Цаките или, пак, триковите на идентитетскиот инженеринг врз македонскиот народ се содржат во препораките на заедничката историско-образовна комисија! Таа е формирана, не на научна, туку врз политичка матрица. Така, произлегува дека Бугарија успеа да наметне прекин на секаква идентитетска врска на македонскиот народ со историските личности од минатото врз кои почиваат самата македонска држава и наративот втемелен врз историски факти што ги учеа генерации Македонци.
Софија, по објавувањето на препораките на комисијата, демонстрира нескриено задоволство, посебно изразено меѓу бугарските историчари, лингвисти, професори, кои јасно кажуваат дека ова е прва победа и дека нема да запрат до остварувањето на крајната цел, целосно бришење на македонскиот идентитет од историскиот контекст и негова замена со бугарскиот…
Да не се дозволи кинење на историските врски врз кои почива македонскиот идентитет
Тезата дека на сцена се одвива идентитетски инженеринг врз македонскиот народ од ден на ден сè посилно се потврдува, а последен доказ дека работите одат во таа насока се усогласените препораки што ги донесе заедничката македонско-бугарска историска комисија, со кои се препорачува заедничко чествување на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и цар Самуил и тие се промовираат исклучиво како бугарски дејци.
На овој начин се уриваат сите врски на македонскиот народ со историскиот наратив врз кој е граден неговиот идентитет, отворајќи можност за една нова поинаква нарација, која во иднина ќе ја диктира Бугарија и која несомнено ќе биде приспособена на нивните историски гледишта.
– Средновековните империи и држави се сосема различни државни творби, идентитети и контексти од современите држави и нации. Затоа настојуваме да избегнеме да се гледаат настаните пред 150 и пред 1.000 години во денешната етничка призма, а сакаме да ги истакнеме универзалните вредности на луѓето од тоа време преку кои може да се поврзат двата народа и не само двата народа – истакна Драги Ѓоргиев, копретседателот од македонската страна на заедничката мешана историска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија. Притоа тој не објаснува зошто современата бугарска држава не покажува никакви универзални вредности, туку себично и ненаучно си ги присвојува сите идентитети и контексти од средновековието.
Ако Македонија се откажа од сопствениот идентитетски наратив од овој средновековен период, тогаш прашање е како воопшто ќе го брани идентитетот кога ќе преговара за дејците од 19 век, кои на Софија ѝ се уште поважни, кога веројатно ќе мора да се согласи да го прифати бугарскиот наратив и за Гоце Делчев, Дамјан Груев, Ѓорче Петров и другите револуционери, за Илинденското востание, како и за браќата Миладиновци, Рајко Жинзифов и сите други што твореле и се бореле во името на македонската кауза.
Произлегува дека Бугарија успеа во својата намера да прекине секаква идентитетска врска на македонскиот народ со историските ликови од минатото врз кои почиваат самата македонска држава и наративот што го учеа генерации Македонци и врз кој почиваше сета наука тука. Дека тоа е така најдобро говори нескриеното задоволство меѓу бугарските историчари, лингвисти, професори, кои јасно кажуваат дека ова е прва победа и дека нема да запрат до остварувањето на крајната цел, целосно бришење на македонскиот идентитет од историскиот контекст и негова замена со бугарскиот.
– Победа за бугарската историска наука! Двегодишната битка за одбрана на бугарската позиција во однос на историските спорови со С. Македонија стигна до првата победа! Колегите во Скопје официјално го признаа очигледното, што и тие го знаеја всушност многу добро. Цар Самуил е бугарски цар, учениците на Кирил и Методиј по покана на кнезот покрстител Борис-Михаил го шират нивниот збор низ Бугарското Царство, Преслав и Охрид се бугарски книжевни центри. Сето тоа треба да биде запишано во учебниците на децата во РСМ – се вели во изјавата на „Националниот круг за Македонија“, платформа во која членуваат бугарски професори – историчари и лингвисти.
Академик Катица Ќулафкова реагира на препораките на заедничката мешана историска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, категорично тврдејќи дека целосно се брише македонскиот идентитет.
– Препораките се само уште еден обид да се проблематизираат македонскиот идентитет, неговото потекло, историски развој и легитимитет… Од секоја ставка произлегува ставот дека сите историски личности, настани, институции и вредности се, всушност, бугарски, оти сите постојат и се наведени, од тракиската голема култура, до Дарданците, само Македонците никаде ги нема на историската мапа. Препораките, всушност, произлегуваат од ригидниот став дека на територијата на Македонија живеат „македонски Булгари“, а не и етнички Македонци – смета Ќулавкова.
И историчарот Тодор Чепреганов е убеден дека станува збор за одлуки што целосно го поткопуваат македонскиот идентитет и кои ги донеле некомпетентни луѓе.
– Станува збор за некомпетентна комисија за историски и образовни прашања, која носи некомпетентни заклучоци. Со ваквите најнови одлуки силно се удира врз македонскиот национален идентитет и култура. Со ова се прави обид да се смени или да се избрише колективната меморија на македонскиот народ. Јас лично сум против заедничко чествување историски личности, оти заедничко чествување може да прави еден ист народ, а не два различни народа. Ние и Бугарите сме сосема различни народи. Во 10-вековната историја само 120 години сме имале каква-таква врска со Бугарите, и тоа кога тие биле окупатори – изјави Чепреганов.
Професорот на Институтот за македонска литература, Илија Велев, изрази загриженост од ова што се случува, истовремено револтирано порачувајќи да се престане со разнебитувањето и уништувањето на македонскиот идентитет.
– Престанете полтронски кон политиката да растурате бугарска хегемонистичка магла во македонската наука, образование и културна традиција. Не знам дали свесно или од политикантска компромисна заслепеност го притемнувате македонскиот културно-историски идентитет и индиректно на Македонците им го оспорувате загарантираното меѓународно право за национално, културно и јазично самоопределување: како посебен народ и како посебна национална историја и култура – со вековна традиција и континуитет – порачува Велев.