Стравот од избувнување оружен конфликт не извира само од Украина. Искричењето таму внесува дополнителна доза на чувство на неизвесност и на просторот на константно нестабилниот и леснозапалив Западен Балкан. Имено, коментарите и прогнозите на политичките аналитичари ги поврзуваат овие две жаришта. Тие одат дотаму што предвидуваат дека Балканот би можел да биде колатерална штета на кризата со Украина…
Зошто Балканот е опсервиран како колатерална штета на кризата со Украина
Новата студена војна или, според современиот воен жаргон, хибридна војна помеѓу Истокот и Западот, која одамна тлее, деновиве сѐ поинтензивно се разгорува, заканувајќи се да прерасне во директен оружен судир на територијата на најголемата држава што целосно се простира на европскиот континент, Украина. Освен стравот од избувнување на оружен конфликт, и тоа не само во Украина, искричењето внесува дополнителна доза на чувство на неизвесност и на просторот на константно нестабилниот и леснозапалив Западен Балкан. Покрај вестите од теренот, позициите и изјавите на главните актери во топло-ладните епизоди на овој засега сѐ уште дипломатски судир, стравувањата ги подгреваат и коментарите и прогнозите, кои одат дотаму што предвидуваат дека Балканот би можел да биде колатерална штета на кризата со Украина.
Една од полошите прогнози даде Јануш Бугајски, виш соработник во фондацијата „Џејмстаун“ во Вашингтон и експерт за Балканот и Русија. Тој оди дури дотаму што даде изјава дека стравува за Балканот дека е фокусот, а Украина е само дефокус, наменет за одвлекување на вниманието на противникот.
– Путин можеби се обидува да го одвлече вниманието на САД и нивните сојузници од потенцијалната војна во Украина со тоа што ќе предизвика нова војна на Западен Балкан – изјави Бугајски, посочувајќи ја притоа Босна и Херцеговина како главна цел во оваа фаза.
Меѓутоа, наспроти ваквите сериозни предупредувања, експертите во земјава смируваат, тврдејќи дека Македонија, како членка на НАТО и како дел од вечно проблематичниот регион, засега може да биде мирна.
– Не би рекол дека се наоѓаме на прагот на војна, иако војната никогаш не може да се исклучи – оцени Мирче Адамчевски, поранешен дописник од Москва и добар познавач на руско-американските односи.
Во однос на позиционирањето на Македонија во случај на ескалација на судирот, Адамчевски нема дилеми.
– Со самиот факт што ние сме членка на НАТО, ние веќе сме се поставиле, веќе сме ја одбрале страната. Како ќе кажат во НАТО, како ќе се договорат во НАТО и во САД, ние, како мала земја, така ќе играме. Ако сакаме сега да излеземе од тоа, мислам дека би било голема грешка. Штом си се определил, треба да играш докрај – вели тој.
Слично размислува и професорот од Факултетот за безбедност, Никола Дујовски.
– Во оваа фаза тоа што се случува во Украина, за нас не значи ништо. Но во некоја подоцнежна фаза, доколку ситуацијата не се подобри, сигурно дека ќе се вклучат западните сили, затоа што нема да дозволат Путин на таков начин да влијае во Европа и затоа што соседската политика на Европа е насочена и кон Украина. Таа граничи со добар дел земји-членки на ЕУ. Нашата улога во сето тоа, во една крајно непосакувана ситуација, ќе биде како и на другите партнери на НАТО. Ќе имаме обврски, веројатно да даваме логистичка поддршка на прелети на авиони и некакви други ангажмани. Нашата улога во луѓе и во средствата таму ќе биде незначителна – потенцира Дујовски.
Сепак, и доколку се тргнат настрана можностите за директно инволвирање во непредвидливиот конфликт околу Украина, не можат да се занемарат неговите секундарни аспекти, кои поради моменталната состојба во регионот воопшто не се за потценување.
– Западен Балкан тука би можел да биде колатерална штета. Значи, не тврдам дека ќе биде.
Но тој исто така излегува со теза што веќе е сѐ попопуларна во западните кругови на аналитичари, а тоа е дека е „можно создавање некаков вид на Советски Сојуз“.
– Се зема парче по парче, Крим, претходно Грузија и Молдавија, сега Казахстан. За него (претседателот на Русија) важи мислењето дека не пропушта добра криза за да добие нешто. Едното стапало веќе му е на Балканот, во Србија. Другото сака да го смести или во Црна Гора или во Босна, односно во ентитетот Република Српска. Црна Гора му е потребна поради пристаништата за руските воени бродови, но проблем е што Црна Гора е во НАТО. Затоа тој би сакал да ја добие Република Српска, каде што го чекаат со раширени раце. Но доколку Американците и Русите договорат нешто околу Украина, која им е поважна од Балканот, тоа секако ќе се почувствува и тука – објасни за медиумите во регионот Ивица Пуљиќ, шеф на дописништвото на Ал џезира во Вашингтон.
Од друга страна, познавачи на состојбите во регионот укажуваат на уште еден проблем. Некои од нив сметаат дека во моментите на засилениот западен ангажман во решавањето на конфликтните ситуации на Западен Балкан, кризата околу Украина би можела да го одвлече вниманието, пред сѐ на американската администрација, од овдешните простори.
– Факт е дека низ светот се случуваат многу нешта. Не само во Европа туку и во Кина, Иран… Не му е едноставно на Западот, односно на Америка, сега да се занимава со Балканот онолку колку што би требало, а мислам дека американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, добро ќе го прави тоа. Украина може донекаде да го одвлече вниманието од Западен Балкан, но во фокусот на Ескобар е токму тој регион. Локалните сили на Балканот продолжуваат со своите игри и за регионот не е добро тоа што ситуацијата пошироко во Европа е нестабилна. Но не верувам дека би можело да дојде до судири – заклучи Дамир Марушиќ, соработник на Европскиот центар на Атлантскиот совет од Вашингтон. Д.М.М.