Фото: Најиб Букеле/Твитер

Претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, неодамна триумфално објави на Твитер дека преку телефон тргува со државните пари за биткоин, додека е „гол“, откако централноамериканската земја ја усвои криптовалутата како легално средство за плаќање пред околу три месеци, пишува „Вашингтон пост“.

Но вредноста на биткоинот во меѓувреме значително опадна и се проценува дека тоа ги чини државните девизни резерви на Салвадор околу 22 милиона долари. А Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) упати апел до салвадорските власти да се откажат од биткоинот како легално средство за плаќање.

Салвадор ќе го подига првиот „биткоин-град“ инспириран од Александар Македонски

– Салвадор сега го има најизмачениот јавен долг во светот, а тоа е поради биткоин-лудилото. Пазарите мислат дека Букеле полудел и навистина е така – вели економистот Стив Ханке во изјава за магазинот „Форчун“.

Познавачите на состојбите, сепак, истакнуваат дека Букеле планира да издаде нови биткоин-обврзници во февруари или март, со што не се откажува од неговите амбициозни планови. Букеле неделава се фалеше и дека ќе потроши уште 15 милиони долари од државните резерви за да купи уште 410 биткоини.

Салвадорската биткоин-револуција ги јаде своите деца

– Ризикот со биткоинот се покажа скап за Салвадор кој ги коцка девизните резерви додека се спротиставува на договорот со ММФ, поради загриженоста дека криптовалутите ги прават потешки за забележување корупцијата и перењето пари – вели Џејми Рош, потпретседател на агенцијата за кредитен рејтинг „Муди“.

Четириесетгодишниот политичар ветуваше големи придобивки за државната економија во поглед на усвојувањето на биткоинот како платежно средство покрај доларот. Кога биткоинот во ноември имаше речиси двојно поголема вредност од сегашната која изнесува околу 36 илјади долари, салвадорскиот претседател најави покренување на т.н. „биткоин-град“.