Фото: Маја Јаневска-Илиева

За растоварување на сообраќајот во централното градско јадро, по примерот на европските градови, Општина Битола работи на спроведување решенија што ќе ја намалат фреквенцијата на возилата во центарот на градот, а со тоа ќе се влијае на подобра уреденост, зголемена безбедност на учесниците во сообраќајот и намалување на аерозагадувањето од возилата

Повод: Одлука на локалните власти во Битола плоштадот „Гоце Делчев“ да стане пешачка зона

Иако во моментот во Битола поради недостигот од паркинг-места владее вистински сообраќаен хаос, особено во центарот на градот, локалната самоуправа на Битола и градоначалникот Тони Коњановски неодамна донесоа мошне храбра одлука плоштадот „Гоце Делчев“, кој се наоѓа во строгиот центар на градот, да го пренаменат од паркинг-простор во пешачка зона. На тој начин најголемиот паркинг-простор во Битола, кој се наоѓа пред Центарот за култура, кој има(ше) капацитет од над сто возила, ќе стане пешачка зона.

Ефикасни алтернативни решенија што ќе ја намалат фреквенцијата на возилата во центарот на градот

За растоварување на сообраќајот во централното градско јадро, по примерот на европските градови, Општина Битола работи на спроведување решенија што ќе ја намалат фреквенцијата на возилата во центарот на градот, а со тоа ќе се влијае на подобра уреденост, зголемена безбедност на учесниците во сообраќајот и намалување на аерозагадувањето од возилата. Во оваа насока, градоначалникот на општината Битола, Тони Коњановски, побара од јавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг изработка на основен сообраќаен проект за воведување пешачка зона на плоштадот „Гоце Делчев“. Сообраќајниот проект се работи според сообраќајна студија и идеен сообраќаен проект со динамична микроскопска симулација за организирање режим на сообраќај во централното градско подрачје во Битола. Од локалната самоуправа на Битола велат дека претворањето на паркингот во пешачка зона е само еден дел од целата студија, а изработени се и два сообраќајни проекта за централното градско подрачје за претворање улици од двонасочен во еднонасочен сообраќај, пешачки зони, смирен сообраќај и друго. Покрај тоа што паркингот ќе стане плоштад, општината ќе побара од јавноста и експертите во областа да понудат идејно решение што ќе даде добра насока за целосно уредување на плоштадот со нови содржини.
За да се ублажи проблемот со паркинг-просторот во градот и да не се појави недостиг од паркинг-места, локалната самоуправа на Битола работи на подготовка на проектна документација и уредување паркинг-простори на повеќе локации во градот, како што се „Декорпод“, „Ат пазар“, „Овчи пазар“, соодветно се адаптира просторот кај поранешен ЈАТ, паркинг-просторот на улицата „Цане Василев“, а ќе следуваат и површините наменети за паркирање кај улиците Нико Фундали и Никола Русински, просторот меѓу зградите т.н. хеликоптери, како и делот зад СВР-Битола.
– Со организирани активности и во координација со ЈП „Паркинзи“, веќе се работи и на поттикнување на граѓаните за активно користење на постојните обележани паркинг-простори и надминување на проблемите со паркирање на возилата на несоодветни места и зелени површини- велат од локалната самоуправа на Битола.

Битолска навика: На кафе со автомобил!?

Инаку, поради големиот број возила, особено во летните месеци, кога има голем број повратници од странство во Битола и кога битолчани буквално не слегуваат од возилата и дури на кафе одат со автомобили, недостигот од паркинг-простор им беше и им останува ноќна мора на битолчани. Зонското паркирање во Битола, кое започна да се спроведува пред неколку години, иако во извесна мера го ублажи, сепак не го реши проблемот со паркирањето во градот и не ги даде посакуваните ефекти.
И покрај тоа што неодамна целосно се реновира паркинг-просторот кај спортската сала „Боро Чурлевски“ и со отстранувањето на монтажните гаражи од неколку локации во градот се создадоа неколку нови паркинг-зони, сепак тоа воопшто не го реши проблемот со паркинг-просторот во градот под Пелистер, кој со над 25 илјади возила, според некои сондажи, е на второ место во државата по бројот на регистрирани возила. Во таква ситуација возачите паркираат каде што ќе стигнат, па пајак-службата на ЈП „Паркинзи“ буквално не може да постигне во подигањето на непрописно паркираните возила и ставањето ред во сообраќајниот хаос во Битола.
Општина Битола и покрај тоа што недостигот на паркиралишта се обиде да го реши со изработка на проекти за изградба на катна и подземна гаража во самиот центар на градот, сепак за жал не ги реализира овие проекти и тие останаа само мртво слово на хартија. Во изминатите години од страна на локалната самоуправа во Битола се направени неколку сообраќајни студии и многу проекти за решавање на сообраќајниот хаос, но барем досега нема решение. Битола и натаму е град што се задушува од возила. Поради тоа што Битола е град со старо градско јадро, лимитирани се можностите за решавање на проблемот со сообраќајот.

И научни трибини за решавање на сообраќајниот хаос во Битола

За да се реши сообраќајниот хаос во Битола деновиве се одржа и научна трибина насловена „Битола учи од Љубљана“. На трибината се дискутираше за тоа како Љубљана го реши хаосот со сообраќајот. Учесникот во дебатата, професорот Јанез Кожул од Љубљана, рече дека Битола има прекрасна пешачка зона, која е жива, но, за жал, само доколку фрлите еден поглед на околината, ќе видите дека тоа е град што полека пропаѓа“.
– Ние успеавме да го направиме тоа дури откако го преуредивме јавниот простор во Љубљана. Постепено ги продолживме пешачките зони. Центрите беа најголеми паркиралишта. Велосипедот стана ‘рбетот на јавниот сообраќај и конкуренција на автобускиот превоз, како и најупотребувано алтернативно превозно средство. Поставивме голем број пунктови со над 1.000 велосипеди за изнајмување каде што првиот час е бесплатен – истакна професорот Јанез Кожул, зборувајќи за тоа како Љубљана го реши проблемот со сообраќајот и како ги продолжи пешачките зони.
А иако има идеални услови за изградба на велосипедски патеки, Битола засега нема изградено ниту една. Од неодамна во мирување е и проектот со ЕУ за изградба на велосипедска патека, иако Европската комисија искажа добра волја да го финансира со над 450.000 евра.
Инаку, покрај преуредувањето на паркинг-просторот во центарот на градот во пешачка зона, за да се зголемат и прошират пешачката зона и битолското корзо, на сите кафулиња им се намали просторот за поставување урбана опрема и со тоа Широк Сокак конечно стана „широк“.