостопанско-енергетските објекти со име „Проект Чебрен“ очекуваме да биде доставена до претседателот на Владата, претседателот на парламентот и сите пратеници, за да можат со должно внимание да ја разгледаат. Наедно, очекуваме да нè известите за вашето понатамошно постапување – се вели во иницијативата на Здружението на инженери на Република Македонија.


Потписници на иницијативата

Како потписници на иницијативата се јавуваат дваесетина експерти со инженерски квалификации, компетентни за изградба на проектот „Чебрен“, како и општественици свесни за придобивките за македонското општество од овој проект. На списокот потписници се наведени: проф. д-р Константин Димитров, проф. д-р Атанаско Тунески, проф д-р Дејан Трајковски, проф. д-р Вангел Фуштиќ, проф. д-р Арсен Арсенов, проф. д-р Ана Лазаревска, МБА Јасминка Димитрова Капац, дипл. инж., генерал потполковник Методија Величковски, проф. д-р Благица Новковска, адвокат Тони Менкиноски, Петар Трајков, инж. арх., м-р Панзо Андонов, дипл. ел. инж., Јордан Ставров дипл. инж, Илија Бендевски, дипл. инж., амбасадор Ивица Боцевски, полковник Душко Несторов, Цветко Милошевски, дипл. инж., м-р Михајло Дранговски, инж. арх., Владимир Пандовски – менаџер, Дејан Димовски – дипл. ел. инж., Христо Ивановски – новинар, Владимир Дунговски – дипл. ел. инж., Златко Поповски – дипл. ел. инж., м-р Денис Мустафаоглу, дипл. инж.